Брзата рака на фотографот: Во тек на пробен лет сликан ударниот хеликоптер Ми-28НМ „Супер ловец“

Слободан Ѓукиќ
Ростовски вљубеник во авијацијата во фаза на летање објави снимка од длабоко модернизираниот ударен хеликоптер Ми-28НМ кој се тестира за потребите на руската армија. Овој модел на хеликоптер лесно се препознава бидејќи има карактеристична топчеста површина која се наоѓа над ротирачката елиса, а во која се наоѓа радарска станица за кружно набљудување.

Ми-28НМ претставува развоен проект на холдингот „Хеликоптери на Русија“. Борбената машина е способна да изврши широк спектар задачи, како што е борба против непријателска оклопна техника и жива сила, нисколетачки воздушни цели кои се движат со мала брзина, операции за извидување, како и означување на цели за други хеликоптери и за борбени авиони.

Она што е особено интересно е сериозното техничко унапредување на командните функции на хеликоптерот. Имено, инженерите конструираа систем со двојни команди, што драстично го зголемува степенот на преживување доколку дојде до ранување на еден од членовите на екипажот.

Во однос на основната верзија на „Ноќниот ловец“ двојно е зголемена зоната на откривање на целите и подобрени се маневарските способности на леталото, интегриран е посилен мотор и додадено е високопрецизно вооружување со зголемен дострел.

Модернизираната верзија на хеликоптерот, како и другите модели на современата воена техника, е продукт на насобраните борбени искуства од Сирија. Тоа особено се однесува на руските Воздушно-космички сили кои посебно беа ангажирани во операцијата за борба против меѓународниот терор кој изврши агресија врз оваа земја. Треба да се спомене дека и ирачките сили за безбедност набавија од Русија контингент хеликоптери Ми-28Н, кои исто така интензивно се применуваа против терористичките формации на Исламската држава која зазеде големи делови од таа држава. И ирачките искуства во примената на ова летало послужија за создавањето на „супер ловецот“.

Кон крајот на 2017 година Министерството за одбрана на Русија го нарача првиот контингент модернизирани хеликоптери за потребите на руската армија. Во моментов првата група од овие хеликоптери се наоѓа на тестирање, а има и информации дека летала од овој тип борбено се тестираат во Сирија. Се претпоставува дека наскоро во хеликоптерските единици на руската војска ќе влезе првата ескадрила на модернизираните летала.

Погледнете го видеото: Лет над Москва

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња