50 најпознати советски и руски ЦРТАНИ (ВИДЕО)

Кира Лисицкаја
Творците на технологијата на анимацијата, најпознатите екранизации, омилените јунаци кои ги засакаа многумина гледачи ширум светот, современите популарни цртани серии – сето ова е историјата на руската анимација која трае подолго од еден век.

1. „Убавата Луканида“ или „Војна на стрижибубите и еленчињата“

Првиот куклен филм е направен со снимање поединечни кадри, што на почетокот на 20 век било нешто ново во целиот свет. Ги има снимено втемелувачот на комерцијалната анимација Владислав Старевич. Приказната е сатирична копија на популарните витешки романи: за наклоноста на омажената царица на еленчињата се бори грофот Герос од непријателското племе на стиржибубите. Во анимираниот фил се искористени исушени инсекти од колекцијата што лично ја поседувал Старевич, со оглед на тоа што долго се занимавал со ентомологија. Ова остварување имало неверојатен успех во целиот свет. Првобитно филмот беше нем, но сто години подоцна рускиот „Госфилфонд“ го реставрираше и му додаде музика и глас на наратор за современите гледачи да можат да ги сфатат сите перипетии на љубовната битка меѓу инсектите.

2. „Пошта“, 1929 година

Првиот советски звучен цртан филм во обоена верзија беше и првиот советски цртан филм во боја. Го осмисли илустраторот Михаил Цеханов кој работеше со поетот и преведувач Самуил Маршак. „Пошта е снимен врз основа на графичките цртежи на Цеханов со истоимените стихови на Маршак, со тоа што поетските рими беа мошне добро усогласени со ритамот и со дејствието на графичкиот приказ. За жал, денес овој историски потфат гледачите можат да го оценат само во првобитната нема верзија зашто не е зачувана озвучената верзија во боја каде стиховите ги читал Даниил Хармс, исто така познат руски поет. Освен тоа, кон средината на шеесеттите години од минатиот век Цеханов речиси во целост, и во согласност со развојот на технологијата, го повторил своето оригинално ремек-дело и заедно со својата сопруга снимил нова верзија на цртаниот филм.

Верзијата од 1964 година на сајтот на КиноПоиск

3. „Новиот Гуливер“, 1935 година

Првиот долгометражен цртан филм на светот кој го воодушеви и Чарли Чаплин. Го сними режисерот Александар Птушко. Тоа е приказна за патувањето на пионерот Петја Константинов, кој всушност е Гуливер. Започнува како класичен детски филм со учество на вистински актери, но поголемиот дел од приказната е посветен на куклената „земја на Лилипутанците“ во која Петја стасува на сон. Филмот е прикажан и во советските и во светските кина. На прв поглед во целост е испочитувана идеологијата на партијата, но ако обрнеме внимание ќе видиме дека сите фигури на работниците се идентични, додека фигурите на дворјаните се разликуваат една од друга во целиот филм и таму можеме да забележиме сатирични забелешки упатени на секој државен поредок.

4. „Коњче-грбавче“, 1947 години

Екранизација на класичната сказна на рускиот писател Пјотр Ершов направи режисерот Иван Иванов – Вано. Тоа беше едно од наставните средства за американските аниматори на кои лично Волт Дизни им го прикажа советското „Коњче“. Овој цртан филм доби и награда на филмскиот фестивал во Кан. Во сижето е отелотворен поголемиот дел руски народни сказни: таткото има три сина од кои најмладиот го викаат Јовче Будалчето. Благодарение на својата добрина тој станува непосреден учесник во магични настани, се среќава со суровиот цар кој го користи да го освои срцето на цар-девојката, и секако, со необичното Коњче-грбавче. Магичниот крај на овој цртан филм потсетува на вистински холивудски хепиенд. Не случајно Иванов – Вано во седумдесеттите години од минатиот век го подобри филмот со помош на посовремени технологии, така што овој цртан филм во 1977 година беше прикажан во кината ширум Америка.

Верзијата од 1975 година е достапна на сајтовите:

Культура.рф и Кинопоиск

5. „Снежната кралица“, 1957 година

Најпозната екранизација на приказната на Андерсен наградена на филмскиот фестивал во Кан, а воедно влијаеше и на созревањето на познатиот јапонски аниматор Хајао Мијазаки. Филмот го режираше Лев Атаманов кој заедно со уметникот Леонид Шварцман смисли уникатна технологија која стана прототип на технологијата на жива акција (live action). Токму затоа Снежната кралица, која е буквално пресликана од актерката Марија Бабанова, се разликува од другите јунаци со автентична зла сила и студено однесување, па немоќниот Кај не може да ѝ одолее, но отпор ѝ дава Геда која шири топлина на сите околу себе. Овој цртан филм, посветен на искрената поддршка на блиските луѓе кои не се плашат ниту од мраз, ниту од виулици, беше вистинско новогодишно чудо. Се прикажуваше за божиќните празници не само во СССР, ами и во други земји. Особено им се допадна на младите американски гледачи. Поради тоа не е случајно што многу години подоцна и вториот божиќен цртан филм „Студено срце“ исто така традиционално се прикажуваше за време на божиќните празници, а исто така беше инспириран од приказна на Андерсен.

На сајтот Культура.РФ

6. „Диви лебеди“, 1962 година

И оваа приказна на Андерсен ја екранизираше Михаил Цеханов, па затоа визуелниот приказ е особено значаен. За разлика од универзалната „Снежна кралица“ тука се препознава особениот готски стил својствен за прозата на данскиот писател. Тој има магичен вел кој е внимателно осмислен со цел да не ги исплаши малите гледачи со драматичната приказна за тоа како принцезата Елиза се обидува да ги симне од своите браќа проклетството што на нив го има фрлено злата маќеа.

На сајтот Культура.РФ

7. „Приказна за едно злосторство“, 1962 година

Сатиричното деби на извонредниот уметник и режисер Фјодор Хитрук беше наградено во Венеција и на други филмски фестивали зашто неговата приказна е универзална, и покрај огромниот број прецизни детали кои го опишуваат советското секојдневие. Освен тоа, детективскиот жанр е редок за анимација, а цртаниот филм е монтиран според сите правила на играниот филм. Семјон Семјонович Мамин, 47-годишен послушен граѓанин, едно утро се побунува против сосетките кои гласно си муабетат. И каде го доведе сето тоа?

Филмот секако ќе им биде разбирлив на возрасните гледачи кои поради бучавата однадвор никако не можат на мир да ги отспијат „оние пет минути“ до будилникот. Но, тој и децата ќе ги научи да „не им тропаат на соседите на долниот кат“ и да ги почитуваат, особено доколку станот нема звучна изолација како што немаа многу советски згради од периодот на Хрушчов.

На сајтот КиноПоиск

8. „Топтишка“ („Топтыжка“), 1964 година

Уште еден цртан филм на Фјодор Хитрук посветен на добрососедските односи и на односите помеѓу родителите и децата, но снимен со сосема поинаква техника. „Топтишка“ е мошне пријатен цртан филм во кој гледачите добиваат желба да го погалат секој јунак, без оглед дали е тоа неуморното мече или зајчето со големи очи. Но, најважно е што цртаниот филм, како што доликува на детските сказни, ги учи децата да бидат толерантни и дружељубиви и покрај видските разлики.

На сајтот КиноПоиск

9. „Пакот! Пакот!“ („Шайбу! Шайбу!“) 1964 година

Анимирани филмови посветени на спортските теми се реткост. Во оваа област режисерот Борис Дјошкин беше вистински ас. Неговата приказна за двобојот помеѓу двајца цинични спортски мајстори и младиот тим е монтирана со толкава динамика што може да се спореди со вистински хокејски натпревар. Но, филмот не зборува само за спортските победи и порази, ами и за искрените емоции, за силата на сложните екипи и за вербата во соништата кои можат да станат стварност.

На сајтот КиноПоиск

10. „Бонифацие на одмор“, 1965 година

Многу пред „Мадагаскар“ Хитрук го сними цртаниот филм за тоа дека и лавовите кои работат во циркус имаат свои баби. И имаат годишен одмор кој треба да го искористат за патување. Цртачот е необично харизматичен, а антропоморфниот лав е нацртан со многу љубов. Приказната е и за возрасни, а не само за деца, зашто се зборува за тоа како работните навики можат да бидат од корист дури и на одмор.

11. „Ракавица“, („Варежка“) 1967 година

Оваа е најемотивниот советски цртан филм. Награден е на фестивалот во Ансија, главната меѓународна смотра на анимацијата. Во кусата куклена приказна без зборови режисерот Роман Качанов успеа да ја смести сета болка и сите надежи на детето кое мечтае за домашно милениче. Доколку се чудите зошто Русите го гледаат „Хачик“ без солзи, знајте дека во детството тие веќе го одгледале „Ракавица“.

На сајтот КиноПоиск

12. „Момчето и Карлсон“, 1968-1970 година

Приказните на шведската писателка Астрид Линдгрен за детската осаменост беа многу популарни во СССР, каде веднаш по објавувањето на книгата е снимен цртаниот филм за момчето, воспитано дете од стандардно семејство кое си има измислено свое другарче. Другарчето е возрасен маж во полна сила кој секогаш е подготвен да го поддржи Момчето кога тоа јаде слатки и презема луди храбри авантури на покривот (згора на тоа Карлсон има пропелер на грбот). Секако, под услов да не дојде строгата „куќепазачка“ Фрекен Бок, а според денешните мерила всушност неодговорна дадијарка која воопшто не ги разбира потребите на детето чии родители се постојано на работа.

13. „Вини Пу“, 1969-1972 година

Речиси во исто време кога во САД се појави „Вини Пу и напорниот ден“ на Дизни, во СССР се појави руска варијанта на мечето според мотивите од приказната на Алан Милн. Навистина, во советската интерпретација се изоставени Кристофер Робин и егзотичниот Тигар, а главните јунаци се самостојни и во голема мера им се својствени популарните варијанти на човековиот темперамент. Така колеричниот Вини постојано се впушта во авантури, преценувајќи ги сопствените сили, сангвиничниот Пјатачок на сите начини се обидува да го поддржи со нескротливиот оптимизам, меланхоличното магаре Иа се заканува дека со своето лошо расположение ќе им ги расипе дури и најбезболните потфати, додека флегматичниот Був и Зајакот со својот постојан реализам се подготвени да ги спуштат пријателите на земја.

14. „Ќе видиш ти!“ („Ну, погоди!“), 1969 година до денес

Овој цртан филм беше најпопуларен во Русија, а неодамна доби и продолжение кое сега личи на познатиот цртан „Том и Џери“, само што во советската интерпретација главните јунаци не се мачор и глувче, ами волк и зајак. Советскиот Волк беше толку силен и моќен што американскиот мачор не би можел да се мери со него. Дури и пушеше „пред камерите“. Освен тоа, во речиси секоја епизода на цртаниот филм „Ќе видиш ти!“ авторот Вјачеслав Котјоночкин алудираше на популарната култура од тоа време.

Старите епизоди на сајтот КиноПоиск

Нови епизоди:

15. „Крокодилот Гена и Чебурашка“, 1971 година до денес

Советскиот циклус цртани филмови направи Роман Качанов според сказните на Едуард Успенски. Цртаниот филм беше популарен во Русија, каде Чебурашка беше симбол на олимписката репрезентација, но и во Јапонија, каде се создаваат цртани серии и филмови на јапонски јазик според мотивите на познатите советски ликови. Чебурашка беше необична појава во СССР. Егзотичната ѕверка која „не е позната на науката“ малку личи на плишано мече, но со мошне големи уши. Допатувала во СССР во кутија со портокали и станува најдобар другар на Крокодилот Гена кој ги почитува сите закони, и покрај сите заврзлами на старицата Шапокљак – штетник кој е всушност олицетворение на интерниот систем. Љубовта кон ликовите од овој советски цртан филм е толку голема што на крајот на оваа година во Русија ќе се појави долгометражен филм за Чебурашка со примена на дигитални технологии наместо кукли.

На сајтот на КиноПоиск

Нова епизода:

16. „Могли“, 1973 година

Јуначкиот долгометражен епски цртан филм беше реткост за советската анимација. За волја на вистината, направен врз основа на неколку краткометражни цртани филмови според приказните на Радјард Киплинг. Како и во поголемиот број филмови на аниматорите што ја преживеале Втората светска војна, и тука во прв план е приказната за изгубено дете. Момчето во опасната џунгла мора да бара покрив над главата и семејство.

На сајтот КиноПоиск

17. „Ежето во магла“, 1975 година

Оваа анимирана одисеја е едно од најпопуларните остварувања на советскиот цртан филм во светот. Критичарите во повеќе наврати го имаат прогласено патувањето на Ежето на гости кај Мечокот за најдобра анимација на сите времиња. Филмот го сними Јуриј Норштејн, а автор на цртежите е сликарката Франческа Јарбусова. Делото се третира како класика, не само поради исклучително прикажаните главни јунаци, ами и поради добро изработената позадина и монтажа, така што гледачот заедно со Ежето патува низ вистинска магла и низ вистинска река, кои како да не се од анимиран, ами од игран филм, за да стаса до Мечокот кој е мошне загрижен поради толку тешкиот пат.

На сајтот Культура.РФ

18. „Тројца од Простоквашино“, 1978 година до денес

Многу генерации гледачи го сакаа овој циклус цртани филмови направен според мотивите на сказните на Едуард Успенски. Тука има нешто повторено од класичниот „Вини Пу“, само што наместо Кристофер Робин е момче со име на возрасна личност – чичко Фјодор. Тој се одвоил од родителите и го уредува својот секојдневен амбиент на село заедно до мачорот Матроскин и со кучето Шарик. А, тука е и несмасниот пензионер и поштар Печкин кој, што е својствено за социјалните служби, сепак се грижи поради тоа што момчето толку рано се осамостоило.

Нови епизоди:

19. „Мумиеви“, 1978 година

Најпознатите ликови од приказните на финската писателка Туве Јансон беа особено омилени во СССР, каде на крајот на седумдесеттите и на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век се појавија две анимирани серии за семејството Муми и нивните пријатели. Првата беше куклена. Неа во Москва врз основа на приказната на Јансон ја напиша познатата поетеса Људмила Петрушевскаја, а гласовите ги позајмија најпопуларните советски актери од тоа време. Тоа беше вистинска семејна серија. Втората е нацртана. Настана во студиото „Свердловскфилм“ и имаше дејствие достапно за децата, што се одрази и на надворешниот изглед на јунаците.

Куклената верзија

Цртаната верзија

20. „Контакт“, 1978 година

Кога се појави филмот „Кум“ музиката на Нино Рота стана позната низ целиот свет, но само во СССР познатиот саундтрак беше искористен за цртан филм, каде делумно се зборува за тоа како да се прифатиш самиот себе преку прифаќањето на другите, само од поинаков агол. Експресионистичкиот цртан филм е приказна за „контактот“ на сликарот кој во моментот работи на статичен пејзаж и вонземјанинот кој неочекувано се приземјува на тој пејзаж и може со телото и со звуци да го имитира сето она што го опкружува. Тие наоѓаат заеднички јазик со помош на природата што ги опкружува и со мелодијата на Рота.

На сајтот КиноПоиск

21. „Скаска над скаските“, 1979 година

Овој „филозофски“ цртан своевремено ги заземаше првите места на ранг-листите на најдобрите анимирани филмови на сите времиња. И него, како и „Ежето во магла“, го создаде Јуриј Норштејм. Трае нешто помалку од половина час. Филмот е спој на уметнички стилови и сфаќања (во широка смисла на зборот) од различни временски периоди и од различни земји. Делумно е осмислен како сон, и во тој сон се среќаваме со реминисценции на Тарковски и Фелини, на Лорка и Пруст, на Рембрант и Пикасо, чии цртежи го инспирирале Норштејн покрај животните, кои се инаку карактеристични за цртаните, да воведе и човечки ликови.

22. „Летечки брод“, 1979 година

Музичкиот цртан филм според истоимената руска народна сказна ги опфаќа практично сите фолклорни јунаци и дејствија на волшебните сказни. Тука е и прекрасната принцеза што таткото сака да ја омажи за подмолниот болјар, и нејзиниот спасител – обичниот оџачар Вања, и меланхоличниот дух во друштво со енергичните Бабички-Ежови. И секој јунак има своја лична песна и музичка тема. Овој добродушен мјузикл зборува за силата на љубовта која никнува и расте во живописниот, исконски руски амбиент. Тука се и задолжителните брези, кои и самите играат важна улога во сказната.

23. „Тајната на третата планета“, 1981 година

Необична фантастична приказна за патување во космосот на кое во 22 век заминуваат 9-годишната Алиса и нејзиниот татко професорот Селезњов во потрага по нови видови животни. Филмот како да нуди сопствена верзија на „Војна на ѕвездите“ и антимилитаристички пристап на патувањето надвор од границите на Сончевиот систем. Сите битија кои се разликуваат од космонаутот се осмислени со многу имагинација, како и во делото на Џорџ Лукас. Покрај тоа, дејствието е проследено со мотиви на техно рејв, чија популарност се зголемуваше во текот на осумдесеттите години од минатиот век.

На сајтот Культура.РФ

24. „Мама за мамутчето“, 1981 година

Кратка и емотивна приказна за потрага по мајка и за вербата за остварување на соништата. Симпатичното младенче на мамут со огромни дизниевски очи ја има прежиевеано фазата на изумирање на својот животински вид и сега верува дека и покрај сите тешкотии ќе ја најде својата мајка. Мамутчето „не се плаши ниту од бранови, ниту од ветрот“, и на својот трнлив пат наидува на други животни, свои помошници. Цртаниот филм стана неизоставен дел од рускиот културен и јавен живот.

25. „Си беше еднаш едно куче“, 1982 година

Приказна за едно старо куче што сите го отфрлиле, и за волкот кој му помага да го врати некогашниот углед, заснован е на украинската народна сказна „Серко“. Оваа сказна стана позната во многу земји благодарение на режисерот Едуард Назаров. Тој успеа во филмот да го долови препознатливиот селски колорит и иронично да ја олицетвори пословицата „стариот коњ браздата не ја расипува“. Во Индија гласот на Кучето го позајми Митхун Чакраборти, најголемата ѕвезда на Боливуд, а во норвешката верзија Волкот неодамна проговори со гласот на Александар Рибак, победникот на Евровизија од 2009 година.

26. „Паѓаше минатогодишниот снег“, 1983 година

Анимација од пластелин што ја креираше Александар Татарски. Во овој цртан филм стануваат разбирливи многу стереотипи поврзани со Русите, кои дури и за Нова година се подготвуваат „брзо, но долго“, обично токму на 31 декември. Не е случајност што овој сатиричен анимиран филм е посветен на неуморниот јунак кој наспроти Новата година заминува по елка и верува дека ќе ја најде.

27. „Малиот домашдух Кузја“, 1984-1987 година

Ова е веројатно најпознатиот „домашен дух“ во Русија. Во цртаниот филм тој е сѐ уште многу млад, измачкан и недоделкан, но го има мудриот учител Нафања. Тука е и недружељубивата Баба Јага. Најважно е, меѓутоа, семејството, и во него девојчето Наташа кое е исклучително паметно за своите години. Кузја, од една страна, е олицетворение на човечката вера во силата од другата страна, но од друга страна нему му е својствено со својата непосредност да ги собира и да ги обединува луѓето и битијата од различна природа. Зарем тоа не е сигурен знак дека станува збор за чувар на домашното огниште?

28. „Враќањето на изгубениот папагал“, 1984-1988 година

Сатиричен цртан филм за еден ексцентричен папагал Кеша кој станува јунак на Перестројката и, како што е својствено на овие птици, на сите страни го огласува она што се случува во неговото опкружување. Тука е и Тахити, за кого Кеша некаде одамна има слушнато на вести, вести од светот на криминалот, и песните на главната естрадна ѕвезда Ала Пугачова, и монолози на најпознатите советски комичари, и секако, капитализмот кој ја заплисна советската секојдневност.

На сајтот КиноПоиск

29. „Крилја, нозе и опашки“, 1986 година

Филозофски стрип и неговото главно мото: „оној што е роден да трча, не може да лета“. Нојот се обидува да го улови гуштерот, а овој ја отфрла опашката и успева да избега. Но, нојот му се допаднал на супот, па супот се обидува да го научи да лета. Впечатливата приказна, спротивна на логиката на „синџирот на исхрана“ ја нацртаа Александар Татарски (кој во советската анимација пропагираше иронична графика) и Игор Коваљов (кој потоа работеше на американскиот „Симпсонови“).

30. „Истрагата ја водат Колобки“, 1986 година

Цртан филм во хулигански стил кој исто така го направија Татарски и Коваљов. Ова е пародија на „возрасните“ советски детективски филмови. Браќата Пилоти, постариот Шеф со задолжителна капа и луле, како Шерлок Холмс, и неговиот Колега со смешен шешир се занимаваат со истрага на кражба на редок пругаст слон од зоолошката градина. Во цртаниот филм најчесто се слуша фразата „Ништо не разбирам“, но иследниците, сепак, благодарение на својата самоувереност и на среќната случајност, успеваат да ги пронајдат и да ги неутрализираат злосторниците.

31. „Накази“ („Выкрутасы“), 1987 година

Ремек-дело на Гари Бардин, еден од најпознатите мајстори на руската авторска анимација. Цртаниот филм доби „Златна палма“ на филмскиот фестивал во Кан. Необично е тоа што ликовите се направени од жица (нацртана е само оскудна позадина). Жицата како средство за правење ликови воедно е и метафора за тоа како човек намерно може да се огради од надворешниот свет и буквално да остане зад бодликавата жица.

На сајтот КиноПоиск

32. „Островот со богатство“, 1988 година

Многу пред „Пиратите од Кариби“ режисерот Давид Черкаски создаде своја верзија на романот на Роберт Луис Стивенсон каде балансира на границата помеѓу детски филм и филм за возрасни. Пиратскиот живот е незамислив без штетни навики кои лоши се вклопуваат во цртаните филмови, па затоа Черкаски во „Островот со богатство“ не се плаши од играните сцени, снимени, меѓу другото, и поради недостаток од време. За волја на вистината во американските кина овој цртан филм беше прикажан без овие играни сцени.

33. „Болеро“, 1992 година

За овој цртан филм режисерот Иван Максимов ја доби „Златната мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал. Поднасловот „филм со зголемено ниво на духовност“ ја одразува тенденцијата на ваков филм, каде празнината често ја крие наједноставната смисла, а развојот на дејствието е заменето со визуелна естетика. Ова особено важи за цртаниот филм на Максимов со музиката на Морис Равел.

34. „Старецот и морето“, 1999 година

Добитник на Оскар и прв анимиран филм во светот кој е снимен за кината ИМАКС. Го создаде Александар Петров, уметник и голем почитувач на литературата. Тој две и пол години работеше на екранизацијата на делото на Хемингвеј, што не е чудно, со оглед на тоа што секој кадар го сликаше на стакло, не само со четкичка, ами и со прсти. Излезе неверојатно убава авантуристичка приказна за силата на духот и емотивното пријателство.

35. „Џуџеро Нос“, 2003 година

Ова е првиот руски долгометражен цртан филм снимен по кризата што во текот на деведесеттите години од минатиот век ја зафати и сферата на анимираните содржина, кога престанаа да постојат државните филмски студија. Цртаниот филм е направен според мотивите на истоимената приказна на Вилхелм Хауф, во апсолутно „дизниевски“ стил. Момчето Јакоб се обидува да излезе на крај со проклетството кое на него го има фрлено лошата вештерка, и во тоа може да му помогне доброто срце, и љубовта, секако.

36. „Смешарики“, 2003 година до денес

Прва руска цртана серија која првобитно е осмислена исклучиво како комерцијален проект, но со текот на времето стана една од најпопуларните во Русија и надвор од нејзините граници. „Смешарики“ настанаа како резултат на рекламна задача чија цел беше да се направи амбалажа за нови чоколадни бонбони со тркалезен облик. Меѓутоа, јунаците што дизајнерите ги осмислија излегоа толку добри што беше штета со нив да не се направи голема цртана серија која би можела да се искористи како промотивен материјал за пласирање производи со слики со овие ликови. Така се појавија веселиот Крош, романтичната Њуша, меланхоличниот Бараш, искрениот и отворен Копатич, Лосјаш кој е желен за авантури, мудриот Кар-Карич и многу други тркалезни ликови.

37. „Аљоша Попович и Тугарин-Змеј“, и други цртани филмови за Тројцата витези, 2004 година до денес

Оваа анимирана франшиза е најпопуларна во Русија. Заснована е на стар јуначки еп, но иронично го доведува во прашање јунаштвото на домашните „витези“. Многу пред просветениот феминизам да го зафати западниот свет во овие филмови се прикажани момци кои со децении се излежуваат на печката и ништо не би можеле да направат без женската поддршка, но и без харизматичниот Коњ Јулиј, кој неслучајно го има добиено името на Цезар. Оваа серија е редок случај во руската анимација каде долгометражниот филм е интересен и за децата и за возрасните кои во него препознаваат интересни актуелности.

Сите филмови со титли на Јутјуб каналот

38. „Маша и мечокот“, 2009 година до денес

Руската цртана серија има огромен број гледачи ширум светот. Дури и влезе во Гинисовата книга на рекорди зашто една епизода стана најгледан анимиран клип во историјата на сервисот Јутјуб. Дејствието се засновува на руските народни сказни за девојчето кое е на гости кај мечокот, но и на класичната цртана серија „Том и Џери“. Маша тука како непослушното глувче Џери постојано прави проблеми и сака да избега во шумата, додека Мечокот, за разлика од мачорот Том и неговите животински инстинкти, покажува позрела мудрост. Можеби тајната на успехот на оваа серија е токму во тоа спротивставување на детската хиперактивност и родителската сталоженост.

Сите епизоди на каналот на Јутјуб

39. „Грдото пајче“, 2010 година

Долгометражниот цртан филм, добитник на награда на Канскиот фестивал, на Гари Бардин, е направен со помош на различни технологии (кукли и пластелин) и се засновува на многу културолошки елементи. Не станува збор само за приказната на Андерсон според која цртаниот филм го има добиено името и музичките теми од „Лебедовото езеро“ на Чајковски, логично за ова дело. Тука е и, да кажеме“ „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел, но и тоа не чудно зашто „Грдото пајче“ е всушност есеј за ужасите на ксенофобијата разбирлив за сите возрасти.

На сајтот КиноПоиск

40. „Фиксики-мајсторчиња“, 2010 година

Научно-популарна цртана серија што ја осмислија авторите на „Смешарики“ во образовни цели. Главните јунаци се роботи кои живеат во различни технички уреди и наоѓаат заеднички јазик со момчето Дим Димич, а потоа и со неговите пријатели и со неговото семејство. Тие зборуваат за конструкцијата на нештата што нѐ опкружуваат, од фрижидерот до УСБ-меморијата.

Сите епизоди на каналот на Јутјуб

41. „Снежната кралица“, 2012-2017 година

Реинкарнацијата на приказната на Андерсон направена со користење 3Д графика сепак ја претрка „Студеното срце“. Можеби токму овој факт придонесе за популарноста на овој цртан филм во странство. Франшизата за „Снежната кралица“, каде, за волја на вистината, во прв план не е јунакињата од насловот, нити се Герда и Кај, ами тролот Орм, беше продадена во кината во неколку десетици земји, а особено беше популарна во Кина. Продолжението дури и беше направено токму во копродукција со Кина.

42. „Ку! Кин-Џа-Џа“, 2013 година

Осовременет анимиран римејк на истоимената советска фантазмагорија која во 1986 година ја сними режисерот Георгиј Данелија. Анимираната верзија е поедноставна и интернационална варијанта на оваа космичка сатира за секојдневието и за манирите на руското општество независно од историската епоха.

Филмот „Кин-Џа-Џа“

Трејлер за цртаниот филм на официјалниот канал на СТВ

43. „Мојот личен лос“, 2013 година

Овој цртан филм е добитник на наградата на Берлинскиот филмски фестивал. Тажен е, но во исто време има психотерапевтско дејство. Зборува за сложените односи на татковците и синовите, и за лекувањето на детските трауми. Момчето Миша одамна е пораснато, но во детството ја нема почувствувано родителската топлина по која толку копнеел, и затоа мечтаел дека на крајот ќе го најде големиот добар лос од своите момчешки спомени, истиот оној што бил исплетен на татковиот џемпер кога Миша бил земен од родилиштето. Во тие мечтаења момчето заборавило на сопствената реалност и на таткото кој сепак го сакал својот син, иако не умеел да ги изрази своите чувства.

44. „Навреда“, 2013 година

И ова е фестивалски цртан филм за детските трауми. Има добиено специјална награда на фестивалот во Ансија. Авторка е младата уралска сликарка и режисерка Ана Буданова. Главната јунакиња на цртаниот филм е жена во години која се гледа во огледалото и се сеќава на својата најдобра „другарка“ Навреда, зашто таа со своето црнило ѝ ја помрачила секоја надеж за среќен живот.

45. „Не можеме да живееме без космосот“, 2014 година

Овој цртан филм на Константин Бронзит беше номиниран за Оскар. Ниту визуелно, ниту според дејствието, не заостанува зад „Меѓуѕвездениот“ (англ. Interstellar) на Кристофер Нолан. Тука станува збор за двајца пријатели кои од детството мечтаеле да станат космонаути и заедно студирале тоа. Но, на едниот од нив му било судено да лета во космосот, а другиот да остане во резерва. Меѓутоа, овој цртан филм всушност не е посветен на мечтаењето за ѕвезденото небо, ами за пријателството, до солзи потресно и поголемо од самата Вселена.

Трејлер на каналот на Јутјуб:

46. „Три мачки“, 2015 година до денес

Универзална цртана серија која по прикажувањето на руската телевизија ја купија Nickelodeon и Netflix. Ова е приказна за животот на мачешко семејство каде има многу мачиња, а меѓу нив се и „три мачори и една мачка“. Во кусите епизоди се зборува за секојдневните авантури на мачињата, каде мачорите често дејствуваат нагонски, а малата мачка сепак се обидува да покаже разум и одговорност кон родителите. Родителите, за волја на вистината, и самите даваат мноштво мудри совети за животот, така што секоја, па и најлудата авантура завршува со сложно семејно „мјау-мјау“, кое е разбирливо на сите јазици во светот.

Сите епизоди на каналот на Јутјуб

47. „Знаеш ли, мамо, каде бев“, 2017 година

Уникатно остварување на режисерот Лео Габриаѕе, познат во странство по сценариото за „скринлајф“ хоророт „Анфренд“. Овој цртан филм е сеќавање на детството на таткото на режисерот, прочуениот советски режисер Резо Габриаѕе, евоцирано врз основа на цртежите на Резо. Покрај детските фантазии филмот содржи и тешко поднослива стварност со која се соочува 10-годишниот Резо во грузиското селце по Втората светска војна.

48. „Авантурите на Петја и Волкот“, 2018 година до денес

Оваа цртана серија е посветена на тинејџерите, што е реткост во светот на анимираниот филм. За волја на вистината, лесно се гледа на секоја возраст. Станува збор за своевиден советски одговор на популарниот „Рик и Морти“. Режисер е Алексеј Лебедев, еден од првите сценаристи на „Смешарики“. Петја и Волкот еден ден се сретнале и сега работат заедно и им помагаат на познатите ликови од приказните во решавање на крајно необичните ситуации. Сето ова е проследено со препознатливите реминисценции на руската и на советската култура, а има и интересни шеги поврзани со секојдневието на кои се смеат и децата и родителите.

49. „Нос или завера на нонконформистите“, 2020 година

Главното остварување на истакнатиот руски аниматор Андреј Хржановски е засновано на повеста на Николај Гогољ и на нејзината музичка интерпретација на композиторот Дмитриј Шостакович. Но, ова е само делумен опис, зашто цртаниот филм е всушност историја на Русија. Со помош на филозофско-сатирични колажи во кои се менуваат различни техники на анимација, Хржановски го воведува гледачот во „културниот код“ на Русија од 19 век до нашите денови.

Трејлер на каналот на Јутјуб:

50. „Боксбалет“, 2020 година

Филмот на Антон Дјаков беше номиниран за Оскар. Ова е приказна за односите меѓу бруталниот боксер и нежната балерина, а воедно е и спој на графичката сила на стриповите и на визуелно оскудната парафраза на сликите на Едгар Дега. Тука танчарките, како и спортистите, воопшто не се она што однадвор се очекува. Но, ги обединува заедничкиот спортски дух.

Тизер:

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња