Детство во војната

Степан Соснин кај баба си на раце (во средина) со своите втори братучеди и со тетките (на двата краја), во средина е и неговата прабаба. Уљјановск, 1940 година. Фотографија од лична архива.

Степан Соснин кај баба си на раце (во средина) со своите втори братучеди и со тетките (на двата краја), во средина е и неговата прабаба. Уљјановск, 1940 година. Фотографија од лична архива.

„Руска реч“ ги објавува сеќавањата на композиторот Степан Соснин, чие детство минало во Втората светска војна: првите бомбардирања, евакуацијата, гладот, мајката-зенитчица и пеењето песни за својата батерија преку телефон.

Пред војната семејството на Степан Соснин имало своја работилница: и мајка му и татко му биле декоратори во Бољшој театар. Но, кога дошла 1941 година, татко му го повикале на фронт. „Истата година дојде записка дека татко ми е исчезнат. Така ми кажа мајка ми. Таа остана во Москва за да го брани московското небо како зенитчица“, раскажува Степан Михајлович. Тој тогаш имал 4 години. Гладот и животот во земјанката со двокатни кревети му се познати од лично искуство. 

Има нешто во воздухот 

Тој се сеќава на сирените, на тоа како баба му велела „побрзо, побрзо“. Тие оделе во скривницата навечер. „Одевме и го слушавме бомбардирањето. Прозорците дома ни беа излепени со хартија за да не се скршат стаклата. Така беше во сите куќи“, вели Соснин. Степан ја памети војната во делови. Тој воопшто не ни разбирал што е тоа војна, но јасно памети дека нешто во воздухот не му давало мир. Не станувало збор само за германските авиони кои летале ниско над градот.

„Чувствував дека нешто не е во ред. Луѓето седеа во подрумите целите растревожени, иако јас таков стрес не чувствував зашто бев многу мал“, објаснува тој.


Степан Соснин со баба си пред војната, 1940 година

Против германските бомбардери беа поставени аеростати, „мали дирижабли“, кои пречеа во летот, и зенитни дивизиони на влезот во престолнината. Жените ги опслужуваа локациските прибори на зенитните уреди, определуваа каде се наоѓаат целите што се движат. „Мајка ми опслужуваше една од тие батерии. Јас и баба ми бевме евакуирани во ноември-декември 1941 година во Уљјановск (890 километри од Москва) кај моите тетки. Тие имаа само момчиња за гледање, јас им бев деветто, можете да си претставите?“. 

Постојано бевме гладни 

Од гладот нè спасуваше само тоа што во семејството работеа две жени и ним им даваа бонови за прехранбени производи. „На едно од момчињата му даваа да сече леб, за никој да не добие повеќе. Сите добиваа по мало парче. Јадењето беше скудно. Постојано бевме гладни. Дури отпадоците од чистениот компир се јадеа“, си споменува Соснин. 

Ние за нашите славни предци
По повод 70-годишнината од крајот на Втората светска војна редакцијата на „Руска реч на македонски“ со своите читатели ги споделува семејните приказни за дедовците и прадедовците кои учествувале во борбата против фашизмот.

Тој успеал да се врати од евакуација во Москва во 1943 година, одвај стасале, зашто немало директен пат. На почетокот пловеле по Волга, потоа баба му се качила со него во воз со војници (други возови тешко се наоѓале), кои оделе на фронт. Малиот Степа го скриле под седиште. Во близина на Москва тие се качиле на товарен воз преполн со луѓе и стасале до московскиот стан во кој тие имале соба од осум метри квадратни. Во 1943 година германските авиони повеќе не летале над Москва, но постоела наредба зенитниот дивизион никаде да не оди. Мајка му продолжила да живее во земјанката: „Ринеа земја, ја обвиваа со трупци од сите страни, одозгора правеа покрив и го насипуваа со земја така што воопшто не можеше да се забележи од височина“. Тој проживеал таму со неа до 1944 година. 

Живот во полн ек 

Уште во тоа време зенитните уреди се користеле не само за воени цели: секоја победа во воената кампања задолжително се одбележувале со почесна стрелба. Колку подалеку, толку подолго траела почесната стрелба. „Нема да заборавам како со мајка ми седевме во американскиот 'Студебекер' на кој беа закачени зенитки и се пукаше. Експлозијата беше толку голема што сѐ се тресеше. Се полнеше со вистинска муниција. Беше многу страшно, но јас се гордеев што седев таму со нив“. 

„Всушност, животот беше во полн ек“, се сеќава Степан Михајлович. Го испраќале во обезбедуваниот овоштарник на Тимирјазевската академија по јаболка. Морал да се искачува и да краде. „Се сеќавам дека прикажуваа филмови на креветски чаршави. Се сеќавам на романтичните врски помеѓу девојките и момчињата. И како пееја воени песни. Војниците и мене ми велеа да пеам. Јас им пеев на другите батерии преку телефон, зашто меѓу нив постоеше телефонска врска“. 

Веќе кон крајот на војната Степан се запишал во хорското училиште, откако случајно на радио слушнал дека се примаат кандидати. На почетокот на училиште одел од земјанката, а потоа го префрлиле во интернат. „Полето каде што се наоѓаа нашите земјанки сè уште постои, тоа е слободно. Покрај него одат трамваи, а јас минува покрај него и се сеќавам дека тука се наоѓаше зенитната батерија“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња