Рускиот лек против хепатитис Д во Америка окарактеризиран како „продорна терапија“

Reuters
Препаратот создаден во фондот „Сколково“ ќе се појави на рускиот пазар кон крајот на 2019 година.

Во Русија е направен првиот лек против хепатитис Д, болест која досега беше неизлечива. Препаратот е создаден во биотехничката компанија „Гепатера“ од фондот „Сколково“. Управата за храна и лекови на САД (US Food and Drug Administration, FDA) му додели на новиот лек статус на „продорна терапија“. Ова во понеделникот го соопшти информативната служба на фондот.

„На препаратот Myrcludex B, чиј творец е биотехнолошката компанија „Гепатера“ од фондот „Сколково“, Управата за храна и лекови на САД (US Food and Drug Administration, FDA) му додели статус на „продорна терапија“. Myrcludex B е во светот првиот лек против хепатитис Д, болест која досега беше неизлечива. Тој е ефикасен и во лекувањето на хепатитис Б“, се наведува во соопштението.

Тоа што FDA му го доделила на новиот лек статусот на „продорна терапија“ значи дека експертите за развој и тестирање на лекови ја потврдуваат ефикасноста на овој препарат. Тоа ќе го поедностави пласирањето на лекот на пазарите на САД и Европа. Како што се истакнува, продуктивноста и безбедноста на лекот е докажана во текот на истражувањата во водечките клиники на Русија и Германија.  На рускиот пазар овој препарат ќе се појави кон крајот на 2019 година.

Myrcludex B е создаден врз основа на истражувањата на научниците на Универзитетот „Рупрехт-Карл“ во Хајделберг (Ruprecht-Karls-Universitt Heidelberg) и се развива во рамките на меѓународната соработка со биотехнолошката компанија MYR Pharma, GmbH (Немачка). Myrcludex B го блокира рецепторот низ кој честичките на вирусот продираат во ќелиите на црниот дроб. Така се спречува понатамошното ширење на запалението и развој на опасни компликации. При блокадата на протеините вирусите остануваат надвор од клетките, каде што ги уништува имуниот систем на организмот.

„Компанијата „Гепатера“ го развива првиот препарат во својата класа за лекување на хроничен хепатитис Б со делта агенс, што е најтешко вирусно заболување на црниот дроб од кое страдаат околу 15 милиони луѓе на светот. Во овој момент 90% од болните не ја примаат регистрираната стандардна терапија, а кај преостанатите 10% заболени се бележи крајно ниска ефикасност на лекувањето со помош на пегилиран интерферон (PEG-IFN), единствениот препарат кој во моментов се користи за тие цели“, изјави Камила Зарубина, директорка за развој во кластерот за биолошки и медицински технологии на Фондот „Сколково“, а нејзините зборови се наведуваат во споменатото соопштение.

Според процената на Светската здравствена организација, денес од хепатитис Б во светот боледуваат околу 257 милиони луѓе. Од тоа 15 милиони се инфицирани со хепатитис Д (кој се развива само кај заболени од хепатитис Б). Кај пациентите заразени со хепатитис Д постои голема веројатност за развој на терминален стадиум на инсуфициенција на црниот дроб во случај на акутна инфекција и забрзана цироза на црниот дроб, а во случај на хронични инфекции и веројатност за хепатоцелуларен карцином (рак на црниот дроб). Акутниот вирусен хепатитис секоја година однесува 1,5 милиони човечки животи – повеќе од ХИВ, маларијата и туберкулозата.

Прочитајте повеќе: Егзотична медицина: 7 лекови кои нема да ги најдете надвор поранешниот СССР

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња