Во Русија има осум различни природни подрачја, од непроодни шуми до вистински пустини. Но, најголемите екосистеми во земјата се тајгата и тундра. Која е разликата меѓу нив?
Според просторот што го зафаќа тајгата, таа е најголемата природна зона во Русија. Се протега од Псков до Магадан! Овој екосистем се состои главно од зимзелени шуми и мочуришта. Северната тајга има повеќе борови, додека во јужните делови е позастапена елата. Тајгата е населена со кафени мечки, елени, сибирски мошусни елен и амурски тигри. Но, ако ја посетите тајгата во текот на летото, сигурно ќе ги запознаете најстрашните жители на руската дивина: мушичките што чешаат, штркелите и џиновските комарци, кои на руски со еден збор се нарекуваат „гнус“.
Се разбира, многу сибирски и уралски градови се опкружени со тајга, како што се Кемерово, Краснојарск, Перм, Тоболск. Но, подобро избегнувајте да одите подлабоко во шумата, особено сами, за да не се изгубите.
За престој во природа и одмор од цивилизацијата, подобро изберете еден од многуте национални паркови во Русија.
Кампување, риболов, пловење, вечери со логорски оган - така многу Руси го поминуваат својот одмор, вклучувајќи го и Владимир Путин!
Тундрата се протега северно од тајгата, почнува приближно таму каде што започнува поларната зона. Тука дрвјата се реткост и претежно се џуџести по раст. Понатаму на север, дрвјата се заменети со грмушки, мов и лишаи.
Но, тоа не значи дека нема убави места во тундрата. Тамошните пејзажи понекогаш изгледаат апсолутно фантастично! Бројните кањони, ридови, водопади и езера ќе ве натераат да се вљубите во тундрата на прв поглед. Сон на многу љубители на патувањата се платото Путорана и полуостровот Кола.
Тоа што нема дрва не значи дека не е лесно да се изгубите во тундрата. Тоа е заблуда. Бескрајната рамнина која се протега на стотици километри е многу збунувачка, особено кога ќе ја посетите првпат.
Во тундрата светлината е дифузна и создава интересна оптичка илузија: далечните објекти изгледаат блиску, додека стебленцата трева и малите ридови изгледаат големи и далечни. Често има магнетни бури, што го отежнува користењето на современи уреди, но и на обичен компас. Исто така, не ги заборавајте поларните денови и ноќи, кога е невозможно да се ориентирате според ѕвездите и Сонцето. Притоа за време на поларните денови не ви требаат лампи.
Искусните туристи и локалните жители знаат да ги следат трагите, кои се видливи дури и по бурите и можат да ги доведат до луѓето.
Земјоделството во тундрата е проблематично, но луѓето можат да се навикнат на сè. Во градовите како Норилск, Дудинка, Мурманск, Салехард, Нарјан-Мар и Воркута живеат и работат илјадници луѓе. Во тундрата има многу минерали, вклучувајќи железна руда, јаглен и обоени метали.
Тундрата е населена и надвор од градовите. Како по правило, тука живеат староседелски народи кои се занимаваат со одгледување ирваси: Евенки, Канти, Манси, Чукчи, Ненеци, Долгани.
Ирвасите се всушност најбројното животно во тундрата, како и арктичките лисици, кои често влегуваат во населените места, слично на кучиња-скитници.
Помеѓу двата екосистема се наоѓа преоден појас. Тоа значи дека шумите не се заменети веднаш со лишаи. Промената е постепена: колку посеверно се оди, толку дрвјата се пониски, има сé помалку мочуришта а повеќе камења. Преодниот појас се нарекува шума-тундра. Изгледа како многу ретка зимзелена шума, со мочуришта, езера и изобилство од мов. Се протега во ширина од 20 до 100 километри во речиси сите делови на северна Русија и изгледа неверојатно живописно.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче