Во последниве 18 месеци уделот на руски лекови на внатрешниот фармацевтски пазар се зголеми од 24 на 28,5%, изјави рускиот министер за индустрија и трговија Денис Мантуров на седница на владината комисија за извозот на 8 јули. Во исто време увозот на лекови од странско производство се намали за 8,5%.
„Значителен обем на увоз има кај 526 лекови. Во следниве две години, сепак, над половина од нив ќе бидат заменети со еквиваленти од руско производство“, рече Мантуров.
Во исто време, извршниот директор на медицинскиот технопарк во Новосибирск Екатерина Мамонова наведува дека руските потрошувачи сè уште преферираат увозни лекови. Според неа, тоа се должи на фактот дека корисниците не се запознаени со квалитетот на лековите од домашно производство.
„Важно е не само да се прават квалитетни производи, туку и да им се кажува на корисниците дека тие се ефикасни. Многу руски производители не го земаат предвид фактот дека понекогаш цената за презентирање и рекламирање на иновативни производи е повисока од цената на нивното производство“, рече Мамонова на форумот во Новосибирск.
Евгениј Журављов од Уралскиот биомедицински кластер е убеден дека ситуацијата со презентацијата на руските иновативни лекови на пазарот може да биде сменета со помош на професионалните здруженија.
„Руските научници немаат искуство во изнесување идеја до крајниот корисник. Тие постигнуваат добри резултати во студиите кои потоа со години собираат прав на полиците од библиотеките“, вели Журављов. Токму на една таква „правлива полица“ неговиот кластер го открил антивирусниот лек „Триазавирин“ кој делува ефикасно против 15 видови грип. Лекот веќе е во производство.
Во моментов кластерот обединува 30 учесници, вклучувајќи 12 производствени компании за лекови и медицинска опрема. Една од главните иновативни области на кои се работи е развојот на средства за заштита на луѓето кои страдаат од болести на бубрезите, вели Журављов. „Благодарение на нашата работата Урал и уште неколку регионот веќе успеаја да ја прекинат зависноста од странски доставувачи на опрема и лекови за дијализа“, додава тој.
Медицински кластер е основан и во руската „силиконска долина“ Сколково. Државниот буџет одвои 1.5 милиони американски долари за неговото создавање. Проектот вклучува голем број медицински центри, инфраструктура и посебни простории за канцеларии и приватни истражувачки компании.
Откако ќе ги исполнат плановите за замена на странските лекови со локални, руските фармацевтски компании планираат да ги прошират своите активности во странство. „Проектот ни е планиран за 20-30 години, - вели Мамонова од Новосибирскиот медицински технопарк создаден во 2010 година. - Првата фаза е замена на увозот; планираме да ја развиеме оваа сфера до 2018 година. Потоа ќе се преселиме на меѓународниот пазар“.
Технопаркот работи во три приоритетни области во кои има потенцијал за успех, додава таа. Тоа се: трауматологија, неврохирургија и рехабилитациска медицина. „Главниот фокус е ставен на конструирањето на вештачко ткиво кое ќе брише различни дефекти“, вели Мамонова за „Руска реч на македонски“.
На пример, технопаркот развива технологија за моделирање на фрагменти на черепната коска кои можат да се отпечатат на 3Д-печатач. „Во иднина размислуваме за различни пазари. Во моментов работиме повеќе со Европа, што се однесува до технолошките размени“, објаснува Мамонова.
Уралскиот биомедицински кластер планира на меѓународниот пазар да го претстави антивирусниот препарат „Дезитол“ кој нема еквивалент во целиот свет. Овој препарат кој се нанесува на каква било површина по сушењето формира тенка полимерна антибактериска коричка.
„Приоритет ни се земјите од Југоисточна Азија. Тие се послободни кога станува збор за лекови од Русија“, вели Журављов за „Руска реч на македонски“. „Дезитол“ го уништува вирусот ХИВ, како и разни бактерии и патогени габи по кожата. Инвестицијата во овој лек изнесува 5 милиони американски долари.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче