Еве што беше вчера лансирано од рускиот воен космодром Плесецк

Global Look Press

Ноќниот спокој на студеното подрачје на Архангелската област вчера во 03:15 по московско време беше прекинато од грмежот на титанските мотори РД-0124 на ракетата „Сојуз-2.1б“ која руското Министерство за одбрана ја лансираше од космодромот Плесецк со намера да ја постави во орбитата својата нова „вселенска играчка“.

Ова беше трето лансирање годинава на товарни ракети „Сојуз-2“ од Плесецк, а штурото соопштение на Одделението за информации и масовна комуникација на Министерството за одбрана на РФ наметнува повеќе прашања отколку што дава одговори.

„Вселенскиот апарат лансиран за потребите на руското Министерство  за одбрана од космодромот Плесецк во Архангелската област е сместен во пресметаната орбита во предвиденото време и е преземен за контрола од копнените средства на Воздушно-космичките сили“, се наведува во официјалното соопштение и се додава: „Со леталото е воспоставена стабилна телеметриска конекција и таа се одржува.  Неговите системи функционираат нормално. „По преземањето на контролата над вселенското летало, нему му е доделен називот „Космос-2528“.

Токму во оваа последна реченица се крие трагата која може да разјасни за каква всушност машина станува збор, затоа што ознаката „Космос“ уште од шеесеттите години на минатиот век во руската космонаутичка номенклатура претежно се користеше за означување воени шпионски сателити.

„Космос-2528“ е всушност оперативна ознака за хиперсензитивниот шпионски сателит „Лотос-С1“ бр. 804, кој е четврти уред од овој тип поставен во орбитата во склоп на орбиталната програма на руската војска под називот „Лиана“. Оваа програма подразбира поставување на мрежа од надзорни сателити од два вида – „Лотос“ и „Пион“ – макар што во нејзиниот досегашен тек се лансирани единствено сателити „Лотос“.

Започната во текот на деведесеттите години на минатиот век, програмата „Лиана“ имаше за цел замена на старите советски сателити „Целина“ и „УС-ПМ“ со помодерни модели. Така апаратите од семејството „Лотос“ требаше да ги заменат сателитите „Целина“ во задачите на електронски надзор и пресретнување на радио и други комуникациски сигнали, додека сателитите „Пион“, како и нивните претходници „УС-ПМ“, беа наменети за поморско извидување, т.е. со непрекинато следење на противнички пловила, како на поединечни, така и на групирани. Тоа е она што е јавно познато, макар што одделни експерти сметаат дека овие сателити се способни и за офанзивни електронски операции.

Првиот сателит од оваа програма, „Лотос-С“ бр. 801, лансиран е со помош на ракета „Сојуз-У“ во ноември 2009. Вториот сателит од овој тип со ракета „Сојуз-2.1б“ е лансиран во декември 2014, додека третиот е поставен во орбитата во декември минатата година. Сателитите од класата „Пион“ сѐ уше немаа свои лансирања.

Вчера лансираниот „Лотос“ под број 804 е поставен во орбитата со перигеј (најниската точка) од околу 240 километри, со апогеј (највисоката точка) од околу 900 километри и наклон од 67,15 степени. Наредниве два-три дена, сателитот ќе ја коригира својата орбита со подигање на перигејот до висината на апогејот. Ова ќе го реализира со сопствениот погон.

Вчерашното лансирање не е од големо значење само за програмата „Лиана“, туку и за руската вселенска програма во целина, затоа што се случи само две недели по хаваријата на ракетата „Сојуз“ која требаше да ги однесе рускиот космонаут Алексеј Овчинин и американскиот астронаут Ник Хејг до Меѓународната вселенска станица. Тоа беше четврта хаварија на „Сојуз“ во овој милениум што,   кога се има предвид дека овие ракети досега имаа преку 1700 успешни летови, сведочи за нивната ненадмината сигурност.

Наредното лансирање на „Сојуз“ се очекува на 3 ноември кога сателитот „Ураган-М“ ќе се приклучи на навигацискиот систем ГЛОНАСС, додека комерцијалното лансирање од Француска Гвајана за потребите на поставувањето на европски климатски сателит ќе следи четири дена потоа. Следната мисија на „Сојуз“ со екипаж, наменета за ротација на космонаутите на Меѓународната вселенска станица, се планира за почетокот на декември оваа година.

Прочитајте повеќе: Руската војска постави специјален сателит во Земјината орбита

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња