Турција „нема проблем со купувањето“ на С-400, а сака да набави и С-500

Наука и технологија
ИВАН МОРОЗОВ
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека Анкара нема никакви проблеми со купувањето на противвоздушните ракетни системи С-400 „Триумф” од Москва.

„Нема никакви проблеми кога се работи за С-400. Во првата фаза не е предвидено заедничко производство. Се надеваме дека ќе почне во втората фаза“, изјави турскиот лидер за телевизијата „Абер Турк“.

Ердоган додаде дека не планира да ги прекине преговорите за купување. „Со Путин разговаравме и за С-500”, рече турскиот претседател.

На тој начин тој ја демантираше изјавата на министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу за тоа дека Турција би можела да се откаже од набавката на С-400, ако не биде постигнат договор за заедничко производство на овие системи со Русија.

Противвоздушниот ракетен систем С-500 засега не е во составот на вооружувањето на руската војска и неговите технички параметри спаѓаат во доверливи информации. Што се однесува до С-400, договорот за испорака на Турција е потпишан по неколку месеци преговори. За параметрите на договорот Ердоган разговараше со претседателот на Русија Владимир Путин во Анкара кон крајот на септември.

Противвоздушниот ракетен систем С-400 „Триумф” (според класификацијата на НАТО SA-21 Growler) го произведува рускиот концерн „Алмаз-Антеј”. Системот е наменет за високо ефикасна заштита од напади на авијација, стратешки, крстосувачки, тактички и оперативно-тактички балистички ракети, како и балистички ракети со среден дострел во услови на огнен и електронски судир. Системот може да се применува и ноќе и дење во сите физичко-географски и временско-климатски услови и со силен радиоелектронски отпор.

С-400 е во состав на руската војска од 2007 године. Во моментов овие системи ја обезбедуваат и одбраната на руската воена база Хмејмим во Сирија.