По посетата на кралот на Москва: Саудиска Арабија добива руско оружје

Дмитриј Виноградов/RIA Novosti
Русија за време на посетата на кралот Салман на Москва на 4 и 5 октомври ѝ продаде на Саудиска Арабија оружје во вредност од три милијарди долари. Москва, меѓутоа, ги бара парите однапред. Во спротивен случај, ништо од бизнисот.

Оваа вест се појави по посетата на кралот на Саудиска Арабија Салман на Москва.

Во текот на оваа посета страните разгледаа низа спогодби за испорака на оружје, вклучувајќи и основање филијала на концернот „Калашников“ во Саудиска Арабија, каде оваа компанија ќе произведува АК-103 за потребите на кралството.

Во текот на преговорите Москва му продаде на Ријад и тешко вооружување – системот ТОС-1А кој со термобарички бомби уништува непријателска жива сила во пештери, бункери и ровови, како и противтенковските ракетни системи „Корнет-М” и лансерот на гранати АГС-30.

Голема зделка

Во текот на оваа посета секако најважен беше договорот за купување четири дивизиони на рускиот ПВО-систем С-400 „Триумф”. Секој дивизион чини околу 500 милиони долари и се состои од 12 лансери кои ги следат возила за поддршка како радар, командно место итн.

Најважно е што Саудиска Арабија купува и техничка поддршка за ова оружје. Поради тоа офицерите и војниците на кралството во најскоро време ќе пристигнат во руските воени бази и академии за да научат да управуваат со новите системи на вооружување.

„Покрај тоа, Русија ќе ги научи арапските стручњаци како да го интегрираат овој систем за ПВО со американските системи на вооружување кои кралството ова лето ги нарача за 100 милијарди долари“, изјави за Russia Beyond Македонија воениот аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Литовкин.

Како што истакна тој, Русија веќе има такво искуство со Грција, која е членка на НАТО, а кон крајот на 90-те години купи руски системи С-300.

„Москва заработува околу две милијарди долари само од продажба на С-400, а згора на тоа заработува и со давање долгогодишни услуги за техничко опслужување и продажба на неопходните дополнителни делови за чувствителната техника“, додава тој.

Зошто Саудијците го купија рускиот С-400, а не американскиот „Патриот“?

При последното купување на американско оружје Саудиска Арабија не нарача системи за ПРО со голем дострел.

За тоа постојат неколку причини. Пред сѐ, руските системи ги откриваат и уништуваат сите воздушни цели (вклучително и крстосувачки ракети, наведувани и ненаведувани бомби и целата современа и перспективна авијација која постои во светот) на оддалеченост од 400 километри во сите правци. Од друга страна, американскиот ПВО-систем MIM-104 „Патриот“ погодува цели во еден правец на оддалеченост од 170 километри.

Руските радарски системи за ПВО исто така имаат предност во тој поглед, затоа што можат да ја видат секоја „птица“ во радиус од 600 километри.

Овие две можности се клучните причини поради кои Кина и Турција се први на ред да го купат прочуениот систем за одбрана.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња