15 години ОДКБ: успеа ли Русија да направи во Евроазија свое НАТО

Михаил Воскресенски / РИА Новости
Во мај 2017 година Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ) - воено-политички сојуз на постсоветските земји, во кој лидер е Русија, наполни 15 години. За време на своето постоење организацијата не учествувала во вистински борбени дејствија, но според експертите прави многу за заштитата од тероризмот во Централна Азија.

Во 2017 година Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ) одбележува интересен „двоен“ јубилеј. Договорот, кој е име на воено-политичкиот сојуз на земјите од поранешниот СССР, е потпишан уште пред 25 години, во 1992 година, но десет години тој фактички не функционираше. Во деведесеттите години од минатиот век постсоветскиот простор го тресеа конфликти: војната во Нагорно Карабах (1992-1994), граѓанската војна во Таџикистан (1992-1997), војната во Абхазија (1992-1993), конфликтите на територијата на Чеченија (1994-1996 и 1999-2000).

На почетокот на минатата деценија ситуацијата се стабилизираше, што им овозможи на база на договорот од 1992 година да се изгради комплетна организација: Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија, Киргистан и Таџикистан го основаат ОДКБ во мај 2002 година. Целите кои се објавени во статутот на организацијата се задржани и до ден денешен: „зајакнување на мирот, меѓународната и регионална безбедност, заштита на колективна основа на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на земјите-членки“.

10-та средба на воениот комитет на ОДКБ во Минск / Виктор Толочко / РИА Новости10-та средба на воениот комитет на ОДКБ во Минск / Виктор Толочко / РИА Новости

Сенката на Авганистан

Уште пред институционализацијата на ОДКБ, во 2001 година, земјите-учеснички формираат заеднички воен контингент - колективни сили за брза реакција (КСБР). Експертите наведуваат дека главната причина за подготовките за заедничка одбрана била заканата од ширење на тероризмот во централна Азија од територијата на Авганистан, каде во периодот 1996-2001 година управуваат Талибанците.

„Доколку не започнеше операцијата на меѓународната коалиција во Авганистан под команда на САД, токму на земјите од ДКБ требаше да им се наметне колективно да одбиваат приливи на екстремистите од Авганистан“, истакнува во статија за Рускиот совет за меѓународни прашања (РСМД) соработникот на центарот за постсоветски истражувања при Московскиот институт за меѓународни односи (МГИМО) Јулија Никитина. „Поради тоа беше важно создавањето на колективните сили“.

Вежби и антитероризам

Настаните се развиваат на друг начин: во Авганистан започнува операцијата на меѓународната коалиција и постсоветските републики избегнуваат голем удар од страна на екстремистите. И покрај сето тоа ОДКБ како орган за колективна безбедност постепено се развива: во 2009 година се создава поширока заедничка воена формација - КСОР (колективни сили за оперативно реакција). Во моментов вкупната бројност на КСОР и КСБР брои околу 25 илјади лица.

Засега ОДКБ не учествувала во никакви реални воени конфликти. Сепак, секоја година организацијата спроведува заеднички воени вежби во кои се одработуваат задачи за одбивање на екстремистите и операции против криминални структури. За 2017 година се планирани големи вежби со заеднички активности на КСОР, КБСР и мировни сили.

Заеднички вежбања во воената база Баликчи во Киргистан. / Михаил Воскресенски / РИА Новости Заеднички вежбања во воената база Баликчи во Киргистан. / Михаил Воскресенски / РИА Новости

Јулија Никитина забележува дека активностите на ОДКБ од воена гледна точка безусловно се корисни: заедничките вежби помагаат не само да се одработат шемите за акција при веројатен конфликт, но и да се зголемат квалификациите на војниците. Од друга страна, како што истакна во разговор со „Руска реч на македонски“ Алексеј Малашенко од Московскиот центар „Карнеги“, реалната сила на ОДКБ не е позната, бидејќи организацијата никогаш не учествувала во реални конфликти. „Никој никогаш не ја видел оваа организација во акција. Заедничките вежби се добри, но тие се разликуваат од реалните борбени дејства“, забележува Малашенко.

За што е неопходна ОДКБ?

Во исто време стручњаците сметаат дека самото постоење на ОДКБ овозможува избегнување на конфликти. „Пред 15 години повеќето експерти предвидуваа нов бран судири и насилство, на пример во Средна Азија. Тие не се случија“, потсети за „Руска реч на македонски“ Сергеј Караганов, декан на Факултетот за светска политика при НИУ Високата школа за економија. „Во голема мера - бидејќи Русија и другите земји комуницираат, ги зајакнуваат вооружените сили“. Од оваа гледна точка, смета експертот, Алијансата е целосно ефективна.

Со Караганов се согласува и Владимир Жарихин, заменик-директор на Институтот за ЗНД: според него ОДКБ е основана како дефанзивен блок и од таа гледна точка ги исполнува своите задачи многу ефикасно. Покрај борбата против тероризмот, Жарихин потсетува уште на една функција на ОДКБ: „Со помош на организацијата Русија им обезбедува на своите сојузници од ЗНД 'нуклеарен чадор', кој ја зголемува стабилноста на земјите-членки на ОДКБ“. Со други зборови, неофицијалната задача на ОДКБ е спротивставувањето на „обоените револуции“ кај земјите-членки, забележува Жарихин.

„Руското НАТО“

Во западниот печат понекогаш го споредуваат ОДКБ со НАТО, но истакнуваат дека оваа споредба не е целосно точна. Така, аналитичарот од „Стратфор“ Јуџин Чаусовски во статијата „Зошто воениот сојуз на Русија не е следното НАТО“ нагласува дека во ОДКБ често недостасува единство за политичките прашања. Властите, на пример, на Белорусија и Казахстан, можат да покажат независност од политиката на Москва и да развиваат сопствени односи со Западот. Односно не може да станува збор за единствена политичка позиција на ОДКБ.

Руските експерти забележуваат и друга разлика помеѓу ОДКБ и НАТО. „Северноатлантската алијанса е создадена како дефанзивен блок пред сè за западните земји за одвраќање на комунизмот“, потсетува Владимир Жарихин. „Сега задачите и областите на одговорност се различни и НАТО излезе надвор од границите на Европа, претворајќи се пред сè во експанзионистичка алијанса“. Од друга страна, според Жарихин, ОДКБ останува исклучително одбрана организација, задржувајќи го јадрото со кое е основано пред 15 години.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња