„Околу мене само повторувачи...“: Кои грешки ги прават Русите во мајчиниот јазик?

Аљона Репкина
Многумина странци сметаат дека рускиот јазик е тежок за учење. Но, постојат и Руси на кои учењето мајчин јазик им паѓа тешко. Ги прашавме таквите Руси што мислат за рускиот јазик и еве ги нивните одговори.

Русите учат мајчин јазик од првиот до последниот ден на нивното школување, но и покрај тоа многумина не можат да пишуваат и да зборуваат без еден куп грешки, и со тоа да ги излудуваат своите сонародници кои не „бегале од часовите“ по руски јазик. Странците често го збунуваат големиот број различни наставки за падежите, како и изговорот на буквата „ы“, а исто така и различни долги зборови со голем број согласни групи. На Русите сето ова не им претставува проблем. Тие лесно можат да изговорат „Спасоглинищевский переулок“ или „Улица Кржижановского“, но затоа постојат други појави во јазикот што им го загорчуваат животот.

Бројот на букви во суфиксот зависи од контекстот

Една од најтешките појави во руската граматика се прилозите и партиципите со буквата „н“ во суфиксот зашто на едно место може да биде едно „н“, а можат да бидат и две. Во определени случаи мора да се запомни правописното правило, а во други мора да се води сметка за контекстот. На пример, пржен компир е „жареная картошка“, а пржен компир со печурки е „жареная картошка с грибами“, и тука се пишува со едно „н“. Но, компир пржен со печурки е „жаренная с грибами картошка“, и тука има две „н“. Ако мислите дека ова се две идентични фрази, се лажете. Разликата можеби не е мошне воочлива, но таа постои. Во првата фраза се мисли дека компирот е најпрво испржен („жареная“ тука е придавка која е добиена од глагол), а потоа се додадени печурките, додека во вториот случај се истакнува дека компирот е пржен заедно со печурките (и тука „жаренная“ е партицип, односно значи „кој е пржен“).

„За мене тоа е најтешко во јазикот зашто јас паметам визуелно како се пишува зборот, а во овој случај постојат варијанти“, вели фотоуредникот Дарја Соколова од Москва.

„На училиште тоа беше мојот личен пекол“, додава Валентина Пахомова од Санкт Петербург која работи во сферата на електронската обука. „На пример, како се пишува 'пржено во павлака'?“ (Што мислите вие, како се пишува? Напишете го вашиот одговор во коментар).

Секако, покрај сето ова постојат и дополнителни правила и исклучоци. На пример, зборот „ветреный“ (ветровит) секогаш се пишува со едно „н“, но ако го додадете префиксот „без-“, тогаш ќе биде „безветренный“ (мирен, без ветар) со две „н“.

Каде се ставаат запирки?

„Мене сè уште најголем проблем ми се интерпункциските знаци зашто иако руски ми е мајчин јазик, јас сепак живеам во доба на комуникација преку онлајн-месинџери“, вели лингвистот Тамара Григорјева од Москва. „Во услови кога никој не ги почитува правилата за обликување на текстот, се забележува значителна редукција на примената на знаците на интерпункција и за големи букви“.

Во рускиот јазик постојат голем број правила со кои е пропишано кога се користат запирките, а кога не се користат. Не е доволно само да се запаметат зборовите кои треба да се „одвојат“, важен е и контекстот.

Да го земеме, на пример, зборот „как“ (како). Во фразата „она прекрасна, как майская роза“ („таа е прекрасна како мајска роза) потребна ни е запирка. Но, во фразата „у неё волосы вьются как у её матери“ („косата ѝ е виткана како на мајка ѝ) не е потребна запирка. Ова е само еден пример, а можете да замислите колку вакви примери постојат во рускиот јазик?

Покрај запирките постојат и посложени интерпункциски знаци. Како ќе знаете кога треба да се стави точка и запирка, кога цртичка или загради? Покрај обичната пунктуација постојат и таканаречени авторски знаци. Некои руски писатели се големи „фанови“ на долги сложени реченици.

„Пунктуацијата е мошне тешка, особено кога се присутни авторските знаци“, вели Валентина. „Земете го Лев Толстој или кој било друг љубител на широки сфаќања“.

Секако, во онлајн-комуникацијата Русите обично не ги почитуваат формалните правила, или воопшто не ги почитуваат. Често ги изоставуваат интерпункциските знаци и со загради изразуваат чувства.

Незгодни акценти

„Најтешка работа во рускиот јазик се акцентите“, вели економистот Светлана Котанс од Москва. „Ние во многу зборови го поместуваме акцентот и изговараме како што повеќе ни одговара, но тоа не е правилно“.

Најчест таков пример е зборот „красивее“ (поубаво). Тоа е компаратив од придавката „красивый“ (убав), и по правило акцентот е на третиот слог од крајот: „красИвее“. Меѓутоа, многумина го изговараат „красивЕе“ зашто им се чини дека е повеќе „во духот на рускиот јазик“.

Инаку, во рускиот јазик акцентот може да падне на секој слог, а може и да го смени значењето на зборот. На пример, зборот „зАмок“ значи „тврдина, замок“, додека „замОк“ е катанец. Зборот „жаркОе“ значи „печено месо“, а „жАркое“ е „жешко“. Зборот „мукА“ значи „брашно“, а „мУка“ е мака.

А, сега ги менуваме правилата!

Покрај сето ова, нативните говорители имаат проблем со конјугацијата: „едЕшь“ или „едИшь“ (се возиш, патуваш), „видИшь“ или „видЕшь“ (гледаш), и со други видови зборови кадешто слогот не е нагласен: „симпатичный“ или „симпотичный“ (симпатичен). Често не знаат дали некој збор се пишува одвоено или споено: „также“ (исто така) или „так же“ (на ист начин). Посебен проблем е што правилата постојано се менуваат.

Како и секој јазик, и рускиот постојано се менува и се збогатува со нови зборови и со нови правила. Дури и ако добро го знаете рускиот јазик, тешко ќе разберете приказна напишана во 18 век зашто луѓето тогаш користеле поинакви зборови, па дури и поинакви букви,

Кон средината на 20 век Русите пишуваа „придти“, а денес пишуваат „прийти“ (дојде). Пишуваа „диэта“, а денес е правилно „диета“ (диета). Често збунува и прашањето дали зборот „кофе“ е од машки или од среден род.

„Мислам дека нативниот говорник нема никакви тешкотии со јазикот доколку го користат само за комуникација“ вели лингвистот и автор на порталот Russia Beyond Наталија Кикило која предава руски јазик за странци. „Дури и ако Русите и странците прават исти грешки (на пример, во родот на зборот „кофе“), тие имаат сосема различно потекло. Кога станува збор за нативните говорители, нивните грешки во рускиот јазик се пред сè показател на нивното образование, сферата на интересот и животните околности“.

Денес лингвистите утврдуваат општи правила на пишување на новите зборови во рускиот јазик, како што се, на пример, „блогер“ и „инстаграмер“, со оглед на тоа што транслитерацијата може да има неколку варијанти. Но, нови зборови се појавуваат сè побргу!

„Неодамна дознав што е тоа 'мерч'. Морав на Гугл да го побарам и зборот 'краш' кој го користат младите“, вели Тамара. „Децата кои сега имаат десет години зборуваат на некој ТикТок-јазик. Дури и новиот збор 'тренд' веќе го смени своето значење. Сега тоа повеќе не е тенденција, ами појава на социјалните мрежи која многумина ја повторуваат дома, играјќи пред камера. Тешко е тоа да се сфати на руски“.

Прочитајте исто така:  Десет руски збора кои е тешко да се преведат на македонски

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња