Пет моќни збора од рускиот јазик кои нашле место во македонскиот

Екатерина Лобанова
Russia Beyond-Македонија продолжува со своите написи за русизмите во македонскиот јазик. Овој пат издвоивме пет руски збора во кои е скриена голема изразна моќ (семантички полнеж), а кои во целост се прифатени во македонскиот јазик. Овие зборови најчесто се среќаваат во книжевноста, па затоа ќе се потрудиме и да ви го објасниме нивното значење.

Русизмите во македонскиот јазик се бројни. Ова најмногу се должи на големиот број преведени дела од руски на македонски јазик пред и по Втората светска војна, како и во периодот што следува потоа, а исто така и на влијанието на рускиот образовен систем врз македонскиот (многу учебници и прирачници во повоена Југославија биле создавани врз основа на руски). Секако, тоа не би требало да биде воопшто чудно со оглед на фактот што обата јазика се словенски, така што патот за преземање на лексемите и нивно адаптирање од рускиот во македонскиот е поедноставено. 

Во рускиот поетски јазик постојат зборови кои звучат многу моќно, кои во себе носат „експлозија“ од значење, а за кои своевремено во македонскиот јазик не можело да се најде соодветен преводен еквивалент. Така, македонските преведувачи и писатели во педесеттите и во шеесеттите години од минатиот век, презеле голем дел од нив и со едноставна фонетска адаптација тие станале дел од македонскиот литературен јазик. 

Гибел 

Овој збор влегол во македонскиот јазик во педесеттите години од минатиот век [Н. Чундева, Русизмите во македонскиот литературен јазик, Скопје, 2017]. Според Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома, оваа лексема означува „неприродна смрт, уништување, пропаст“. Но, според нашите истражувања зборот гибел со себе носи значење на смрт воопшто, загинување, гинење (не секогаш поврзано со неприроден пат), а исто така и престанување на постоење на нешто, односно некого. За тоа дека овој збор е навлезен во поетскиот јазик говори и препевот на „Епот за Гилгамеш“ во кој се вели: „Зошто се советуваа великите богови?/Зошто голема гибел ми готват, пријателе?“ 

Мракобесие 

Иако овој збор е изведенка, тој мошне често се среќава во јазикот на поезијата, а во поново време сè почесто се среќава и во публицистиката. Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома за мракобесие го дава толкувањето „гледишта и постапки на мракобесниците, дух на мракобесник“, додека кај мракобесник (зборот на кој треба да се потпреме за подобро да го разбереме зборот) вели „тој што е против просветата, науката и културата, човек со мрачни, назадни погледи“. Доколку на некој Интернет-пребарувач се обидете да го најдете овој збор, ќе забележите дека ќе добиете резултати од сите словенски јазици што го користат кирилското писмо. Во нашите пребарувања наидовме на голем број примери каде оваа лексема се употребува не само во литературата и публицистиката, ами и во голем број интервјуа. 

Прелест

Оваа лексема во македонскиот јазик има две значења. Првото значење (според Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома) е означено како црковен термин со значење „состојба на духот кога човекот мисли дека реално општи со ангелите или со светците, дека е удостоен да прави чуда, кога ја прифаќа измамата како реална слика во контраст со здравиот разум“, додека второто значење „убавина, красота“ со забелешка дека тоа е книжевен збор. Во рускиот јазик овој збор го има само второто значење од македонскиот.

Приклучение 

Уште еден мошне интересен збор кој е чист русизам и, најверојатно, е навлезен во македонскиот јазик преку преводите на литературни дела од руски. Значењето е мошне лесно за толкување „необична случка, авантура“. И овој збор може да се најде во поетскиот јазик, но, колку и да звучи чудно, ние го најдовме и во сосема обични, секојдневни текстови, особено во публицистиката. Вреди да се спомене примерот за една статија во неделникот „Глобус“ (16.10.2007) со наслов „Неговото височество шанкот“ каде овој збор се користи за подвлекување на таа „авантура“, па затоа во еден сегмент вели: „Споменатата сентенција е во контекст на тоа дека, многу често, на алкохолот се гледа како на нешто што оди рака под рака со уметникот. Како начин на живеење или само приклучение, сеедно“. 

Т(о)ржество 

Овој збор во својата првобитна форма не е опишан во ниту еден речник на македонскиот јазик. Во Толковниот речникот на македонскиот јазик го наоѓаме како „тржество“ со две значења „1. свеченост 2. блескава победа, полн успех“. Во основа именката т(о)ржество означува некоја свеченост и тоа од големи размери или многу важна свеченост. Затоа оваа лексема мошне често се среќава во црковните текстови или во текстовите кои се посветени на некој црковен празник. Но, исто така, можеме да го сретнеме во поетскиот јазик, како и во публицистиката, а неговата употреба (сепак, зборот спаѓа на високиот стил) е намерна со цел да се подвлече грандиозноста и да се даде поголемо значење на стилски неутралната именка „свеченост“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња