Десет руски збора кои е тешко да се преведат на македонски

Григориј Авојан
За определени руски изрази во македонскиот јазик тешко е да се најде точен еквивалент, особено ако тој поим е поврзан со загадочната „руска душа“.

1. „По́шлость”

Рускиот и американски писател Владимир Набоков кој во Америка им држел предавања на студентите по славистика, признал дека не можел да го преведе овој толку необичен руски збор,

Што е тоа „пошлость”? Набоков го наведувал овој пример: „Отворете кое било списание и задолжително ќе наидете на нешто слично на ова: семејството само што купило радиоприемник (автомобил, фрижидер, сребрен есцајг – сеедно што). Мајката плеска со рацете од преголема радост, децата скокаат наоколу подзинати од чудење, а малото дете и кучето се обидуваат да го дофатат аголот од масата на која е поставен идолот... А, настрана... победоносно стои татенце – гордиот 'дарител'. Густата 'пошлость' на оваа реклама не произлегува од лажното преувеличување на вредноста на конкретниот корисен предмет, ами од претпоставката дека најголемата среќа може да биде купена и дека таквото купување го облагородува купецот“.

„Овој збор опфаќа и тривијалност, и вулгарност, и развратност и отсуство на духовност“, додава професорот на Харвардскиот универзитет Светлана Бојм.

2. „Надры́в”

Во германската Википедија постои посебна статија посветена на рускиот збор „надрыв” („Nadryw”). Ова е клучен поим на рускиот писател Фјодор Достоевски. Тој опишува неконтролирана емотивна состојба во која човекот на површина ги изнесува длабоко скриените интимни чувства.

Освен тоа „надрыв” кај Достоевски означува и ситуација во која јунакот толку се задлабочува во контемплацијата што во својата душа може да го најде и она што воопшто го нема, или го нема во толкава мера. Поради тоа со „надрыв” често се изразуваат измислени, неизмерни преувеличувања или изобличени чувства. Едно од поглавјата на романот „Браќа Карамазови“ се нарекува токму „Надрывы”.

3. „Ха́мство”

Оваа појава ја споменува советскиот писател Сергеј Довлатов во статијата „Тоа непреводливо ' хамство ': „'Хамство' не е ништо друго ами грубост, дрскост и нахалност 'во еден пакет', со тоа што се подразбира дека човекот кој го покажува сето тоа нема да биде казнет“. Според мислењето на Довлатов „хамството“ го убива човека директно во поим, токму поради неказнивоста. Против него не постои лек, единствен спас е повлекувањето. „Десет години живеам... во безумниот, прекрасен и ужасен Њујорк, и сево ова време се чудам како во него нема 'хамство'. Тука може сешто да ви се случи, но 'хамство' навистина нема. Можете, да кажеме, да бидете ограбени, но никој нема да ви тресне врата пред нос“, додава писателот.

4. „Импортозамеще́ние”

Овој збор во Русија станува популарен во 2014 година кога Западот воведе санкции, а Русија одговори со контрасанкции и со политика насочена кон системска замена на увозната стока со домашни производи. Станува збор за сложенка составена од зборовите „импорт“ (увоз) и „замещение” (замена).

Денес овој израз многу често се користи во руските медиуми, а на македонски јазик секогаш се преведува описно, со тоа што и тој описен превод најчесто не може да биде опширен, односно не може да ја содржи конотацијата што се подразбира во изворниот руски текст.

5. „Тоска́”

Овој збор може да се преведе како „душевна болка“ или „меланхолија“, но овие изрази не ја одразуваат сета длабочина на рускиот поим. Владимир Набоков пишувал: „Ниту еден збор во англискиот не ги одразува сите нијанси на значењето на зборот 'тоска'. Тоа е чувство на големо душевно страдање без некоја особена причина. На помалку болно ниво – нејасен немир, носталгија, љубовен копнеж“.

6. „Тусовка“ 

Зборот „тусовка“ влегол во младешкиот жаргон во осумдесеттите години од минатиот век. Така се нарекувало неофицијално дружење во групи чии членови имаат исти интересирања и водат сличен начин на живот. Називот потекнува од глаголот „тасовать“, што значи „да се меша шпил карти“, зашто во такво друштво човек контактира со различни луѓе (често и непознати), а контактите се многубројни и случајни (на пример „тусовка“ во дискотека). Значењето се проширило подоцна кога зборот почнал да се користи и за припадност на виртуелна социјална заедница, повторно по некоја основа – професионална или идеолошка. Со текот на времето вторичното значење станало првично. Во креативните кругови е врежано мислењето дека за успешно напредување е пожелно да си автор кој припаѓа на некоја влијателна „тусовка“ каде се собираат луѓе од определена бранша, на пример литерати или, да кажеме, сликари. Зборот „тусовка“ се користи и за различни политички правци. На пример, либерална „тусовка“ често се доживува како спротивставеност на патриотските „тусовки’.

7. „Беспреде́л”

Професорот по славистика од Универзитетот во Њујорк Елиот Боренштајн го објаснува овој збор буквално: „без граници и ограничувања“ („предел“ на руски значи граница, ограничување), додека англиските преведувачи често го користат англискиот збор lawlessness (беззаконие). Но, во рускиот јазик значењето на овој збор е пошироко. Тој претставува оцена на некој што не го крши самиот закон, ами и општоприфатените морални норми.

8. „Аво́сь”

Многу е тешко да се објасни значењето на овој збор на оние на кои рускиот јазик не им е мајчин. Она што го означува зборот „авось“ често се третира како една од најважните црти на руското национално битие. Се надева на „авось“ значи да се прави нешто без особен напор, но со очекување дека ќе излезе на добро.

9. „Санкцио́нка”

Овој збор се појави кога во 2014 година Западот воведе санкции за Русија, а таа одговори со контрасанкции. Означува производи кои се забранети за увоз во Русија. Многу вкусни странски производи на кои жителите на големите руски градови навикнале денес не можат да се најдат во продажба, така што државјаните на Русија можат да ги пробаат во странство. Хронолошки гледано, последната „санкционка“ е црногорското вино „Вранец“ чиј увоз во Руската Федерација неодамна е забранет поради големото количество пестициди.

10. „Пиа́риться”

Зборот потекнува од кратенката од англискиот израз „public relations” (PR), со кој се означуваат односи со јавноста. Денес во рускиот јазик овој повратен глагол има извесна негативна конотација. Може да се преведе со изразите „се рекламира“ „се занимава со самореклама“, но во рускиот јазик тој сепак има пошироко значење. На пример, се употребува кога некој користи незначаен или неумесен повод да го сврти вниманието на себе.

Овој глагол има и доста изведенки. На пример партиципот „распиаренный” се користи да означи личност или појава која медиумите неоправдано често ја споменувале и така ја направиле позната и признаена.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња