Во Велика Британија блокирани сметките на РТ

Сите банкарски сметки на телевизијата РТ во Велика Британија се блокирани, изјави главниот уредни на Меѓународната информативна агенција „Русија денес“ (Russia Today) Маргарита Симоњан.

„Ни ги затворија сите сметки во Велика Британија. На оваа одлука не може да се вложи жалба. Да живее слободата на говорот!“, напиша Симоњан на својот профил на Твитер.

Потоа во изјавата за телевизијата РТ таа изјави дека банката не соопштила никакви причини за таквата своја одлука.

„Ништо не ни објаснија, а верувам и дека нема да можат затоа што нема никакви причини. Нашето финансирање е транспарентно и никакви проблеми во однос на тоа прашање никогаш и немало. Едноставно, денеска банката објави дека нашите сметки се затворени, вклучувајќи ги и личните сметки на одделни раководители, а кажано ни е и дека банката нема обврска да ги објаснува причините, како и дека на таа одлука не може да се вложи жалба. Значи, не можеа да нѐ оцрнат и на тој начин да нѐ победат, туку решија да го сторат тоа со финансиски средства, во смисла обидете се да работите доколку ви се затворени сметките. А ние ќе се обидеме“, изјави таа, пренесува „Спутник“.

Ова не е првпат сметките на овој медиум да бидат блокирани во Велика Британија. Слично нешто се случи и во јули минатата година, кога сметките на информативната агенција „Русија денес“ беа замрзнати, а генералниот директор на таа агенција Дмитриј Кисељов тогаш изјави дека блокирањето на сметките претставува цензура.

МНР Русија го коментираше блокирањето на сметките на РТ како уште еден доказ за кршење на слободата на медиумите во Велика Британија. Според портпаролот Марија Захарова, Лондон ги остави во ЕУ своите обврски за слобода на говорот. „Како што се вели, во новиот живот без штетни навики“, напиша таа на својот профил на Фејсбук.

И ополномоштениот на МНР РФ за човекови права, демократија и владеење на правото Константин Долгов од своја страна истакна дека одлуката за блокирање е уште еден сигнал за намерата на Велика Британија „селективно и пристрасно“ да им приоѓа на обврските за човековите права, пренесува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња