Русија бара претставник од Источна Европа за генерален секретар на ООН

За Русија претставува приоритет следниот генерален секретар на ООН да биде претставник од Источна Европа, изјави постојаниот претставник на РФ во ООН Виталиј Чуркин.

„Тоа е приоритет“, изјави дипломатот, одговарајќи на прашањето на новинарите колку е важно за Русија генералниот секретар да биде од Источна Европа. Според него, Москва „отсекогаш била приврзана“ на оваа позиција, пишува „Взгљад“.

„Но има и други добри кандидати од другите региони“, додаде Чуркин.

Постојаниот претставник повика да не се изведуваат предвремени заклучоци од резултатите од првото гласање.

„Мислам дека процесот (за избор на генерален секретар) ќе трае некое време. Нема да биде решен во петок. Го чувствувам тоа одвнатре“, истакна Чуркин. Притоа тој соопшти дека нема намера да гласа против кандидатот Гутиерес. „Зошто да го правам тоа? Тој е еден добар човек“, изјави дипломатот.

Претходно беше соопштено дека поранешниот премиер на Португалија Антонио Гутиерес води меѓу кандидатите за генерален секретар на ООН, кој доби 12 гласови „за“ и ниту еден „против“ по гласањето во првиот круг на 21 јули во Советот за безбедност на ООН.

Во тројката лидери исто така влегоа и поранешниот претседател на Словенија Данило Турк и генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова. Според мислењето на некои дипломати и аналитичари, доколку во текот на следната „анкета“ на членките на Советот за безбедност која ќе се одржи в петок никој не биде против Гутиерес, тогаш прашањето за назначување нов генерален секретар на ООН практично ќе биде решено.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.