Зошто денешниот свет е неспокоен, неправеден, милитаризиран? Прекинувањето на глобалната конфронтација и невидените можности на новите технологии требаше да му дадат на светот нов здив, да го направат подобар животот на секој човек. Но, реалноста излезе поинаква.
За тоа не постои едноставно објаснување. Оние што ја објавија „победата на Западот во студената војна, оние што не сакаа да изградат нов, рамноправен систем за безбедност, ја носат најголемата одговорност за сегашната состојба на светот. Но, работата не е само во тоа. Новиот глобален свет навистина сè уште не е сфатен и не е осмислен. Тој бара нови правила на однесување, поинаков морал. А, светските лидери, по сè изгледа, „не можат да досегнат дотаму“.
Имено тука е главната причина на денешната „глобален смут“
За надминување на светските проблеми постојат и можности и механизми – ООН, Г-20. Но, тешко дека денес некој нивната работа ќе ја нарече успешна. Тие постојано доцнат, заостануваат.
Се забележува криза на лидерството. Политичарите се зафатени со „гаснење пожари“, кризи и конфликти од денешнината.
Не постои спор: тие треба да се решаваат. И во последниве недели се виде определени позитивни помрднувања.
Се води дијалог за Сирија. Секако, во него повеќе учествуваат надворешните страни, пред сè САД и Русија. Но, ова веќе влијаеше врз намалувањето на напнатоста во односите помеѓу Русија и Западот.
Не постои напредок во решавањето на кризата во Украина. Сегашните механизми за решавање (минскиот договор, нормандиската четворка) функционираат лошо. Тие треба да бидат дополнети, а нивната работа да биде стимулирана. Тоа е можно преку дискусија во Советот за безбедност на ОН или некои други механизми со учество на Русија и на САД.
Не треба да се остави украинската криза да биде нешто што ќе ги тресе Европа и светот. Уште еден „замрзнат конфликт“ Европа може да не издржи. Повторно се обраќам до претседателите Обама и Путин со повик да се сретнат и да дискутираат за оваа криза што трае.
Надминувањето на сегашните остри кризи ќе биде само прв чекор кон решавање на многу посложена задача – да се научи да се живее во глобалниот свет.
Глобалните проблеми на човештвото се следниве:
- оружјето за масовно уништување, милитаризацијата на светската политика:
- сиромаштијата и слабата развиеност на огромен дел од човештвото;
- еколошките предизвици, климатската промена;
- тероризмот.
Тука се уште и масовната миграција, ксенофобијата и религиската нетрпеливост, проблемот на коегзистенција на различни цивилизации.
Ниту еден од нив не може да биде решен со сила. Се чини како аксиома – треба да се здружат силите. Но, засега преовладува разногласие и неумеење да се дејствува заедно.
Најголема одговорност за тоа носат државите и нивните лидери. Се појавија и други учесници во светските процеси – организациите на граѓанскиот сектор, бизнисот, научната јавност, религиските групи. Но, улогата и одговорноста на државите, на нивните лидери, на меѓудржавните организации треба да биде решавачка.
Односите на државите треба да бидат регулирани не само со нормите на меѓународно право, ами и со правилата на однесување кои се засновуваат на општочовечкиот морал.
Овие правила треба да предвидуваат воздржување, земање предвид на интересите на сите страни, консултации и посредништво при заострување на опстановката и закана од криза. Ќе можеше да се избегне и украинската, и сириската криза, доколку непосредните учесници и надворешните страни се раководеа според овие правила на однесување.
Етички кодекс е потребен и за медиумите. Тие често ги подгреваат страстите, ја загадуваат информациската средина. Наместо да помогнат во спречување и во прекинување на конфликтите, тие фактички учествуваат во нивно распламтување.
Најважно: проблемите за обновување на светската агенда, комбинацијата на моралот и политиката, правилата на однесувањето во глобалниот свет треба да бидат ставени во центарот на вниманието на државите и на светската граѓанска јавност.
Улогата на Русија во надминувањето на кризата на светската политика може и треба да биде важна и позитивна. Западот треба да се откаже од обидите за нејзина изолација. Тоа никогаш не давало резултат. Во прв ред треба да се откажат од „персоналните санкции“. Инаку, нема да има дијалог и шанси за востановување на довербата. Сите можат само да изгубат од нова „студена војна“.
Треба да се тргнат настрана сите емоции и пропагандистички ексцеси. На денешното поколение лидери на водечките земји може да им се направат сериозни забелешки. Но, тоа сепак има шанси да заземе достојно место во историјата. Би било голема грешка да не се искористи.
Текстот претставува скратена верзија на оригиналот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче