Шефот на ЦИА ја повикува Русија да ги „исполни обврските“ во Сирија

Според мислењето на САД, на ставањето крај на конфликтот во Сирија му пречи руската поддршка за претседателот Башар Асад.

САД сметаат дека Русија ќе ги исполнува преземените обврски за регулирање на кризата во Сирија, изјави директорот на ЦИА Џон Бренан, пренесува „Интерфакс“.

„Се надевам дека Русите се сериозно настроени во однос на преземените обврски кои се однесуваат како на прекинот на огнот, така и на намалувањето на степенот на другите видови насилство“, изјави тој, настапувајќи на конференцијата за безбедност во Аспен во американската држава Колорадо.

Според шефот на ЦИА, Русија „не покажува интерес за дејствија кои би одговарале на интересите на Сирија, а не на нејзините сопствени интереси“.

Притоа тој повторно ја обвини Русија за поддршка на претседателот на Сирија Башар Асад, поради што „конфликтот нема да заврши“.

Бренан истакна дека за да се обезбеди иднината на Сирија е „потребна политичка транзиција“ и се надева на „влијанието на Москва“ во врска со ова прашање.

Шефот на ЦИА изрази сомнеж дека во сегашната ситуација ќе може да се зачува единството на Сирија како држава.

„Не знам дали ќе биде можно да се постигне обединување на Сирија“, изјави Бренан.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња