Руски воени авиони во авиобазата „Хмејмим“ во Сирија.
РојтерсНа 21 јули изданието „Вол Стрит Џурнал“ објави материјали за напад на руските ВКС врз американско-британската база во Сирија на 16 јули. Беше соопштено дека цел на нападот во Ат-Танфе на југоистокот од Сирија била тајна база од која дејствувале како сириските бунтовници, така и оддели на специјалните сили на САД и на Велика Британија кои се присутни во Сирија во рамките на западната коалиција за борба со ИДИЛ (организација забранета во Русија).
Изворите на „Вол Стрит Џурнал“ сметаат дека нападот врз американско-британската база бил претходно испланиран од страна на Русија. Министерството за одбрана на Русија го отфрли обвинувањето и преку својот претставник изјави дека воената меѓународна коалиција се нашла во зоната на дејствување на ВКС по вина на нивното раководство кое одбило да ги координира операциите во Сирија со Москва.
Воениот експерт на ТАСС Виктор Литовкин претпоставува дека цел на авионскиот напад во Ат-Танфе биле терористи. „Во министерството за одбрана на Русија не знаеле за тоа дека базата ја користат Американците и Англичаните, - вели Литовкин за 'Руска реч на македонски'. – На оваа база се наоѓале претставници на терористички организации како што е Џабхат ан-Нусра (забранета во Русија).
Во исто време арабистот Леонид Исаев, постар наставник на катедрата на одделот за политички науки при Вишата школа за економија смета дека верзијата на Wall Street Journal изгледа вистинито: со нападот на базата Русија им испратила на САД и на нивните сојузници сигнал за тоа дека отсуството на координација може да биде мошне опасно и тоа дало резултат. „Преговорите што се одвиваа помеѓу Лавров и Кери во последно време (по нападот на базата) се сведуваа имено на неопходноста од спроведување руско-американска координација“, вели експертот.
Ситуацијата во која Русија демек ја нападнала американско-британската база изгледа заканувачки, но реакцијата на нападот беше воздржана. Претставниците на власта на САД и на Велика Британија не го коментираа инцидентот, доколку не се земе предвид соопштението на Пентагон од 18 јули, според кое руските и американските воени служби подробно ја разгледале ситуацијата и дека ќе направат сè за да се избегне повторување на вакви случаи во иднина.
„Во нападите не настрадаа американски и британски војници, - вели Виктор Литовкин. – Имено со тоа е поврзана и воздржаната реакција на официјалните лица“. Леонид Исаев е уверен дека цел нападите биле токму опозиционерите, а не претставниците на западната коалиција, а Русија не ви ги нападнала силите на САД и на нивните сојузници во Сирија. „И во Сирија, и во САД сфаќаат дека директниот судир може да доведе до сериозен конфликт кој не ѝ е потребен ниту на едната, ниту на другата страна“.
Русија веќе ги повика САД на потесна соработка во Сирија, усогласувајќи единствен список на терористички групи и споделувајќи ги координатите на опозиционерите кои се лојални на западната коалиција, со цел да бидат изземени од можните напади на ВКС. Сепак, во блиска иднина ваквата варијанта, според мислењето на експертите, нема да може да се реализира.
„На САД им е тешко да направат единствен список на силите на умерената опозиција која не треба да се напаѓа и со која е неопходно да се водат преговори, - смета Леонид Исаев. – Проблемот е во тоа што опозицијата е мошне нејасна“. Многу групи од опозицијата, потсетува експертот, се делат, преминуваат под различни знамиња, велејќи за себе те дека се светски, те дека се исламистички и соработуваат, меѓу другото, и со Џабхат ан-Нусра, која се смета за терористичка група како во Русија, така и во САД.
Виктор Литовкин укажува на тоа дека координацијата ја препречуваат и споровите помеѓу Стејт департментот и министерството за одбрана на САД, каде постојат различни гледни точки во врска со соработката со Русија во Сирија. „Кога Сергеј Лавров се договара за нешто со државниот секретар Џон Кери, на крајот излегува дека тоа не е договор за Пентагон и за раководството на американските сили во Сирија“, вели експертот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче