Медиум: Стравот од загуба на спонзорите ќе го натера МОК да ја казни Русија

Според мислењето на „Ју-Ес-Еј Тудеј“ (USA Today), учеството на руската репрезентација на Олимписките игри во однос на допинг скандалот ќе му нанесе сериозна штета на имиџот на натпреварувањето. А тоа, од своја страна, ќе предизвика силно незадоволство кај спонзорите. Ако тие се искажат против Русија, тогаш МОК ќе донесе одлука за исклучување на руската репрезентација колку што е можно побрзо, пишува изданието.

Одлучувачки фактор во одлуката на МОК за учеството на руските спортисти на Олимписките игри во Рио може да биде мислењето на спонзорите, смета американското издание „Ју-Ес-Еј Тудеј“.

Според весникот, ако главните спонзори на Олимписките игри истапат со изјави против Русија, тоа ќе го присили МОК побрзо да донесе одлука. „Штом приливот на готовина ќе почне да секнува, луѓето почнуваат да донесуваат одлуки“, пишува изданието.

Впрочем, во моментов сите главни олимписки спонзори како Кока-Кола и Виза не го коментираат скандалот со допинг. Весникиот не смета дека таквото однесување е изненадувачко, затоа што до почетокот на игрите останаа помалку од три недели, рекламната кампања е во полн замав, а овие компании имаат премногу пари инвестирано во настанот за да креваат врева.  

Сепак, истакнува изданието, компаниите плаќаат огромни суми пари за нивните називи да се асоцираат со Олимпијадата и нејзините идеали. Ако репутацијата на овие натпреварувања биде извалкана, спонзорите нема долго да молчат.

Би било значително подобро кога МОК би донел одлука да ја казни Русија без притисок од спонзорите, пишува весникот. Впрочем, засега Комитетот се однесува сосем воздржано и претпазливо, префрлајќи го правото да се решава судбината на руските спортисти на федерациите кои се надлежни за соодветните спортови. 

„Се разбира, би било прекрасно ако принципите на чесната бора и етичките норми бидат доволни МОК да ја казни Русија за допинг програмата од големи размери, во која учествуваа највисоките спортски функционери на таа земја. Но ако МОК го стори тоа поради стравот од загуба на спонзорите, тогаш нека биде така“, пишува „Ју-Ес-Еј Тудеј“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња