Советникот на Порошенко предвидува војна со Русија

Советникот на украинскиот претседател смета дека постои опасност од избивање директен конфликт помеѓу Русија и Украина.

Директорот на Националниот институт за стратешки истражувања и советник на претседателот на Украина Владимир Горбулин изјави дека постои голема веројатност за избивање војна со Русија.

„Релативното 'затишје' крие во себе макроопасност. Ние всушност ја гледаме само промената на парадигмата на водењето на овој долгорочен конфликт. Освен тоа, настанува вознемирувачко чувство на 'затишје пред бура', особено доколку се земат предвид активностите што продолжува да ги презема Русија на териториите на ДНР и ЛНР, како и на Крим (за кој многумина редовно забораваат). Можноста за масовни воени судири сè појасно се гледа во перспектива“, пишува Горбулин во својата статија, а пренесува РЕН ТВ

Советникот на Порошенко тврди дека „големата војна“ може да стане реалност: „Русија формира три нови дивизии: две во Западниот воен округ, една во Јужниот. Секоја дивизија брои околу 10 илјади лица... Освен тоа, ја зајакнува и воената формација на Крим... Сево ова групирање на силите не може да трае вечно“.

Тој притоа даде и оценка на можностите на Украина во претпоставениот конфликт.

„Како прво, во случај на масовна директна воена агресија на Русија против Украина, нашите шанси да се одбраниме се минимални. Нашите потенцијали толку многу се разликуваат што поинаква варијанта тешко може да се очекува... Како второ, нашата главна задача е да создадеме услови да не дојде до таква војна“, истакна Горбулин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња