Во Бачка и во Срем над 250 години живее словенски етнос кој и покрај тоа што е малоброен (околу 15 илјади луѓе) има официјална автономија, како и другите народи на ова српско подрачје: Унгарците, Словаците, Романците, Хрватите и Украинците. Претставниците на овој етнос живеат на многу места на северот на Србија (Кула, Врбас, Сремска Митровица, Куцура и други), и на истокот од Хрватска (Петровци, Миклушевци), но нивниот главен центар е гратчето Руски Кустур. Зошто Русините од Руски Кустур меѓу себе зборуваат на „руски“ (така Русините од Бачка и од Срем го нарекуваат својот јазик) и каква врска имаат тие со Русија и со Русите? Дописникот на Russia Beyond-Македонија разговараше со рускиот славист, доктор на филолошки науки Вјачеслав Чарски, автор на монографијата „Русинскиот јазик во Србија и Хрватска: лингвогенетички аспект“ (2011).
Russia Beyond-Македонија: Господине Чарски, како дошло до ваквата интересна коинциденција?
Вјачеслав Чарски: Русините од Србија и од Хрватска, како што е познато, се потомци на карпатските Русини. Тоа е народ од источнословенско потекло кој одамна живеел во Карпатскиот регион (Закарпатска Украина, Источна Словачка, Југоисточна Полска). Етнонимот „Руснак“ (вака Русините во Бачка и во Срем се нарекуваат себеси) и „Русин“ (како што себеси главно се нарекуваат карпатските Русини, а исто така и други народи) води потекло од називот Руси во западноруските земји во средниот век кои во овој регион се користел уште од времето на Стара Русија за источнословенското население и за православните христијани.
Подоцна називот „Руси по вера“ почнал да се користи и за гркокатолиците, односно за оние православни христијани кои во 1646 година во состав на Ужгородската унија ја прифатиле унијата со Католичката црква, но ги зачувале основните елементи на источнохристијанскиот обред. Јазикот на Русините во тоа време бил источнословенски „руски“ (тогаш, секако, не постоела поделба на Руси, Украинци и Белоруси). Подоцна, почнувајќи од 16 век, започнува интензивната емиграција на Русините на територијата на тогашна Унгарија, што беше предизвикано од различни економски и политички околности. Кон средината на 18 век Русините започнале да ја населуваат Бачка во согласност со тогашната австриска програма за населување на териториите што биле опустошени од турските војници. Оваа програма до осумдесеттите години на 19 век е реализирана во 8-9 миграциски бранови од различни источни унгарски комитати на тогашна Австрија, а подоцна Австро-Унгарија.
Излегува дека русинскиот јазик и Русините од просторот на поранешна Југославија сепак се поврзани со Русите и со Русија?
В.Ч.: Не е сè толку едноставно. Историски гледано секако, современите Руси, Белоруси, Украинци и Русини (ако ги третираме како посебен народ) колективно се поврзани со Стара Русија, зашто таа била заедничка источнословенска држава. Подоцна најзападниот дел на старорускиот народ доживеал поинаква судбина.
R.B.: На кој друг словенски јазик е најблизок јазикот на Русините од Бачка и Срем?
В.Ч.: До почетокот на 21 век се сметаше дека потеклото на јазикот на Русините од Бачка и Срем е дискутабилно. Постоеше украинска верзија зашто од крајот на 19 век новата „украинска“ идеја активно се промовирала меѓу источните Словени, Русините (односно Руснаците), особено кај интелигенцијата, и претставување како спротивност на „руската закана“ и „русофилската пропаганда“. „Украинофилите“ биле учители од Лавов кои на преминот од 19 кон 20 век доаѓале во Бачка и Срем, „украинофил“ бил и Гавриил Габор Костељник, кој во 1923 година го кодифицирал русинскиот јазик од Бачка и Срем.
Главната идеја на „украинофилите“ се состоела во тоа дека русинскиот јазик од Бачка и Срем води потекло од југозападните украински дијалекти. Украинците веќе над сто години ги сметаат Русините за дел од украинскиот народ, а сите русински дијалекти се третираат како дијалект на украинскиот јазик.
Постои и друга идеја, но таа воопшто не е популарна кај самите Русини од Бачка и од Срем. Според оваа верзија, нивниот „руски“ јазик е идентичен со источнословенскиот дијалект. Ова мислење го делеле познатите чешки и словачки лингвисти Франтишек Пастрнек, Само Цамбел и Јозеф Штолц.
И на крајот, постои и трета варијанта, а таа е денес најпопуларна. Според оваа верзија „рускиот“ јазик е словенско есперанто, во кој на необичен начин се преплетуваат источнословенските и западнословенските црти (така, на пример, мисли познатиот славист Александар Дуличенско и српскиот лингвист Митар Пешикан). Околу сево ова се распалија и политичките страсти, а притоа самиот материјал на јазикот на Русините од Бачка и од Срем никој детално го нема истражувано. Постоеше потреба да се спроведе сеопфатно професионално лингвогенетичко истражување, и јас своевремено го направив.
R.B.: И какви се резултатите?
В.Ч.: Со помош на повеќеслојна компаративна анализа (илјадници маркирани лексички единици, комплетна фонологија и граматика) и современа контактолошка методика установивме дека рускинскиот јазик од Бачка и Срем води потекло од источнословачките дијалекти од околината на Требишоб (историска област Земплин) од една страна, и околината на Прешов (историска област Шариш) од друга страна. Токму од овие подрачја доаѓал главниот бран доселеници во Бачка што го потврдуваат бројни извори од 18 век.
Излезе дека карпаторусинските дијалекти од овие историски области (тие и таму постојат) не учествувале активно во генезата на русинскиот јазик на Србија и Хрватска. Ниту едно од 62 системски јазични обележја кои ги издвоивме за време на компаративната анализа не го поврзуваат „рускиот“ јазик со карпаторусинските дијалекти од Шариш и Земплин. Повторувам, токму од овие подрачја гркокатолиците се доселиле во Бачка. Од друга страна секое од овие 62 обележја во целост се идентични или со требишовските, или со прешовските источнословенски дијалекти.
R.B.: Ако „рускиот“ јазик е источнословачки, значи ли тоа дека Русините се всушност Словаци?
В.Ч.: Ајде да не ја мешаме националната припадност и потеклото на јазикот, како што тоа го прават патриотските или националистички расположените украински или словачки научници. Русините од Бачка и Стем се признаено национално малцинство во Србија, со словенско, а најверојатно етнички источнословенско потекло и гркокатоличка вероисповед. Историската Карпатска Русија е сложено подрачје. Таму источнословачкото наречје со текот на вековите се ширело на исток, потиснувајќи ги карпаторусинските дијалекти.
Според сè, за време на раните асимилациски процеси во 16 и во 17 век источнословенските гркокатолици преминале на источнословачки јазик, зачувувајќи посебен национален идентитет, етноним и лингвоним, а во Бачка дошле дури откако го прифатиле источнословачкото наречје. Преостанатите малобројни доселеници од други села од овој регион кои зборувале карпаторусински, брзо се асимилирале. За тоа сведочат и историските извори од Бачка и малобројните зборови и закрепени изрази од карпаторусинско потекло кои сепак ги пронајдов во „рускиот“ јазик на тукашните Русини.
R.B.: Дали тоа значи дека резултатите од вашата работа се сензационални? Дали вие по сто години го решивте проблемот и со тоа ставивте точка на целиот тој дамнешен спор?
В.Ч.: Не би рекол. Овој спор е политички и идеолошки и тој нема никаква врска со лингвистиката. Мислам дека сите мои опоненти и по мојата работа ќе го имаат истото мислење што го имаа и претходно. Станува збор за научна кариера на која е посветен цел живот, за многубројни статии, монографии и конференции. Во врска со ова прашање посебно се истакнуваат украинските претставници на општествените науки. Да кажеме, тие на цел глас ќе ги побиваат и ќе го обвинуваат секој автор кој не го дели нивниот став дека Русините од Бачка и Срем се всушност Украинци и дека нивниот јазик има украинско потекло, дури и ако им дадеме очигледни лингвистички докази дека тоа не е тако. Наивниот национален или националистички пристап на прецизните и општествените науки во духот на 19 век е всушност своевиден ноу-хау за многу украински научници.
Покрај тоа, резултатите од истражувањето не им одат во полза на оние русински организации кои од Украина добиваат некаква поддршка, а во Србија постојат такви организации. Секако, мојата работа многу убаво ја примија руските, словачките, унгарските и српските слависти. Така ја прифатија и лингвистите од Украина и русинските лингвисти од Србија кои не се оптоварени со политички и со идеолошки емоции.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче