Зошто велиме „Потемкинови села“?

Ена Налбантиќ

Ена Налбантиќ

Во богатата историја на Русија постојат многу нешта кои влегле во јазичното секојдневие на народот и станале крилатици или фразеологизми. Но, тие не се ограничиле само на рускиот јазик, ами нашле свое место и во другите јазици. „Руска реч на македонски“ започнува нова рубрика во која на своите читатели им објаснува за некои изрази кои имаат руско потекло, а се користат до денешен ден во македонскиот јазик. Денес зборуваме за тоа што значи изразот „Потемкинови села“.

Изразот „Потемкинови села“ може често да се слушне во македонскиот јазик, особено во пишаните текстови. Тој се употребува кога сакаме да кажеме дека нешто е на изглед убаво, средено, но дека нема никаква функција или, пак, дека зад некои нешта не стои нивната суштина, ами само дека постои форма. Но, од каде доаѓа овој израз и која е неговата историја?

Приказната за Потемкиновите села е директно поврзана за „ликот и делото“ на Григориј Александрович Потемкин. Овој руски кнез живеел во 18 век. Тој бил генералфелдмаршал, но во исто време бил човек од доверба и љубимец на најпознатата императорка во нашата ера – царицата Екатерина Велика. Овој благородник кој бил обичен гардиски офицер се прославил кај императорката Екатерина Велика во 1762 година кога таа, сакајќи да се искачи да на тронот и да ја преземе власта во империјата, го протерала својот сопруг царот Петар Фјодорович. По ова тој го привлекува вниманието на царицата и зазема многу значајни функции во земјата. Нему му била припишана голема власт и се здобил со големо влијание како кај благородниците, така и кај народот. Тој учествувал во Првата руско-турска војна од 1768 до 1774 година, а во Втората руско-турска војна во времето на владеењето на Екатерина Велика бил главен командант на руската војска.

И тоа не било сè. Потемкин освен довербата го пленил и срцето на царицата Екатерина Велика. Според дел од историчарите, во 1774 година тие се венчале тајно во храмот Св. Сампсон во Санкт Петербург или во Москва во црквата кај Никитските порти. Исто така, постои и верување дека како плод на оваа љубов се родила и ќерка.

Сето ова како увертира на она за кое и зборуваме – Потемкиновите села. Имено, откако ја добил и довербата и срцето, Потемкин добива можност за унапредување на личната корист. По Првата руско-турска војна, Крим и северниот брег на Црно море биле припоени кон Русија. Тогаш Потемкин се зафатил со колонизација на териториите кои влегле во составот на империјата. Тој на императорката и велел дека крајот се развива со невидена брзина и дека таму „цутат рози“, дека народот живее среќно и дека економијата е во подем.

За да го докаже ова тој во 1787 година организирал патување за царицата Екатерина Велика по Крим. Целата работа била толку помпезна што во свитата бил и австрискиот император Јосиф, а исто така и дипломатски претставници во Русија, меѓу кои и францускиот амбасадор грофот Сегир.

Земјите кои биле колонизирани се нарекувале Новорусија и во нив се влевала голема надеж. Но, бидејќи работите не биле онакви како што ги прикажувал грофот Потемкин, тој морал да смисли итроштина за ги оправда своите зборови. За таа цел Григориј Александрович организирал „театар“. Тој наредил долж патот по кој се движела царската свита да бидат изградени села, кои всушност биле само декорации, кулиси, сценографија. На овие места биле донесени селани од други места на Русија, биле преоблечени во свечена облека, стоеле покрај патот и со цветови во рацете ја пречекувале и ја поздравувале царицата.

Но, откако ќе поминела каретата на царицата и на нејзината свита, луѓето и „декорациите“ биле преместувани на други делови на кои допрва требала да помине Екатерина Велика. Така тие повеќе пати ја пречекувале кралицата. Покрај патот стоеле вреќи, за кои царицата сметала дека во нив се наоѓа жито, но тие всушност биле полни со песок. „Куќите“ покрај кои таа поминувала биле многу убави, украсени, имало цвеќиња, а дворовите биле средени, иако по само една недела тие се исушиле и исчезнале. Во Херсонес, пак, Потемкин наредил да биде изградена тврдина која се урнала по првото невреме, а тука е и големиот брод кој бил изграден специјално за оваа намена, но кој никогаш не бил спуштен во вода, зашто инаку ќе потонел.

Сета таа убавина, сиот тој раскош што Потемкин им го прикажал на царицата Екатерина Велика и на дипломатите биле лага, привид. Но, тоа не останало незабележано. Искусните странски гости ги забележале обидите на Потемкин, па дури и пишувале за тоа. Францускиот амбасадор Сегир во своите мемоари напишал: „Градовите, селата, салашите, а понекогаш и обичните колиби беа толку многу украсени и маскирани со триумфални порти, со цветови и архитектонски декорации, што нивниот изглед мамеше, претворајќи ги во очите на оние што ги гледаат во прекрасни дворци и раскошно направени градини...“

Царицата Екатерина Велика на почетокот одбивала да поверува и да признае дека била излажана, но фактите остануваат факти. Така, веќе на почетокот на 19 век во Русија почнал масовно да се користи изразот „Потемкинови села“ со кои се означува „измама“, „смислено мамење“ или „лажен блесок кој крие неуспешна содржина на нешто“. Овој израз и денес се користи во многу јазици, меѓу кои и во македонскиот, за да означи дека нештата се прикажуваат во многу поубава светлина од она што навистина се.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња