Главниот конкурент на „КамАЗ“ почнува со сериско производство и продажба на новата генерација возила „Урал Next 6x4“.
Фабриката за товарни возила „Урал“ почна со производство и освојување на нов сегмент на пазарот на товарни возила, како и со ширење на извозниот потенцијал. Новата линија модели е наменета за експлоатација како на јавни, така и на некатегоризирани патишта.
Според информациите на службата за односи со јавноста на „Групацијата ГАЗ“ (фабриката „Урал“ е од 2005 година дел од оваа група), во фабриката се модернизирани монтажните линии на кои ќе се произведува генерацијата возила „Урал Next 6x4“ и се обновени платформите за испитувања. Покрај тоа, сите оператори ја поминаа обуката потребна за малку изменетиот процес на производство.
Новата линија модели на возилата „Урал“ е наменета за експлоатација во земјоделието, градежништвото, патничката индустрија и многу други области. Новата генерација ја сочинуваат кипери со носивост до 15,6 тони за превоз на различни видови товар, како и тегначи со маса до 62 тона со шасија со различни должини на меѓуоскиното растојание.
Според производителот, главните предности на новото семејство камиони „Урал“ се функционалноста, перформансите, ергономијата, сигурноста и работниот век. Опремени се со редни мотори ЯМЗ-536 (кипери) и ЯМЗ-653 (тегначи) од класата „Евро-5“.
Како што пренесуваат медиумите, троосовинскиот кипер и тегначот кои на „Урал“ му обезбедуваат освојување на нов пазарен сегмент и широки извозни можности можат да се порачаат по цена од 4310000 (над 57 илјади евра), односно 4979000 рубли (над 66 илјади евра). Сите возила имаат фабричка гаранција од три години или 150 илјади поминати километри при сервисирање на 30 илјади километри. Раководството на фабриката планира производство на повеќе од 200 варијанти на возила за специјална намена, вклучувајќи камионски дигалки, фургони, камиони за превоз на отпад, цистерни, комбинирани возила и бројни други варијанти базирани на шасијата на „Урал Next 6x4“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче