Британците ги плашат со фотографии на Путин

Во Велика Британија се појавија рекламни плакати против масовното следење. На нив се претставени Владимир Путин и Си Ѓинпин со повик до граѓаните на Британија да не дозволат шпионирање на граѓаните какво што има во Русија и Кина.

На последната страница на лондонскиот весник „Гардијан“ од 11 мај може да се види портретот на Владимир Путин. Натписот гласи: „Влада која ги шпионира своите граѓани – она за што сонувавте“. Во последно време вакви слики почнаа да се појавуваат и на билборди во британската престолнина.

Овие плакати ги поставуваат активистите на кампањата под назив „Немојте да нѐ шпионирате“ (Don't Spy on Us). Тие сакаат да им покажат на Британците дека предлог-законот за следење на граѓаните е лоша иницијатива и дека треба да биде стопирана. Ако законот биде потпишан, властите ќе имаат можност да ги следат сите објави на корисниците на интернет, да ги прислушкуваат сите разговори, да ги собираат сите податоци и да имаат увид во персоналните компјутери и другите уреди.

За да им се втера на Британците страв во коски, активистите користат фотографии од претседателот на Русија Владимир Путин и претседателот на Кина Си Ѓинпин. Суштината на предупредувањето може да се формулира на следниов начин: шпионирањето на граѓаните во Велика Британија би можело да достигне размери како во овие земји.

Меѓутоа, една од организациите кои учествуваат во оваа кампања, „Прајваси Интернешенел 2007“ соопшти дека Велика Британија, САД, Русија и Кина во сферата на следење на граѓаните се наоѓаат на приближно исто ниво. Прашање е зошто тогаш во кампањата се користат фотографии токму од рускиот и кинескиот лидер, прашува дописникот на РТ Хари Фир.

„Се разбира, Путиновото лице и она што се нарекува руски бренд во целина сигурно ќе предизвикаат големо внимание во Велика Британија. Особено ако се земе предвид дека во последно време британските политичари и медиуми интензивно работат на демонизација на ликот на претседателот на Русија“, смета дописникот на РТ.

Тој, меѓутоа, додава дека многу корисници на интернет сметаат дека оваа кампања е необична, затоа што на Британците им е добро познат американскиот систем за надзор над граѓаните и тој предизвикува многу повеќе внимание отколку приказната за Кина и Русија. Методите кои ги користи ЦИА станаа широко познати по објавувањето на податоците од страна на Едвард Сноуден.

Затоа некои корисници на интернет им предлагаат на активистите на последните страници на весниците и на плакатите да ставаат фотографија од Барак Обама. Некои мислат дека и лицето на Ангела Меркел би одговарало, затоа што и Германците имаат своја скандалозна програма за шпионирање.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња