Водечките странски медиуми дискутираат за исходот од разговорите на „Нормандиската четворка“ во Минск и се согласуваат во мислењата дека нема гаранција дека договорот Минск-2 ќе се покаже како поодржлив од претходната верзија Минск-1. Згора на тоа, западните новинари се наполно уверени дека Русија, пред сѐ, има намера да го прекрши прекинот на огнот.
„Владимир Путин е задоволен од себе. Откако го грабна Кримскиот полуостров, го разгоре сепаратистичкото движење на истокот на Украина и внесе тенкови прек небранетата граница, тој сега – со помош на двајца европски лидери – го замрзна најексплозивниот конфликт на континентот“, пишува лондонски Тајмс, тврдејќи дека минскиот договор „ќе послужи само како отскочна штица за понатамошното распарчување на Украина“. Путин, според мислењето на весникот, „ја користи и дипломатијата за прикривање на своите намери“, а Ангела Меркел и Франсоа Оланд вложија во Минск „џиновски напори за спречување на голема војна во Европа по секоја цена“.
Германското издание на Дојче Веле пишува дека „бунтовниците поддржувани од Русија како резултат на неколку напади во разни правци веќе заземаат дел од територијата во низа области“, и токму тој факт прави да се посомневаме дека „примирјето од 15 февруари навистина ќе се почитува“. Изданието не верува дека борците од Донбас ќе го почитуваат прекинот на огнот и пишува дека „во идните неколку недели може да се појави потреба од разгледување на прашањето за нови санкции или дури и за испорака на оружје на Украина“.
Американскиот Вашингтон Пост ја презентира средбата во Минск како потпишување на спогодба меѓу Порошенко и Путин со посредништво на Германија и Франција и тврди дека таа „малку придонесува за спречување на неговите (на Путин) амбиции за создавање марионетска држава на истокот на Украина која може да биде искористена за субверзивни активности во однос на останатата територија на земјата“. Весникот гледа во потпишаниот документ за Москва „дозвола да се продолжи со рушењето на суверенитетот на земјата“ и се жали дека „господинот Обама се ограничува со тоа што се држи на растојание“. Во Вашингтон Пост се убедени дека „без дополнителен економски и воен притисок господинот Путин никогаш нема да ги исполни тие услови“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче