Сè што треба да знаете за руската „бања“ на едно место (совети, упатства и фотографии)

Руска сауна во клубот „Орли“

Руска сауна во клубот „Орли“

Олег Ласточкин/Sputnik
Руската сауна или „бања“ е едно од најважните места за рускиот човек, на кое тој не само што го чисти своето тело, туку и разменува новости, се опушта кога има слободен ден и дури склучува и зделки. Овде ќе пронајдете сé што треба да знаете за руската „бања“.

Што ја прави руската сауна различна од другите?

Руската сауна нема ништо заедничко со екстремно влажниот турски ан или екстремно сувата финска сауна. Таа е всушност нешто помеѓу: во руската сауна воздухот е прилично влажен (не повеќе од 40%), а температурата во неа се движи од 60 до 90 степени.

Влажната топла пареа полесно се поднесува отколку сувиот врел воздух, така што руската сауна подразбира долго „седење“. Печката во „бањата“ е затворена и во неа горат дрва. Во самата просторија има загреани камења кои одвреме-навреме се полеваат со вода и на тој начин се создава пареа.

Борис Кустодиев „Руска Венера“

Конечно, главната карактеристика на руската сауна е метличката (обично направена од дабови или брезови гранчиња). Обично претходно се кисне половина час во ладна вода, а потоа во вода загреана на 70-80 степени, по што со неа се „камшикуваат“ сите што сакаат. Се разбира, да се биде прво практично зготвен на дрво, а потоа да исплескан со метличка не звучи како посебно задоволство. Меѓутоа, руската сауна е високо ценета и тоа поради неколку причини. Меѓу другото, третманот во неа е добар за детоксикација на целиот организам и јакнење на имунитетот.

Како изгледа класичната руска „бања“?  

Обично тоа е мала дрвена куќичка со две простории: сауна и претсобје. Во сауната луѓето седат на пареа, а потоа се капат, додека во претсобјето се пресоблекуваат и одмораат помеѓу влегувањата во сауната. Токму таква дрвена куќичка „бања“ на своите платна често прикажувале руските сликари. 

Порано бањите се загревале „на црн начин“. Тоа значи дека печката во таквите бањи немала оџак и затоа целиот чад излегувал во самата просторија. За да се растура чадот, се отворала вратата, па дури по некое време се влегувало внатре на пареа. Поради тоа сите ѕидови биле покриени со црни саѓи. Потоа се појавиле таканаречените „бели“ сауни со сулинари и повеќето „бања“ денес се токму такви.

Меѓутоа, денес руската сауна може да изгледа секако (најважно е да се задржи правилниот однос помеѓу температурата и влажноста): од приколка за автомобил до јавна бања обложена со мермер со орнаменти и столбови.

Има и мошне необични варијанти (всушност, каде и да отидат Русите, таму е и „бањата“). Како ви се чини сауна во вселената или под вода?

Капење во вселената. Валентин Лебедев и Анатолиј Березовој на орбиталната станица „Саљут-7“, 1982 година

Кој денес оди во руска „бања“?

Во последно време може да се слушне дека „бањата“ повеќе не е составен дел од животот и дека станала само еден вид забава за Русите и атракција за туристите. Тоа е само делумно точно. Навистина, бањата го изгуби своето свето значење кое го имаше некогаш, кога во неа одеше целото семејство, кога во неа се лечеа болести, се истеруваа демони, кога во неа се пораѓаа жени, кога во неа се крштеваа деца, кога во неа се баеше и гаташе итн. Во повеќето руски домови денес има обична бања и не секој оди во „бања“.

Меѓутоа, јавната сауна во Русија за многу луѓе сè уште е место за дружење со пријателите. Нејзини редовни посетители се обично жени и мажи на возраст од 30-40 и повеќе години. Иако во последно време сé почесто се гледаат и помлади луѓе од инженерско-техничките професии или, пак, службеници, а некои „бањи“ во современиот свет имаат и ресторани и нудат фризерски, спа и услуги за масажа.

Она за што треба да бидете подготвени во „бањата“ се разговори со најразлична содржина, кои можат да бидат отворени, понекогаш и непријатни или, пак, забавни, предупредува блогерката Ана Артемјева. Таа ги обиколува сауните низ цела Русија и за своите искуства пишува на својот блог. На пример, каков е односот кон оние што не се соблекуваат голи или како бањата може да ве излечи од комплекси

Што треба да знаете пред да одите во руска „бања“?

Постојат неколку основни правила кои треба да се почитуваат за да имате добро искуство во бања. На пример, пред сауна не треба да јадете многу. И треба да се избегнува алкохол. Меѓутоа, тоа е правилото што најчесто се прекршува. Сепак, треба да имате на ум дека комбинацијата на алкохол и висока температура претставува ризик по здравјето. Најдобро е за време на вашата посета на „бања“ да се држите до чај од лековити билки.

И, се разбира, има неколку чувствителни прашања кои можат да ја претворат посетата на „бањата“ во вистинска ноќна мора. Прочитајте за редовните посетители на бањата, осудата за носење костим за капење и принудното скокање во снегот во текстот: 5 „опасности“ што ги носи руската сауна.

Дали е нормално деловниот партнер да ве покани во сауна?

Да, тоа бил обичај уште во времето на Стара Русија. Приватната сауна била важен елемент на имотот на рускиот трговец. Трговците воспоставувале врски на други места: на чајанки, во возови, во цркви (во подрумите на црквите често имало стока за трговија), во театар итн. А во „бањата“ се одвивала последната фаза на договорот. Зошто било така - дознајте овде.

Денес, потенцијалните партнери може да бидат поканети во „бања“ од поинакви причини отколку во Стара Русија, но како неформален амбиент руската сауна и понатаму е привлечно место.

Кои „бањи“ се најпопуларни меѓу туристите?

Легендарната Сандуновска бања во Москва е сигурно една од најубавите и најпопуларните меѓу туристите. Отворена е пред повеќе од 200 години за најелитните слоеви на општеството. Токму тука, опкружени со мермерни столбови и гипс, се капеле писателот Лав Толстој, поетот Александар Пушкин и членовите на династијата Романови.

Сандуновска бања

И Санкт Петербург е познат по своите историски „бањи“. Една од најпопуларните се наоѓа на Василевскиот остров и се вика „Имбир“ (Ѓумбир). Зградата е изградена уште во XIX век специјално за сауна и оттогаш веќе 174 години луѓето се бањаат, капат и одмораат овде.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња