Првите месеци од операцијата „Барбароса“ се поврзани речиси исклучиво со порази на Црвената армија. Недоволно развиените и мобилизирани единици во моментот на нападот на западните граници на 22 јуни беа главната причина за молскавичниот пробив на Германците. Советската команда се обидуваше со напади на механизираниот корпус да ја запре германската офанзива, а на некои места и да ја поврати иницијативата. Еден од тие удари е Лепељската контраофанзива која заврши со тежок пораз за Црвената армија.
По уништувањето на основните сили на Западниот фронт во котлите под Бејласток и Минск германските сили продолжија да напредуваат кон бреговите на реките Западна Двина и Днепар. На четврти јули во својство на авангарда тргна 7 панцер-дивизија која го зазеде Лепељ и продолжи да се пробива кон исток. Со неа офанзива извршија и 17 и 12 тенковска единица. Треба да се каже дека поради загубите во првите две недели од операцијата, дивизиите не беа во целосен состав. Падот на Витебск требаше на Германците да им овозможи понатамошен пробив кон Смоленск и Москва. На театарот на борбените дејствија советската команда ги префрлила 5 и 7 механизиран корпус од Московскиот воен округ со цел да се запре германската офанзива во пределот на Витебск. Во својот состав имаа околу 1.400 тенкови со додадени неколку десетина нови Т-34 и КВ-1. Основата на тенковите беше составена од лесни тенкови Т-26, БТ-7. Првиот план предвидуваше корпусите да се воведат како подвижна одбрана, на местата каде би се пробивале германските клинови. Но, маршалот Тимошенко сметаше дека постојните сили можат со контраофанзива да ги одбијат Германците и до 100 километри кон запад. Ова се покажало како мошне голема грешка.
Вечерта на 5 јули издаде директива за задачите за офанзивните сили на два корпуси. Според неговата замисла 5 и 7 корпус требаше да постигнат длабочина на пробив од 130 до 140 километри во правец на Островно и Сено (Сјано). Лепељ требаше да биде крајната точка. Почетокот на нападот беше утрото на 6 јули.
На советската контраофанзива Германците ѝ се спротивставија со 400 до 600 тенкови на три панцер-дивизии. Сепак не е сè во бројките, германските сили имаа мошне помоќна воздушна поддршка, а треба да се зема предвид и фактот дека поголемиот број германски тенкови користеа радиоврска, што не беше случај со советските тенкови во првата фаза на војната. Исто така треба да се нагласи дека последните години воената историографија откри значајна улога на германските тегначи на противтенковско оружје кои ја следеа офанзивата на оклопните единици и кои развиваа средства за противоклопна одбрана на положбите на панцер-дивизиите.
Советската 14 тенковска дивизија ја започна офанзивата на 6 јули во правец на реката Черногостнива. Цел шести јули дивизијата не постигнала никакви успеси, а претрпела сериозни загуби. Пред сè генералот Курочкин известувал дека координацијата на единиците е лоша и дека Германците речиси без никакви пречки од советската авијација ги бомбардираат офанзивните тенкови на Црвената армија што доведува до големи загуби. Офанзивата траела цел 7 јули. Од 126 тенкови колку што учествувале во нападот 50% биле изгубени, а во борбата загинале 200 луѓе. Дивизијата добила нова задача за следниот ден, но тогаш веќе ја изгубила борбената способност.
Осумнаесеттата тенковска дивизија напаѓала во насока на Сено. Оваа дивизија остварила привремен успех, исфрлајќи делови од 17 панцер-дивизија чии предни делови го зазеле Сено. Следниот ден, на 7 јули, дошло до жестока борба која се карактеризирала со контраофанзиви од едната и од другата страна. Но 18 тенковска дивизија на Црвената армија се повлекла зашто не добила поддршка од другите единици.
Петтиот механизиран корпус имал почетен успех на 6 јули, правејќи продор од 13 до 15 километри. Ги нападнал растегнатите делови на германската 17 панцер-дивизија која се пробивала кон Сено, а предниот одред зајакнат со 17 мотострелечки полк се пробил во реонот Цотов и Толинов. Со тоа успеал да расече делови на германската дивизија. Меѓутоа по напуштањето на Сено од страна на делови на 7 механизиран корпус, ситуацијата на 5 корпус станала тешка зашто 7 и 17 германска дивизија извршиле контранапад и ги ставиле во опкружување неговите предни делови.
По поразот што го претрпеле оклопно-механизираните корпуси, било решено операцијата да виде запрена и останатите сили да бидат изведени од борбата. Преостанатите тенкови на 5 корпус биле одведени кај Орша каде по наредба на генералот П.А. Курочкин, командант на 20 армија, биле употребени за пешадиските позиции. Остатоците од 17 тенковска дивизија се пробиле од опсадата дури на 20 јули.
За време на Лепељскиот контранапад Црвената армија изгубила 832 тенка од околу 1.400. Германските загуби не се точно утврдени, но приближно може да се каже дека имаат изгубено неколку десетина тенкови, додека пешадиските загуби биле прилично големи. Ова го потврдува и дневникот на генерал Халдер кој ја сумирал битката: „На северното крило на 2 тенковска група противникот изведе низа силни контранапади од правец на Орша против 17 панцер-дивизија. Овие противнапади се одбиени. Нашите загуби во тенкови не се големи, додека пешадиските загуби се прилично големи...“
Како резултат на битката 20 панцер-дивизија на третата тенковска група на Х. Гот се пробила во Витебск на 9 јули, а тешките загуби на тенковските сили на Црвената армија им овозможиле на Германците полесно да дојдат до Смоленск каде се одиграла нова и многу поголема битка.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче