5 најнеобични руски сауни: во вселената и под вода

Russia Beyond (Photo: Legion Media)
Русите не можат да си замислат полноцен живот без ритуалите во „бања“ (руска сауна), затоа одамна ги носат со себе дури и во вселената и под вода.

Вселенска сауна

Пред да стаса таму, космонаутите мораа да користат влажни марамчиња, што само делумно го решаваше прашањето за хигиената. Пронаоѓачот, инженерот Александар Масарски, раководител на студентското Конструкторско биро на универзитетите на почетокот на шеесеттите направи мобилна грејна комора „Сауна во куфер“, која беше адаптирана за вселенската станица.

Со цел да приредат ден за „бањање“, космонаутите од „плафон“ до „под“ ја поставуваа „кабината“ од полиетиленска фолија со патент на средината. Во неа се вовлекуваше космонаутот, а во „кабината“ со помош на распрскувач прскаше топла вода што одоздола се всмукуваше по принципот на правосмукалка.

„Нашата сауна функционираше на станиците Салут-6 и Салут-7 и на станицата Мир, а потоа беше потопена заедно со станицата Мир и повеќе не се користеше во вселената“, објасни Масарски во интервју за ТАСС.

Сауната во орбиталната станица Мир претставуваше големо херметички затворено буре во кое се генерираше пареа, за што беше потребно големо количество вода. Имитацијата беше толку успешна што космонаутите можеа дури и да користат метлички за триење за време на бањата.

Излегува дека космичките технологии имаат направено чекор наназад. Во современата Меѓународна вселенска станица не постои и не е предвиден дури ни туш. Така што современите истражувачи на вселената на располагање имаат само влажни марамчиња.

Сауна во нуклеарна подморницa

Првите сауни се појавија во тешките ракетни подморници „Архангељск“ и во „Северстаљ“ од проектот 941 „Ајкула“. Тоа се најголемите подморници на светот, а поради комфорните услови за сместување на припадниците на морнарицата „Ајкула“ ја нарекуваат „пловечки Хилтон“. Освен сауна има и базен 4 х 2 метри, длабок 2 метри, како и солариум и спортска сала.

Освен тоа, сауни постојат и на стратешките подводни носачи на ракети од типот „Бореј“. „Сауната на (овој) носач на ракети е предвидена за три-четири лица. Направена е од јасика, зашто под дејство на притисокот на трупот на подморницата кабина од дрво на четинар брзо пропаѓа, додека јасиката поднесува значително поголемо оптоварување“, вели во интервју за ТАСС Виталиј Буковски, началник на одделението за мебел на одбранбеното бродоградилиште „Семаш“, кое е најголемо во Русија.

Сауна на шини

Првиот воз-сауна во Русија е направен во 1904 година за потребите на Црвен крст. Беше составен од четири вагони: пералници со рачни машини за перење алишта и со дезинфекциски комори за обезбедување хигиена во теренски услови. Во периодот на Руско-јапонската војна од 1904-1905 година ваква подвижна сауна користеа стационарните и мобилните болници на Далечниот Исток на земјата.

На борбените линии во Првата светска војна се користеа три воза-сауни. Првата композиција имаше 19 вагони, две цистерни и парна локомотива. Во неа се наоѓаа сауни, соби за дезинсекција и за дезинфекција, чевларска и кројачка работилница, соблекувална, чајџилница, трпезарија, кујна. Мобилните пералници за алишта беа сместени во посебни возови.

Во Втората светска војна СССР формираше речиси сто возови-сауни со цел да го спречи ширењето заразни болести. Тие сообраќаа на најразлични маршрути. Така, на пример, 38 дезинфекциски воз со сауна и со пералница, направен во Тјумењ, ги има поминато Сталинград, Брест, Минск, Прага, Варшава и Берлин.

Сауна на тркала

Во споредба со гореспоменатите примери, сауната во комби не е ништо невообичаено во Русија. Ваквата услуга е достапна во текот на целата година и е сѐ попопуларна кај љубителите на ловот и на риболовот.

Бањата на тркала е наменета за 3-5 лица и претставува добро изолирано товарно комби на база на возилата КамАЗ, ЗИЛ или на ГАЗ, кои се составени од две простории обложени со дрво: парна бања и соблекувална со туш. Печката со загреани камења се поставува однадвор, резервоарот за вода однатре. Со цел камењата да не испаднат од печката во текот на возењето, од нив се прави „ѓердан“, односно се нижат на жица.

Сауните за над пет лица се прават од автобус. Освен стандардните простории во нив можат да се наоѓаат посебни туш-кабини, бар, биолошки тоалет, соба за одмор, па дури и соба за масажа.

Подземна сауна

Сауната-колипка се смета за едноставно практично решение кое им овозможува на љубителите на сауна да заштедат на дрва и на греење. Она што е најважно на што не треба да се штеди при изградбата на ваквите сауни се дренажата, вентилацијата и хидроизолацијата (од подземните води).

Колипка или полуколипка која се грее на дрва и која се користела за бањање во Стара Русија се нарекува „истопка“ и била предок на современата руска сауна. Со цел да се изгради „истопка“ неопходно било да се направи дупка во земјата длабока околу еден метар, по краевите да се постават носечки столбови кои се издигнувале на околу еден метар од земјата. Покривот се правел како настрешница од трупци или бил на две води, што било позгодно за исфрлање на чадор. Се покривала со танки стебла, со слама, се премачкувала со земја и околу почнувале да растат билки, пишува Јуриј Хореев во својата книга „Теорија на бањата“. Назима снегот на покривот создавал дополнителна изолација. Печките во нив се правеле во длабочината на просторијата, имале само еден отвор од страната кој се користел и за ставање дрва и за исфрлање на чадот. Специфичноста на изградбата на ваквите сауни подразбира и зголемена влажност.

Ништо помалку популарни биле „подземните сауни“ кои ги имало и на Кавказ. Тие се граделе според принципот на источните амами – во облик на засведени-куполни градби вкопани во земјата на два до три метри со посебни котларници.

Една од таквите сауни – Девојчешката – зачувана е во Дербент (Република Дагестан). Изградена е во 13 век и била наменета за предсвадбено бањање на девојките. Денес во ова здание се наоѓа Музејот на културата и на секојдневието на стар Дербент.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња