Најчудните обичаи во Стара Русија (ФОТО)

Russia Beyond ( МАММ / МДФ / Russia in photo ; Киностудия им. М. Горького)
Зошто Русите намерно ги боеле здравите заби во црно? Зошто склучувале зделки во сауна? И зошто криеле исечените нокти? Ова се најчудните обичаи од Стара Русија.

Од каде црни заби?

Она што денес би предизвикувало збунетост, во Стара Русија се сметало за карактеристика на високиот општествен статус. Се работи за црните заби. Во Русија, овој обичај е познат уште од XVII век, од времето на владеењето на Алексеј Михајлович, вториот руски цар од династијата Романови. И бил актуелен сé до почетокот на XIX век. Благородниците, трговците и богатите селани намерно ги боеле забите во црно со помош на јаглен, додека помалку имашните класи се обидувале да ги имитираат во тоа. Оваа мода постоела истовремено со модата на црни веѓи, бледо лице и румени образи. „Нивните лица, меѓутоа, значително ги расипуваше употребата на белило и руменило, како и сосем црните заби, со кои ги имитираа градските трговки, меѓу кои во тоа време владееше таква мода“, запишал писателот Салтиков-Шчедрин во „Пошехонски старини“ (1888).   

Постојат неколку објаснувања зошто луѓето го правеле тоа. Според првата верзија, на тој начин сакале да ја сокријат разликата помеѓу здравите и нездравите заби. Во тоа време не било можно да се избелат забите, белилата што се користеле во тоа време на база на жива со текот на времето ја уништувале забната глеѓ (што создавало темни заби). Така што поедноставно било просто да се исцрнат сите заби и тоа да се прогласи за мода!

Друга верзија: црните заби биле директен доказ за богатство. Тие природно поцрнувале кај оние кои можеле да си дозволат да го јадат прескапиот шеќер, бидејќи забите им ги расипувал кариесот. На сите други намерно им ги боеле забите со јаглен, за да покажат дека и тие можат да си дозволат да пијат чај со грицкање шеќер.

Зошто зделките се склучувале во парна бања  

Руската сауна или „бања“ за Русинот била свето место. Освен што во неа човек си го чистел телото, таму се крштевале деца, се договарале бракови, се лекувале болести, пред доаѓањето на христијанството таму се вршеле пагански обреди итн. Така што и во толку важното прашање како што е трговијата сауната играла важна улога. Личната бања била важен елемент на имотот на секој имашен трговец.

Трговците воспоставувале деловни односи на други места: дома на чај, во воз, во црква (во подрумите на црквите често имало стоки за трговија), во театар итн. А за бањата била резервирана последната фаза од договорот. Тоа било ново ниво на односи. Партнерот ќе го поканеле во бања во последната фаза од склучувањето на договорот, каде што во неформална средина се договарале деталите на зделката или едноставно се јакнеле личните врски. Има уште еден аспект: на тој начин можело да се провери стабилноста и цврстината на партнерот, да се „тестира“ неговиот карактер. Обичајот да се канат деловните партнери во сауна понекогаш се среќава и денес.

Зошто се чувале и криеле исечените коса и нокти

Ништо не може да се најде во Светото Писмо или во православните религиозни извори за фактот дека исечената коса и нокти треба да се чуваат безбедно и во никој случај да не се фрлаат. Меѓутоа, во Стара Русија постоеле голем број суеверија во врска со тоа. Луѓето верувале дека вештерките со помош на косата или ноктите можат да му наштетат на нивниот сопственик. Затоа луѓето се плашеле просто да ги фрлат. Се сметало дека косата и ноктите се носители на енергијата на човекот и дека го поврзуваат со оној свет.

Луѓето го решавале овој проблем на следниов начин: косата и ноктите по сечењето ги сокривале на најскришното место, или ги палеле, или ги закопувале длабоко во земја.

Испраќање храна за оние кои не можеле да дојдат на гости

Во Стара Русија постоеле строги правила кога станувало збор за пречекување гости и одење на гости. Овие правила го пропишувале односот помеѓу домаќинот и гостите, редоследот на сервирање на јадењата и распоредот на гостите на масата.

На пример, важните и богатите гости биле пречекувани на тремот, додека обичните гости биле дочекувани на трпезата. Послужувањето на јадењата се разликувало од денешните обичаи: најпрво се служеле печива со фил, потоа јадења од месо и риба, дивеч, а на крај супа или чорба. Потоа следела пауза, по што на гостите им бил послужуван чај со деликатеси како сушено овошје, бобинки, мед. Притоа гостинот не можел да ја одбие храната, бидејќи тоа значело навреда. И што е уште поинтересно: од храната не можел да се спаси ниту тој што бил поканет, а не дошол. Според обичаите на Стара Русија, на таков гостин му се испраќала храна дома, за да не се навреди.

Како „повторно се печеле“ деца  

Овој древен обред се изведувал за болни или слаби деца. Неговата суштина била во тоа да се врзе детето за лопата и трипати да се внесе во топла печка. „Повторното печење на детето“ е поврзано со паганскиот обред на „прочистување со оган“. Се сметало дека огнот ја исфрла секоја болест од телото. Притоа детето често се премачкувало со тесто.

Обредот го опишува етнографот Василиј Магнитски во делото „Материјали со објаснување на старата чувашка вера“: „Еве како, на пример, ја лекувале изнемоштеноста кај децата (исцрпеност на организмот). Болното дете се става на лопата, се покрива со слој тесто, оставајќи само отвор за устата. После тоа врачот трипати ќе го провлече детето низ печката преку жарта“.

Потоа, според истражувањето на друг етнограф, Петар Денисов, детето „го фрлаат од лопатата преку улар на прагот, каде што кучето ќе го изеде тестото што го покрива детето“. Во текот на оваа постапка се изговарале бајачки.

На некои места можело повторно да се „пече“ и здраво дете, за да биде уште посилно. Но, сепак, по правило тоа се правело со деца кои биле на работ на смртта. Се случувало и детето да умре за време на обредот, но во тој случај се сметало дека и без тоа му немало помош. 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња