„Неверојатно искуство! Надворешниот изглед нe открива што се крие внатре. Дури кога ќе влезете ви се нуди спектакуларно руско искуство. Неверојатна руска грандиозност со восхитувачки декор од соодветната епоха“. Вака денес за Сандуновските парни бањи или едноставно само Сандуни зборуваат странските посетители. Ист таков впечаток бањата оставала уште од 1808 година кога е отворена.
Сандуни беа опремени на највисоко можно ниво, а ентериерите се споредуваа со дворските. И што е мошне важно, без оглед на високопозиционираните и видни гости, од чиновници и Лев Толстој до великите кнезови Романови, ова место никогаш не било резервирано само за аристократијата. Во бањата понекогаш уживаше и обичниот свет.
Сандуновските бањи го имаат добиено своето име по основачите, глумците од дворскиот театар Сили Сандунов и Елизавета Уранова. Императорката Екатерина Втора била голем почитувач на нивното творештво, а кога се венчале, им подарила раскошен дијамантски ѓердан.
За да ја поправи материјалната положба на семејството, Сандунов во Москва започнува приватен бизнис. Сите пари што ги имал заработено, вклучително и оние што ги имал добиено од продажба на подарокот од императорката ги потрошил на купување земјиште во близина на Бољшој театар и Кремљ. Првобитно планирал изградба на продажни објекти или на станбена населба, но на крајот се одлучил за бања.
Парната бања била завршена во 1808 година, а во „бањата се затегнала цела Москва“. „Од моментот кога се отворени Сандуни биле центар на престолничкиот општествен живот. Нешто како англиски клуб за благородници и поликлиника за обичниот свет“, пишува Гиљаровски во делото „Москва и московјани“ (1926).
Во Сандуни секој општествен сталеж имал своја бања. Добростоечките во „благородничкиот“ сектор на бањата плаќале пет рубли. Работниците и бедните бањањето во „народскиот“ дел ги чинело пет копејки. Водата, топлината и пареата во тој дел биле исти, но уредувањето било поинакво.
Удобноста за благородниците била невидена во тоа време. И додека претходно во бањите постоеле прегради кои ги делеле мажите од жените, во Сандуни е воведена новина, бањите биле поделени на машки и на женски дел. За благородништвото се направени одвоени простории со меки софи, чисти чаршави, соблекувалници со огледала, сребрени легени и обучена послуга.
Соблекувалниците во кои било мошне пријатно да се минува времето набргу се претвориле во клуб. Во парните бањи се среќавала литературната и политичката елита. Во „благородничкиот“ дел се бањале и Александар Пушкин, и Лев Толстој, и Антон Чехов, кој живеел во близината и сакал да ги посетува Сандуни.
Во деветнаесеттиот век Сандуни често ги менувале сопствениците, но исто така со текот на времето пропаѓале. Иако успеале да ја зачуваат репутацијата, популарноста молскавично ја губеле. Во Москва започнале да се отвораат помодерни бањи.
Кон крајот на векот Сандуни се најдоа во сопственост на Вера Фирсанова, ќерка на еден од најбогатите московски претприемачи Иван Фирсанов. Нејзиниот сопруг Алексеј Генецки ја убедил богатата наследничка да ги вложи парите во „урнатината“ и на тоа место да подигне „дворец за парни бањи каков што Москва нема видено и нема да види“. Во тој момент започнал новиот живот на Сандуни.
Планот за реконструкција бил грандиозен. Гонецки отпатувал во Турција и во Ирска за да „собере“ странски искуства. Го ангажирал еден од најдобрите виенски архитекти од тоа време, Борис Фрајденбарг и за уредувањето на „дворецот“ ги донел најдобрите материјали, мермер и гранит од Италија и од Норвешка, а керамичките плочки од Швајцарија и од Англија. Електричната станица, инаку трета во тоа време во Москба, изградена е само за Сандуни, а за филтрирање на водата се користела американска апаратура.
Новите Сандуни повторно ги отвориле вратите за посетителите во 1896 година, а за да го види величествениот настан се собрала „половина Москва“. И навистина имало што да се види. Арапски двор, маварска сала, готска сала, ирски и руски оддел за парење, антички базен, гипсени дела и мермерни скалила, скулптури, ѕидови насликани со златни бои, со еден збор севкупното внатрешно уредување можело да им парира на раскошните вили на руското благородништво.
По ваквата реконструкција Сандуни се вратиле во првата лига. Оперскиот пејач Фјодор Шаљапин кој редовно ги посетувал Сандуни и таму нарачувал рибина чорба од кечига, ги нарекувал московски парни бањи „Цар бања“. И имал право, тука доаѓале да уживаат во бањските благодати дури и великите кнезови Романови.
Со доаѓањето на власт на комунистите Москва за малку ќе останела без Сандуни. Целиот тој шик никако не се вклопуваше во новата идеологија. Беа премногу непријателски и буржоаски. Бањата сепак опстана. Се зборува, меѓу другото, и за тоа дека во неа доаѓале бројни партиски функционери зашто била во близина на Кремљ. Меѓутоа, во советско време не се реновираше, што резултираше со големи оштетувања во внатрешноста на бањата. Реконструкцијата на историската бања започна дури во деведесеттите години од минатиот век, а бројни ентериери се обновуваа врз основа на црно-белите фотографии дури на почетокот на овој век. Денес најдобро е зачуван ентериерот на машкиот дел од бањата од висока категорија, па тука се организираат и екскурзии.
Бањата и понатаму функционира на принципот на поделба на категории, денес тоа се прва и висока.
„Во првата категорија парењето е помеко и повлажно, а кај нас во високата е потопло и посилно. Во обете категории има многу гости. Има жени кои доаѓаат веќе дваесет години. Во првиот оддел постојат денови во кои важат поволности за пензионерите, па тогаш во бањата доаѓаат оние на кои ова место им е добро познато уште од времето на „комуналките“ (заеднички станови) без бањи“, напоменува Александра Горјачевски, вработена во женскиот дел од висока категорија.
Сандуните редовно ги посетува широк спектар корисници, од мошне млади девојки (на располагање имаат палета услуги од парење од пилинг, маникир, фризер и уште многу други работи) до познати актери, бизнисмени, канцелариски службеници, спортисти, балерини на Бољшој театар. Инаку самите Сандуни мошне често се споредуваат со Бољшој театар според значењето и историската вредност.
Како и некогаш во Сандуни и денес работи ресторан со руска кујна, а освен машкиот и женскиот оддел постојат и нумерирани бањи кои можат да се изнајмат како соба во хотел (Советска, Камчатска, Римска, Бајкалска, Трговска и други). Секоја соба има оддел за парење, инаку срце на руската бања, базен, салон и спална соба.
„Гумени папучи, чаршав и метличка можат да се добијат во бањата. Препорачуваме капа за глава и бањарка, доколку ви се потребни. Вода можете да донесете или да набавите во минибарот кој не е скап. Ние порачувавме чај, мали палачинки со кавијар, со лосос и со мед“, вели Валентина од Москва.
Вработените во бањата се трудат со себе да однесете најдобар можен впечаток од руската бања и притоа да не си наштетите на здравјето, што никако не смеете да го правите. Бањата треба да ја заобиколите доколку имате висока температура, потоа ако имате воспаление, отворени рани, сериозни хронични заболувања. Алкохолот и бањата никако не одат едно со друго. Тука важи правилото како кога седнувате зад воланот. Ни ронка алкохол. Кога ќе завршите со бањските процедури и се подготвувате да заминете дома, можете да се напиете, вели Алексеј Новиков, вработен во машкиот дел од висока категорија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче