Кога Лaв Толстој пред смртта избегал од својот дом во Јаснаја Пољана, за неговите планови знаела само неговата најмлада ќерка Александра – нејзе татко ѝ пред крајот на својот живот најмногу ѝ верувал. Меѓутоа, во првите години од животот таа била најмалку омилената ќерка на семејството Толстој...
Кога Софија Толстој дознала дека е бремена со 12 дете, вреснала „Лaв, нема да го родам ова дете!“ Очајна поради постојаните неверства на својот сопруг, грофицата се обидела да предизвика спонтан абортус – се капела во врела кура, па дури и скокнала од висока комода со фиоки, но Александра сепак се родила. Мајка ѝ се откажала од неа уште во раната младост, доверувајќи го нејзиното воспитување на дадијарката и на постарата сестра Татјана.
Портрет на Софија Андреевна Толстој сo ќерката Александра, Музеј на Лaв Толстој, Москва
Legion MediaАлександра била добро школувана. „Од десеттата година учев англиски, германски, француски, музика и цртање“, напишала во својата книга „Животот на мојот татко“. „Вежбав секој ден од 9 до 12, па имав пауза за појадок и за прошетка, па потоа повторно од два до шест. Навечер, по ручекот, пишував домашни. Не успевав да впијам толку знаење и слабо учев... Најголем интерес ми беа коњите, игрите и спортот“, има напишанo Александра – нејзините интереси биле исти како и на нејзиниот татко.
Ќерките и сопругата на Лaв Толстој (одлево надесно): Александра, Татјана, Софија, Марија
Legion MediaКако тинејџерка, мразела работи за девојки како парфеми и модни додатоци, избирајќи ножеви, дупчалки и турпии како играчки. Во неа имало многу машка енергија, а многу „машки“ работи ги правела совршено: на оваа снимка се гледа како вози кочија како професионалец, делејќи подароци на селските деца.
Кога наполнила 16 години, нејзиниот татко ненадејно станал приврзан кон неа. Ја водел на долги прошетки, му го пишувала дневникот што тој ѝ го диктирал.
Кога пред смртта Толстој одлучил да ја напушти Јаснаја Пољана, Александра била единствената што знаела за неговиот план. Во семејната драма Саша била целосно на страната на татка си. Таа го следела кога ноќе тајно го напуштил имотот, а два дена подоцна заминал во манастир во селото Шамордино – таму Толстој ја посетил својата сестра Марија. Александра останала со татка си до последните минути од неговиот живот. Според тестаментот на Толстој, по неговата смрт, Александра ги добива правата на неговата литературна оставнина.
Кога избувнала Првата светска војна, Александра доброволно се пријавила да стане медицинска сестра. Во интервју од 1965 година таа вели дека командувала со спасувачки одред „кој имаше 6 лекари, медицински сестри и еден одред војници“ кој транспортирал ранети во болниците. „На почетокот се плашев од операции, но се навикнав на тоа“, ѝ напишала таа на сестра си. На првите линии не ја погодувале најмногу експлозиите, куршумите и крвавите сцени, туку... недостигот на чиста вода. Одгледувана во еден од најдобрите домови во земјата, била опседната со хигиена. И таква жена минала низ тифус и труење на крвта.
За Александра, жена од благородничко семејство, било опасно да се биде меѓу војниците – поттикнати од болшевичката пропаганда, селанските војници ги мразеле благородниците, па на крајот Александра, која за храброста и трудот добила две Георгиевски медали, морала да ја напушти војската. Војниците, вели Александра во интервју од 1965, „знаеја многу малку за Лав Толстој. Малкумина го имаа чуено ова име. Меѓу оние што знаеја кој е тој, многумина го почитуваа. Но, знаете, јас опстанав не затоа што сум посебна, туку затоа што татко ми ме научи да го сакам обичниот народ, да ја разберам неговата психологија. И тие ја почувствуваа таа љубов. Тоа ме спаси“.
Александра, ќерка на офицер на руската војска и благородничка, била во опасност по болшевичката револуција. Само Анатолиј Луначарски, првиот народен комесар за образование, ја спасил Александра, поставувајќи ја за комесар на Јаснаја Пољана.
Во текот на следните три години Александра го отворила дом-музејот на својот татко и музејот на литературното творештво; дури и отворила училиште за селските деца и за тоа побарала помош од Сталин. „Пронајдовме поранешна штала за крави која ја преуредивме за настава. Потоа започнавме сами да градиме училиште... Еднаш лично го видов Сталин, кога побарав од него пари за изградба на училиште... Не видов ништо човечко во него, освен грузиската учтивост“, признава Александра во интервјуто. „Кога се сретнавме, дојде до мене од спротивниот крај на огромната соба и ме испрати кога заминував, ми даде столче, беше неверојатно љубезен и ги исполни сите мои барања. Не можам ништо повеќе да кажам за него“.
Во 1920 година Александра била уапсена, зашто претходната година дозволила во нејзиниот стан да се собере антиболшевичко друштво. Осудена е на три години работа во логор. Кога стасала таму била згрозена од страшните услови и дури и му напишала писмо на Ленин, молејќи го да ја погуби одошто да ја задржи на тоа „смрдливо место“: Ленин не ѝ одговорил. Меѓутоа, за 6 месеци Александра била ослободена – веројатно благодарение на училиштето што го отворила за селаните од Јаснаја Пољана. Властите сметале дека би можела да биде од поголема корист како учителка и чуварка на музејот на својот татко.
Во советско време образованието се засновувало на антирелигиска пропаганда. Длабоко религиозна, Александра тоа не можела да го поднесе, па дури и се обидела да заговара веронаука во Јаснаја Пољана. Јасно било дека работите можат само да се влошат, па затоа Александра се преселила во Јапонија, а потоа во САД. Потоа, во СССР нејзините слики и нејзиното име се исфрлени од книгите и филмовите – изгледало дека Александра Толстој ја нема.
Но, во САД Александра не престанала да го прави она што го сака – да им помага на луѓето. Купилa запуштена фарма, научила да вози камион и трактор. Како вистински Толстој, била независна – кога ѝ биле потребни пари, земала кредити и секогаш ги враќала, никогаш не ги молела за помош „богатите Американци“. Фасцинантно, за 10 години, во 1939 година, ја организирала Фондацијата Толстој, која имала за цел да им помогне на руските бегалци од Европа и од Советскиот Сојуз.
Главната зграда на фармата на Александра Толстој, Спринг Вели, држава Њујорк, 1990 година.
Светлана Мостовец/TASSСтанала натурализирана државјанка на САД во 1941 година, одрекувајќи се од својата руска титула грофица Толстој.
Дури во 1978 година, Александра на 94 години добила повик да дојде во СССР – минале 150 години од раѓањето на нејзиниот татко. Веќе мошне слаба и прикована за кревет, Александра испратила писмо дека не може да дојде поради лошото здравје. „Тешко ми е што не сум со својот народ на руското тло... Во срцето никогаш не ја напуштив Русија“. Почина во Њујорк на 26 септември 1979 година на 95 години.
Балерината Ољга Спесивцева и Александра Толстој во Америка, 1964 година.
Alan Raia/Newsday/Getty ImagesПри користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче