Толстој во кругот на семејството и пријателите, 1908 година.
Карл Булла/Государственный музей Л. Н. Толстого/Russia in photoСо кого сѐ не се гледал и не се дружел Лав Толстој во својот живот од 82 години. Имало и побунети декабристи (за нив планирал да напише роман, но на крајот го напишал „Војна и мир“), и други писатели, луѓе од царското опкружување и обични селани што ги среќавал на имотот во Јаснаја Пољана. Многумина сакале да одат на гости кај големиот писател и едноставно да бидат во близина на човекот кој во текот на животот стана легенда.
„Често размислував за тоа дека ќе дојде денот кога ќе се проучуваат и најмалите детали поврзани за животот и личноста на Л.Н. Толстој. И можеби на идниот читател тогаш ќе му бидат добредојдени сведочењата не само за самиот Толстој, ами и за личностите од неговото најблиско опкружување, меѓу другото за неговите пријатели и познаници“, има напишано секретарот на Толстој Валентин Булгаков, автор на низа есеи за неговите пријатели и следбеници.
Лев Толстој и Максим Горки, октомври 1900 година.
Софья Толстая/Государственный музей Л. Н. Толстого/Russia in photoОдносот на Толстој кон младиот Горки бил во стилот на изреката „од љубовта до омразата има само еден чекор“. Толстој на почетокот бил воодушевен од „вистинскиот човек од народот“, а во својот дневник напишал „Горки и Чехов се мошне пријатни, особено првиот“. На Толстој, свртен кон народот, особено му се допаѓало тоа што Горки е фокусиран на реалистични јунаци, на сиромашните и споулавените, на отфрлените и непотребните луѓе, предизвикувајќи во своите дела љубов кон нив.
Меѓутоа, Горки подоцна започнал сериозно да го нервира Толстој. Кога Горки му прочитал на Толстој одломки од драмата „На дното“ чие дејство се одвива во преноќиште за бездомници, тој го прашал: „Зошто го пишувате ова?“ Една работа е да се прикажуваат такви луѓе, а друга е да им се посветува драма. Освен тоа на Толстој не му се допаѓало уверувањето на Максим Горки дека Бог не постои.
Неверојатниот успех што ја постигнала драмата (Станиславски ја поставил на сцената на Московскиот уметнички театар), го „дотепала“ Толстој. Горки потоа заминал на турнеја во Америка, а Толстој во дневникот напишал дека ненадејно почнало да го иритира тоа што Горки дава интервју за американскиот печат и што во Русија толку многу се пишува за него.
Лев Толстој и Иљја Репин, декември 1908 година.
Софья Толстая/Государственный музей Л. Н. Толстого/Russia in photoРепин и Толстој се запознале во Москва во 1880 година. Во тој момент Толстој не бил толку познат писател. Наоѓајќи се во фазата на „духовна потрага“ и превоспитување на вредностите самиот се упатил во ателјето на младиот сликар (Толстој тогаш имал 52, а Репин 36 години). Подоцна Репин ќе се сеќава дека писателот зборувал со длабок искрен глас за тоа дека луѓето станале рамнодушни кон стравотиите на животот и тргнале по патот на развратот.
Репин често го посетувал Лев Толстој во Хамовники, а кога писателот бил во Москва шетале и разговарале. Тоа било долгогодишно дружење и истовремено полемика за сѐ (во врска со уметноста имале непомирливи ставови). Репин има направено повеќе од 20 портрети и скици за Толстоевите портрети.
Антон Чехов и Лев Толстој, септември 1901 година.
П. Сергеенко/Государственный музей Л. Н. Толстого/Russia in photoСе запознале на почетокот на деведесеттите години од деветнаесеттиот век во Јаснаја Пољана. Меѓутоа, Чехов кој претходно го прочитал „Војна и мир“ бил воодушевен од Лав Толстој и неговите идеи. На Толстој којшто бил целосна спротивност, му се допаѓале кратките и сведени раскази на Чехов, а „Душичка“ ја сметал за вистинско ремек-дело. Во својата приказна главната јунакиња едноставно исчезнува во работата и грижата за секој свој маж, прифаќајќи ги не само неговите интересирања, но и манирот на разговор. И додека Чехов е ироничен кон својата јунакиња, на Толстој му се чинело дека тоа е вистински идеал на жена. Освен тоа, ќерката на Толстој Татјана во „Душичка“ се препознала себеси.
Кога на Чехов му биле потребни пари, Толстој правел сѐ за неговите раскази да бидат печатени. Може да се каже дека писателите ги поврзувало нежно пријателство, а кога неговиот пријател се разболел од туберкулоза Толстој тоа тешко го поднел. Се гледале и во Москва и на Крим каде оделе да се лекуваат. Смртта на Чехов длабоко го вознемирила Толстој.
Меѓутоа, Толстој многу лошо се изразувал за драмите на Чехов. „Како што знаете, јас не го поднесувам Шекспир, но вашите драми се уште полоши“. Толстој го нервирала пасивноста на јунаците. „И до каде ќе стасате со вашите јунаци. Од софата на којашто лежат до шпајзот и назад...“
И Чехов го сменил односот кон Толстој. „Моралот на Толстој престана да ме допира“, му напишал Чехов на заедничкиот познаник, издавачот Александар Суворин. „Војната е зло и судот е зло, но тоа не значи дека треба да одам во опинци и да спијам на печка заедно со работникот и со неговата жена“.
Лев Толстој и Анатолиј Кони
Софья Толстая/Слободни извориОва пријателство било особено апсурдно. Толстој бил речиси анархист, критичар на сите облици на власт кои ги доживувал како насилство и законот како оправдување на тоа насилство. А, Анатолиј Кони бил познат правник, судија и раководител на касациониот оддел на Сенатот. Во 1887 година Толстој го повикал познатиот правник на гости во Јаснаја Пољана.
Потоа се виделе уште неколку пати и воделе преписка. Кони во една пригода на Толстој му раскажал интересен случај како во текот на судење еден поротник во обвинетата проститутка ја препознал жената што некогаш ја завел и ја оставил. И во него проработела совеста, одлучил да ѝ помогне на несреќната жена, се оженил за неа и се заложил за нејзино ослободување. Оваа приказна оставила силен впечаток на Толстој и послужила како основа за романот „Воскресение“ на кој работел повеќе од десет години, за кој сметал дека е негово најдобро дело.
Владимир Чертков и Лев Толстој, 1909 година.
Томас Тапсель/Государственный музей Л. Н. Толстого/Russia in photoПо осумдесеттите години на деветнаесеттиот век, кога доживеал духовен пресврт, односот на Лав Толстој кон некои вообичаени и неопходни нешта навистина се променил. Меѓу другото, се разочарал во црквата и во бракот, како свет сојуз на маж и жена. Се променил и неговиот однос кон приватната сопственост, настојувал да се ослободи од богатството, започнал да ја носи познатата селанска кошула, работел на земјата заедно со селаните. Освен тоа, одлучил да се откаже од авторските права на своите дела, што довело до голем скандал во семејството. Сопругата Софија Андреевна била одлучно против, зашто тоа значело дека семејството ќе остане без средства, а бројните деца на Толстој без наследство.
Во таквите пориви писателот го поддржувал неговиот следбеник и личен секретар Владимир Чертков. Тој имал големо влијание врз писателот, предлагајќи му да го напушти семејството и да замине од дома. Помеѓу Чертков и Софија постојано избувнувале кавги што го мачеле Толстој.
Чертков ги собрал изреките на Толстој и составил „Зборник мисли“ кои самиот писател ги окарактеризирал како „биографија на моите мисли“. Толстој единствено на Чертков му дозволувал пристап во секој момент, но и да ги редактира неговите текстови. Чертков се занимавал со објавување на забранетите расправи на Толстој за верата, поради што имал проблеми со полицијата.
Чертков се смета и за лидер на движењето толстоевство. Поради помагање на секта духоборци (кои ги поддржувале идеите на Толстој) царот го протерал Чертков во странство, а тој во Англија продолжил да ги објавува делата на Толстој.
Лев Толстој со ќерката Александра
Слободни извориИ додека со сопругата Софија Андреевна имал комплицирани односи, често исполнети со конфликти, помладата ќерка Александра била личен секретар на писателот, вистински пријател и најблиска личност. Александра целиот свој живот го посветила на творештвото на татка си и на неговото зачувување.
Токму таа го основала и станала прв раководител на музејот во Јаснаја Пољана и фондацијата Толстој. А, кога болшевиците ја уапсиле поради поинакво мислење, била спасена од логор со посредство на селанец од Јаснаја Пољана. Сепак, на крајот на дваесеттите години од минатиот век била принудена да ја напушти Русија. Во 1941 година се преселила во САД.
Лев Толстој и Душан Маковицки
Алексей Савельев/Public Domain; SputnikПо потекло бил од Словачка и пред да стане лекар на Толстој, се заинтересирал за моралните погледи на писателот, читајќи ја забранетата „Кројцерова соната“ која и ја превел на словачки. Подоцна го превел и романот „Воскресение“. И многу придонел за објавување на делата на Толстој во странство.
Маковицки дошол во Јаснаја Пољана во 1904 година на покана на сопругата на Толстој како личен лекар, но станал негов предан пријател и помошник за многу работи. Толстој ги сакал долгите прошетки со Душан и јавање, од што не се откажувал дури ни во поодминати години. Токму словачкиот лекар Толстој го повел со себе во тајното бегство од Јаснаја Пољана, кога, само по неколку дена по заминувањето од дома починал на пат, на железничка станица, исто така во присуство на Маковицки.
За деновите поминати со големиот писател Маковицки оставил сведоштво во „Белешки од Јаснаја Пољана“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче