Дали е точно дека Толстој бил анархист?

Владимир Чертков/Государственный музей Л. Н. Толстого/Russia in photo
Сметал дека секоја власт е насилна и дека затоа не ни треба да постои.

Со одредени оградувања, Лав Толстој навистина можеме да го наречеме анархист. Не признаваше никакви авторитети и не им се плашеше. Големиот писател отворено зборуваше за недостатоците на руските власти и црквата. Неговите поддржувачи беа апсени и протерувани, неговите книги и написи забранувани („Кројцеровата соната“, „Христијанството и патриотизмот“, „Во што е мојата вера?“ и други).

Но, никој не се осмелуваше да го гиба писателот. Дури на крајот од животот беше исклучен од црквата, но и тогаш некако половично, бидејќи анатемата не беше официјално прогласена. Вистина е дека имаше влијателни покровители: Александра, тетката на писателот, на пример, беше дворска дама на царицата Марија Фјодоровна, сопругата на Александар III.

Против секакво насилство

За време на својот долг живот, Толстој повеќе пати на различен начин ги толкуваше проблемите на човечката власт, државноста и нивниот однос со моралноста. Тој го осудуваше секое насилство и еден од основните постулати на неговата подоцнежна филозофија беше „непротивење на злото со насилство“. Во оваа смисла, тој беше близок на источните мислители и таоизмот. Овој негов принцип го инспирираше, на пример, Махатма Ганди, со кого Толстој се допишуваше. Токму од Толстој, според Ганди, тој ја презел „сатјаграха“ - ненасилната граѓанска непослушност „пасивниот отпор“.

Толстој имаше лошо мислење за руските власти, но ниту западните држави не ги гледаше во попозитивно светло. Целата историја на Европа, според Толстој, беше историја на глупави и развратни владетели „кои убиваа, го доведуваа до сиромаштија и, пред сè, морално го упропастуваа својот народ“. Без разлика кој е на престолот, секогаш се повторува истото: смрт и насилство врз луѓето. И тоа се случува дури и во сите „привидно слободни уставни држави и републики“.

Ако владетелите беа добри и високо морални луѓе, потчинувањето на целиот народ на нив можеше да биде оправдано. Меѓутоа, според мислењето на Толстој, секогаш владеат токму „најлошите, безвредните, суровите и неморалните, а пред сè лажливите луѓе“. Како сите тие особини да се неопходни предуслови за власт.

Во написот „Едно е само потребно. За државната власт“ Толстој на исто ниво ги става и „развратникот Хенри VIII“ и „злосторникот Кромвел“ и „лицемерот Карлс I“... Авторот се пресметува многу грубо и со руските цареви, нарекувајќи го Иван Грозни „душевно болен“, Екатерина II „Германка со несовесно-развратно однесување", додека Николај II за него е, на пример, „малоумен хусарски офицер“.

Државата е чисто зло

Целата историја на европските христијански народи од времето на протестантската реформација Толстој ја доживува како „непрекината низа најужасни, бесмислено-сурови злосторства, извршени од владејачкитe луѓе против своите и другите народи и едни против други“.

Толстој ја гледа државата како пљачкаш кој на човек роден на неговата земја му го одзема правото да ја користи таа земја. Човекот е принуден да плаќа дури и за правото да се наоѓа на земјата, па со својот труд и пари мора да плаќа данок за самиот живот. Државата го брани таквиот грабеж како нејзино свето право.

Насилството врз детето се спроведува уште од раѓање, кога тоа се крсти во општоприфатената религија или праќа на училиште каде што ќе учи дека власта на неговата земја е најдобра, без разлика дали тоа е „власта на рускиот цар или турскиот султан, или за англиската власт со нивниот Чембрлен и колонијална политика или, пак, власта на Северноамериканските држави со нивните монополи и империјализам“.

Така Толстој заклучува: „Дејноста на секоја власт е низа злосторства“.

Решението е откажување од секоја власт

Човек кој во својот живот се води од идеалите на разумот и доброто би требало логично да се откаже од секое насилство и да престане да го поддржува. Но, луѓето само ја менуваат формата на насилство. „Како човек кој носи бескорисен товар, <...> го префрла овој товар од грбот на рамената, од рамениците на бедрата и повторно на грб, не успевајќи да се досети дека треба да направи само една работа - да го отфрли од себе“.

Така Толстој смета дека секоја форма на државност едноставно треба да исчезне. Но, како тогаш ќе се одржува редот? Излезот писателот го гледал во религијата, во моралните вредности, верата (или во Христос или во Буда) и човекољубието. Според него, ако човек е морален, тогаш нема да мора да применува насилство кое секој државен систем обично го спроведува.

„Европските народи преминаа од понизок степен во повисок кога го примија христијанството, Арапите и Турците исто така преминаа на  повисок степен на развој кога станаа мухамеданци, а народите на Азија кога го примија будизмот, конфучијанизмот или таоизмот“, тој пишува.

Притоа Толстој сфаќа дека тоа во денешно време е невозможно и објаснува зошто. Причината ја гледа во тоа што кај народите од христијанскиот свет религијата ослабела, „ако не и целосно исчезнала“, а токму религијата е главната движечка сила на народот.

Освен тоа, современата христијанска вера на Толстој му изгледа како илузорна. Во текот на повеќе од илјада години таа апсорбирала разни „бесмислици“ и повеќе не давала никаква основа за дејствување „освен слепа вера и послушност кон оние личности кои себеси се нарекуваат црква“. Современата институција на црквата го зазема местото што би требало да го заземе вистинската религија, онаа религија која на луѓето би им дала објаснување на смислата на животот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња