Кнезот Михаил Александрович
Public domain, color by KlimbimНего не го интересирала политиката. Тој ги сакал жените и автомобилите. Бил убав, храбар, богат и одлично образован, а немал големи амбиции. Ги имал сите права на рускиот трон, но доброволно се откажал. Станува збор за Михаил Александрович Романов, помладиот брат на Николај Втори.
Кнезот Михаил Алексасндрович
Public domain, color by KlimbimНиколај бил постар син на императорот Александар Трети. Устоличен е на престолот по смртта на татка си. Михаил бил четвртиот син и во редот за рускиот трон стоел толку далеку, што никогаш не ни помислувал за таква можност. Меѓутоа, Николај долго не можел да добие машко дете, а браќата меѓу него и Михаил починале. Според законот за наследување на престолот, Михаил бил следен на ред.
Александар III со децата
Public domainМихаил и официјално бил наследник на престолот сѐ до 1904 година, кога на царот Николај Втори му се родил долгоочекуваниот син Алексеј. Но, дури и потоа Михаил имал право да биде регент на својот внук, доколку се случи императорот да почине пред неговиот син да стане полнолетен. А, ако се земе предвид слабото здравје на престолонаследникот Алексеј, Михаил имал големи шанси да ја наследи круната на Руската Империја.
Михаил на маскенбал во 1903 година послужил како прототип за џандар детелина во познатите карти „Руски стил“.
Public domainМихаил Романов во извесна смисла може да се спореди со кралот Едвард Седми (па, и со принцот Хари). Заедничка им е љубовта кон жените, кои никако не одговараат на нивниот статус, ниту имаат врска со лоза на некој монарх.
Михаил се вљубил во Наталија Шереметјевска, ќерка на московски адвокат. Таа била мажена, и тоа по вторпат, и имала ќерка. На балот каде што се запознале, великиот кнез го занемарил бонтонот и ја поканил Наталија да танцува мазурка со него. Се зборува дека тие двајца потоа заминале од балот.
Николај бил против врската на својот брат. Меѓутоа, Михаил не се грижел за тоа. Се зборувало дека има благ карактер, но кога станувало збор за честа, бил мошне принципиелен. Статусот на љубовница, како што сметал тоа, бил навредлив за неговата сакана. Во 1910 година Михаил и Наталија го добиле синот Георгиј, а две години подоцна се венчале во Виена.
Великиот кнез Михаил Александрович и Наталија Сергеевна Брасова
Public domainНиколај бил лут поради тоа и ѝ напишал на мајка си дека ги прекинува сите врски со својот брат. На Михаил му биле одземени сите чинови и дури му било забрането враќање во Русија. Секако, одземени му се и сите права на тронот.
Кога започнала Првата светска војна Михаил како чесен човек го замолил Николај да му дозволи да се врати и да војува за Русија. По одобрувањето великиот кнез застанал на чело на таканаречената „Дива дивизија“. Таа била составена од кавкаски доброволци од муслиманска вероисповед кои не можеле да војуваат во регуларната армија.
Наталија насекаде го следела својот сопруг, се занимавала со хуманитарна работа, како женски дел на царското семејство, и организирала болници за ранетите, додека Михаил својата вила во Петербург му ја отстапил на Црвениот крст. По сето тоа царот Николај Втори попуштил, го признал бракот на брата си и својот внук, а на Наталија ѝ ја доделил титулата кнегиња Брасова.
Великиот кнез Михаил Александрович со морганатската сопруга Н.С. Брасова, 1913 година.
Public domainВо март 1917 година за време на Револуцијата, царот Николај Втори потпишал дека се одрекува од тронот во свое име и во име на малолетниот син Алексеј, а во корист на братот Михаил. Потоа му испратил на својот брат телеграма во која го ословил како Михаил Втори и изразил надеж дека тој ќе ја спаси татковината. „Настаните од последните денови ме принудија неотповикливо да се решам на овој краен чекор. Прости ми ако те повредив и што не стасав благовремено да те известам“, напишал Николај Втори.
Михаил бил потресен од веста. Сфатил дека неговите позиции се уште послаби и дека тој, доколку го преземе тронот, ќе предизвика уште еден револуционерен потрес. Му се чинело дека целата монархија е зафатена од народен гнев.
Михаил Александрович на скица за сликата на Иљја Репин „Свечено заседание на Државниот совет од 7 мај 1901 година во чест на стогодишнината од неговото основање“.
Иљја РепинНекои единици на руската армија веќе му положиле заклетва на Михаил, но тој и покрај тоа потпишал „привремено“ одрекување од престолот со цел на народот да му овозможи по пат на гласање да го избере државното уредување по своја волја. Во истиот документ тој воедно ги замолил граѓаните да се потчинат на Привремената влада.
Михаил го потпишал овој документ нецели 24 часа по одрекувањето на Николај Втори од престолот. Затоа историчарите сѐ уште дискутираат за тоа може ли да се смета дека тој за тоа време бил серуски император Михаил Втори. На оваа верзија ѝ се спротивставуваат оние кои велат дека тие документи не се валидни, и дека Михаил го изгубил правото на тронот уште во 1912 година гога стапил во морганатски брак.
По Револуцијата Михаил не ја избегнал судбината на многу членови на царското семејство. Една година фактички бил во домашен притвор во својата куќа во Гатчина кај Петербург. Болшевиците го уапсиле во март 1918 година и го протерале во Перм.
Михаил Александрович (лево) и П. Л. Знамеровски, април 1918 година. На задниот дел Михаил Александрович напишал „Пермски заточеник“ и дал завет декаа нема да се бричи додека не го пуштат на слобода.
Public domainНаталија останала во Петербург и се обидувала да издејствува негово враќање, но безуспешно. Во јуни добила телеграма дека Михаил исчезнал. Според официјалната верзија болшевиците ноќе го киднапирале заедно со секретарот, тајно го одвезле во шума и таму го убиле. Убиството долго се држело во тајност, така што неговите посмртни останки никогаш не се пронајдени.
Наталија го посетувала во Перм пред да исчезне, а потоа успеала да избега од Русија со фалсификувани документи. Почина во Париз во 1952 година во сиромаштија и осаменост.
Синот Георгиј успеале да го испратат во странство веднаш по Револуцијата. Се школувал во Велика Британија, а потоа во Франција. Наследил голем имот од својата баба, вдовицата императорка Марија Фјодоровна, но загинал во сообраќајна несреќа во 1931 година кога имал само 20 години.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче