„Убиството на царското семејство“
Mary Evans Picture Library/Global Look PressУапсените членови на царското семејство го уредуваат дворот на Екатеринскиот парк во Царско село
Јавен доменОткако Николај II се одрече од рускиот престол, Привремената влада ги уапси царот и неговото семејство на 7 март 1917 година во Царско Село.
Семејството остана во својот дворец, каде што беа понижувани на различни начини. Војниците одбиваа да се ракуваат со царот, а на престолонаследникот Алексеј му беше одземена пушката-играчка.
Во август 1917 година царот и неговото семејство пристигнаа во Тоболск во Сибир. Членовите на семејството и остатокот од свитата броеја 45 луѓе. Во домашен притвор ги чуваа 330 војници и 7 офицери. Во Тоболск Романови дознаа за Октомвриската револуција.
Царот и неговите деца во Тоболск (со исклучок на непознато дете, трето од лево): Татјана, Олга, Алексеј и Анастасија
„Мачно е да читате во весниците описи на она што се случило пред две недели во Петроград и Москва! Многу полошо и многу посрамно од настаните во Смутната доба“, запиша Николај II во својот дневник.
Во април 1918 година болшевиците го префрлија царот во Екатеринбург.
Николај се плашеше да оди таму, бидејќи знаеше дека уралските рудари се бесни на царот. Живееја и работеа во ужасни услови. Сепак, Николај, Александра Фјодоровна и нивната ќерка Марија беа префрлени во Екатеринбург, додека остатокот од семејството остана во Тоболск поради болеста на престолонаследникот Алексеј.
Кога возот со Николај, неговата сопруга, ќерката и неколкумина членови на послугата пристигна на железничката станица во Екатеринбург, ги дочека лута толпа граѓани кои веројатно намерно беа собрани од болшевиците. Болшевиците мораа да ги држат своите митралези подготвени за да ги заштитат поранешните властодршци.
Романови беа одведени во куќата на трговецот Ипатјев, каде што подоцна ќе бидат убиени. Кога царот влегуваше во куќата, му беше речено: „Граѓанину Романов, можете да влезете“. Куќата беше опкружена со дрвена ограда со две стражарници и многубројни стражари во градината и во куќата.
Куќата на Ипатјев, 1928 година
Јавен домен„Куќата е пристојна, чиста“, запиша Николај II во својот дневник. „Доделени ни се четири соби: спална соба во аголот, тоалет, трпезарија до него со прозорци кон дворот и поглед на долниот дел на градот и, конечно, простран салон со заоблен влез без врата“.
Во мај 1918 година целото семејство се собра во куќата на Ипатјев.
Како што подоцна изјави за време на сослушувањето Терентиј Чемодуров, личен слуга на царот, кој избегна погубување, царското семејство било третирано на срамен начин. Веднаш по пристигнувањето на Николај II и Александра Фјодоровна во куќата на Ипатјев тие беа претресени, а „еден од оние што го вршеше претресот ја истргна чантичката од рацете на царицата, што го натера царот да забележи: „Досега сум имал работа со чесни и пристојни луѓе“.
За време на оброците царското семејство немаше доволно вилушки и лажици и мораше да ги споделува. Војниците на Црвената армија ги гледаа, понекогаш земајќи залчиња од нивните чинии. Принцезите спиеја на подот, бидејќи немаа кревети. Кога принцезите одеа во тоалет, ги следеа војници на Црвената армија поставени како стража...“
Николај II одрекувањето од престолот и неговите стражари
Јавен доменВојниците крадеа и намирници наменети за царското семејство. Овие сведоштва на Чемодуров и други сведоци подоцна ги провери Николај Соколов, првиот истражител во случајот со убиството, при што се покажаа како веродостојни.
Условите во Екатеринбург истовремено беа неповолни за болшевиците. Имено, се очекуваше напад на Белогардејците, кои сигурно ќе се обидеа да го ослободат царското семејство. Додека работниците од уралските фабрики бараа царот да биде погубен.
Одлуката за погубување на царот и неговото семејство е донесена во Уралскиот обласен совет, локален орган на извршната власт на болшевиците. Во 2015 година во Русија повторно беше отворена истрага за овој случај. Евгениј Пчелов, еден од историчарите кои го спроведоа историското вештачење, во својата книга од 2020 година „Убиството на царот 1918“ детално ги разгледува постојните податоци и го извлекува следниот заклучок.
Во првата половина на 1918 година, водачите на болшевиците Ленин и Јаков Свердлов ја разгледуваа идејата да ги изведат Николај и неговото семејство пред јавен суд. Меѓутоа, на почетокот на јули 1918 година, ситуацијата на фронтовите на Граѓанската војна стана комплицирана и постоеше можност Белогардејците да го ослободат царското семејство. Тоа ги наведе болшевиците на немилосрдна одлука.
Ленин и Јаков Свердлов, 1918.
Алексеј Савељев/SputnikКако што продолжува Пчелов во својата книга, на 15 јули 1918 година, Уралскиот совет реши да го погуби Николај поради неповолната ситуација на фронтот. Ако Белогардијците го ослободат царот, тоа исклучително би ги охрабрило нивните трупи, а можеби дури и ќе ги поттикне странските сили да се вмешаат и да му помогнат на Николај. За болшевиците тоа беше неприфатливо.
Одлуката на Уралскиот совет беше предадена на извршување на Јаков Јуровски, командант на куќата на Ипатјев. „На 16 јули во шест часот наутро Филип Голошчокин [претпоставениот на Јуровски, член на Екатеринбуршкиот болшевички одбор] ми нареди да ја извршам задачата“, му рече во 1920 година Јуровски на Михаил Покровски, првиот официјален советски историчар.
На 16 јули во 8 часот навечер до Москва е испратена телеграма со следнава содржина: „Не можеме да чекаме. Доколку имате спротивен став, ве молиме известете нé веднаш, без одлагање. Голошчокин.“ Филип Голошчокин, задолжен за извршните одлуки, неколку часа чекаше одговор, но тој не стигна, па нареди да се погуби царското семејство.
Во 1935 година Лав Троцки во своите мемоари напиша дека по предавањето на Екатеринбург на Белогардејците го прашал Јаков Свердлов во Москва кој ја донел одлуката за убиство на царот. „Одлучивме ние. „Илич [Ленин] сметаше дека ним [на Белите] не треба да им се остави жив симбол, особено во сегашната тешка ситуација“, одговори Свердлов.
Утрото на 16 јули царицата Александра Фјодоровна напиша во својот дневник: „Одеднаш му рекоа на Љонка Седнев да оди и да го посети својот вујко и тој побрза. Се прашуваме дали е вистина тоа и дали повторно ќе го видиме ова момче“. Тоа беше нејзиниот последен запис во дневникот.
Леонид Седнев беше 14-годишно момче, помошник на готвачот во придружбата на царот. Кога го оддалечија, семејството претпоставуваше дека ќе се случи нешто лошо.
Болшевиците и понатаму ја планираа егзекуцијата. Историчарите тврдат дека плановите вклучувале убиство со нож, огнено оружје, па дури и со бомба. Одлуката падна на огнено оружје.
Павел Медведев, началникот на стражата во куќата на Ипатјев, подоцна беше испрашуван од Белогардејците кои го зазедоа Екатеринбург. Тој рече дека вечерта на 16 јули Јуровски му наредил да ги земе револверите на сите стражари и да му ги донесе. После тоа Јуровски му рекол: „Денес ќе го убиеме целото семејство“.
Јаков Јуровски
Legion MediaОколу 1:30 часот по полноќ стражата го разбуди Евгениј Боткин, лекарот на царот, кој реши да остане со семејството до крај. Нему му е кажано дека сите треба итно да се симнат во подрумот, поради алармантната состојба во градот и опасноста што се заканува доколку останат горе. Семејството се пакуваше околу 40 минути. Сè уште мислеа дека ќе ги однесат на друго место.
Тука се седум членови на царското семејство: Николај II (50), Александра Фјодоровна (46), Олга (22), Татјана (21), Марија (19), Анастасија (17) и Алексеј (13); како и нивните четворица членови на придружбата: Евгениј Боткин, лекар (53), Иван Харитонов, готвач (48), Алексеј Труп, собарот на царот (61) и Ана Демидова, слугинка (40). Ги придружуваа и три кучиња, француски булдог и два кокер шпаниели.
Им беше кажано да се симнат во подрумот, од каде наводно кришум ќе бидат однесени на друго место. Алексеј, кој не можеше да оди, Николај II го носеше в раце. Во подрумот немаше столчиња, затоа по барање на Александра Фјодоровна беа донесени две столчиња. На нив седеа Александра Фјодоровна и Алексеј. Останатите стоеја до ѕидот.
Јуровски го внесе стрелачкиот вод и ја прочита пресудата. Михаил Медведев (Кудрин), офицер на ЧК (Вонредна комисија за борба против контрареволуцијата и саботажата), се сеќава како Јуровски му се обрати на царот: „Николај Александрович! Обидите на вашите сојузници да ве ослободат беа неуспешни! Затоа, во тешко време за Советската Република“, Јаков Михајлович го крена гласот и со рака го сече воздухот, „имаме мисија да завршиме со династијата Романови!“ Самиот Јуровски не се сеќава многу добро на тој момент: „...веднаш, колку што се сеќавам, му кажав на Николај нешто во смисла дека неговите сојузници како дома, така и во странство, се обидуваа да го ослободат и дека Советот на работничките претставници одлучи да ги стрела“.
Николај едвај стигна да изговори „Што?“ или „Како? Повторете...“ Некој, веројатно Боткин, беспомошно праша: „Зар нема да нé однесат некаде?“ Јуровски им нареди на војниците да отворат оган.
Некои членови на семејството не умреа веднаш. Имено, принцезите и царицата имаа сошиено накит во поставата на нивните фустани кој делумно ги запре куршумите, така што тие беа тешко ранети, но сé уште живи. Убијците мораа да ги убијат со бајонети.
Собата во Куќата на Ипатјев во Екатеринбург каде руското царско семејство е брутално убиено, 1918.
Библиотека Mary Evans Picture/Global Look PressУбиени се две кучиња, третото што не се слушна преживеа. Во дворот остана да работи мотор од автомобил за да ги придуши истрелите, но тие сепак се слушнаа надвор. За половина час сé беше готово.
Темата на криењето и уништувањето на посмртните останки на семејството Романови е многу чувствителна за сите Руси, како и за европските монарси и благородништвото. Ќе наведеме само проверени факти.
Веднаш по егзекуцијата, тврди историчарот Ричард Пајпс, Јуровски ги спречи војниците да ги украдат накитот и предметите од телата, заканувајќи им се со стрелање.
Во три часот по полноќ двајца стражари беа испратени во просторијата да ја измијат крвта од ѕидовите и подот. Дотогаш телата веќе беа отстранети. Во периодот од 17 до 19 јули областа околу езерото Ганина Јама, со рудникот Ганина Јама, се наоѓаше под стража на војниците на Црвената армија. На 20 јули стражата беше тргната и неколкумина селани отидоа да видат што се случувало таму.
Селаните пронајдоа места каде што бил запален оган и остатоци од изгорена облека. Меѓу предметите се пронајдени икони и крстови. Некои селани слегоа во отворот на рудникот, но не пронајдоа никакви остатоци од тела. Сепак, сфатија дека на тоа место се изгорени телата на царското семејство и нивната облека.
Окното на рудникот во Екатеринбург, 1919.
Николай Соколов (Public domain)Подоцна, кога Белогардејците го зазедоа градот, на ова место дојдоа уште повеќе граѓани, додека Николај Соколов и други истражители го пребаруваа. Рудникот беше прегледан, но не беше пронајдено ниедно тело.
Ниту една истрага спроведена во годините по убиството или подоцна, во XX и XXI век, не утврди со сигурност што точно направиле болшевиците со телата. Фактите беа криени и фалсификувани, изворите и доказите делумно уништени или изгубени. За веродостојна реконструкција на настаните нема доволно податоци.
Она што со сигурност е познато е следното: телата најпрвин се префрлени во рудникот Ганина Јама, каде што е направено нешто со нив, а подоцна се закопани на различни места. Дури и ако е користена сулфурна киселина и ако болшевиците се обиделе да ги запалат телата (што е предмет на дискусија), сепак е закопан голем број останки кои се пронајдени подоцна во XX век.
Поросенков лог кај Екатеринбург, едно од местата каде што се пронајдени посмртните остатоци на членовите на царското семејство. 1919.
Јавен доменНа 19 јули, веднаш по отстранувањето на телата, главните советски весници „Известија“ и „Правда“ ја објавија веста за погубувањето на царот.
Беше објавено дека одлуката за стрелање на Николај II е донесена поради крајно тешката ситуација на подрачјето на Екатеринбург и откривањето на „контрареволуционерен заговор“ со цел ослободување на поранешниот цар. Болшевиците тврдеа дека одлуката за стрелање независно ја донел Уралскиот совет; и дека само Николај II е убиен, додека неговата сопруга и синот се префрлени на „безбедно место“. Судбината на другите деца и лица блиски до царското семејство не се споменуваше.
Низа години властите се држеа до официјалната верзија дека семејството на Николај II е сè уште живо, што придонесе за гласините дека некои членови на семејството успеале да побегнат.
На 22 јули 1918 година веста за погубувањето на Николај II ја објави лондонски „Тајмс“, а на 21 јули (поради временската разлика) „Њујорк Тајмс“. На болшевиците им одговараше глобалната дезинформација, бидејќи тие не сакаа да си го нарушат меѓународниот углед со фактот дека ги убиле децата на царот.
Сé до септември 1918 година болшевиците преговараа со германската влада за размена на царското семејство. Советскиот пратеник во Германија Адолф Јофе не знаеше за егзекуцијата на Александра Фјодоровна и децата. Ленин му наложи на Министерството за надворешни работи „...да не му се кажува ништо на Јофе, за полесно да може да лаже“.
Во 1921-1922 година информацијата за убиството на целото семејство протече во советскиот печат (најверојатно е намерно пуштена во јавност). Околу 1926 година, кога во странство е објавена книгата на Николај Соколов „Убиството на царското семејство“, советските власти престанаа да негираат дека царицата и децата се убиени заедно со царот.
Првата реакција на руската јавност за убиството на Николај II беше млака, во контекст на ужасите на Граѓанската војна што ја пустошеше Русија. Владимир Коковцов, поранешен министер за финансии, кој во јули 1918 година се наоѓаше во Санкт Петербург, напиша во Париз во своите мемоари: „...Денот кога беше објавена веста двапати излегував надвор, се возев со трамвај и не забележав ни зрнце сочувство или сожалување. Веста се читаше гласно, со потсмев, ругање и немилосрдни коментари... тоа е некаков вид бесмислено понижување, такво фалење со крвожедност...“
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче