Како омилената пејачка на Николај Втори стана советски разузнавач?

Public domain
Надежда Плевицкаја целиот свој живот мечтаела само за музика. Но, револуцијата од 1917 година од корен ги променила нејзините планови.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Со својата карактеристична убавина и со несекојдневниот талент Надежда Васиљевна Плевицкаја подеднакво го воодушевувалa сите пред кои настапувала, од монархот до последниот поданик. Вака за една од најпопуларните пејачки во Руската Империја зборувал сликарот Александар Беноа.

Уживајќи во боемскиот живот, во љубовта и во воодушевувањето од страна на армијата поклоници, меѓу кои бил и императорот Николај Втори, Надежда не можела ни да претпостави дека некогаш ќе се занимава со собирање разузнавачки податоци, па дури и во киднапирање луѓе.

„Курскиот славеј“

Родена во селанско семејство во Курската губернија, Надежда Плевицкаја, родена Виникова, благодарение на исклучителниот талент и на трудот стасала до најдобрите театарски сцени во земјата. Руските народни песни кои ги изведувала со восхитувачкиот мецосопран биле своевиден препознатлив знак на оваа уметница.

Театарскиот критичар Александар Кугел кој присуствувал на концерт на Надежда Васиљевна во Кисловодск на следниот начин го опишува своето доживување: „Кога запеа Плевицкаја, веднаш стана свежо, почна да дува ветар од полињата, замириса свежиот рж, посинуваа различниците и се чинеше дека земјата дише со полни гради. Слушав и сакав да заплачам“.

По специјална покана пејачката настапувала пред царското семејство. По концертот Николај Втори ѝ пришол и ѝ рекол: „Денес Ве слушав со големо задоволство. Слушнав дека никогаш не сте учеле пеење. И не учете. Останете онаква каква што сте. Имам слушано многу учени славеи, а сите тие пееја за уво, додека Вие пеете за срце“. Ставајќи ја раката на срцето, монархот додал: „И наједноставната песна во ваша интерпретација добива на значење и продира тука“.

За време на Првата светска војна „курскиот славеј“, како што ја нарекувал императорот, заминала на фронт, каде работела како болничарка, но и го кревала духот на војниците, настапувајќи пред нив на хуманитарни концерти. За својата пожртвувана работа Плевицкаја е наградена со Орденот на света Ана.

Во емиграција

Виорот на Граѓанската војна што ја зафати Русија не ја заобиколи ни познатата пејачка. Плевицкаја на почетокот била на советска територија и настапувала пред војниците на Црвената армија, но по игра на случајот се нашла во таборот на белите, каде ја нашла својата нова љубов, младиот генерал Николај Скоблин.

По победата на болшевиците со него ја напуштила Русија и заминала во Франција. Сопружниците многу патувале низ Европа и по Соединетите Американски Држави, каде Надежда Васиљевна успешно настапувала на концерти за руските емигранти кои страдале од носталгија за изгубената татковина.

Сепак, нејзината публика била малобројна, а странците не покажувале интерес за руските народни песни. Тешкотиите од финансиска природа со тоа станувале сè посериозни. Во тој момент на хоризонтот се појавила советската разузнавачка служба.

Црвениот „славеј“

Претходничката на КГБ, Обединетата државна политичка управа при Советот на народните комесари на СССР (ОГПУ) долго ги следела Николај Скоблин и неговата сопругата. Имено, генералот се наоѓал на една од клучните позиции во таканаречениот Руски општовоен сојуз, најголемата организација на белата емиграција која водела борба против Советскиот Сојуз.

На 2 септември 1930 година сопружниците ги посетил Пјотр Коваљов, колега на Скоблин, кој претходно се борел на страната на белите во Граѓанската војна, а во тој момент работел во Обединетата државна политичка управа под името Силвестров. Тој и ја врбувал очајната брачна двојка, ветувајќи им амнестија и можност за враќање во СССР, каде Надежда би ја чекала блескава естрадна кариера, а на нејзиниот сопруг место во Црвената армија.

Генералот и неговата сопруга во Москва станаа познати под псевдонимите Фармер и Фармерка, седум години му испорачуваа на Советскиот Сојуз вредни информации за работата на Рускиот општовоен сојуз. Благодарение на нив чекистите, меѓу другото, успеаја да неутрализираат 17 агенти на оваа организација во СССР и да откријат 11 станови за тајни состаноци во Москва, во Ленинград (денешен Санкт Петербург) и во Закавказје.

Клучниот ангажман на „фармерите“ бил учество во киднапирањето на раководителот на Рускиот општовоен сојуз генералот Евгениј Милер кој бил доведен во Москва и набргу бил стрелан. Токму Скоблин на 22 септември 1937 година го одвел својот шеф на кобниот состанок со двајца работници од германската амбасада (емиграцијата решила да се ориентира кон Третиот рајх, што и го натерало СССР поактивно да дејствува во поглед на нив), како што излегло, советски агенти.

Милер се посомневал во чистите намери на Скоблин и пред заминувањето оставил записка на масата. „Состанокот е организиран на иницијатива на Скоблин. Можеби е замка“.

По исчезнувањето на генералот соработниците на Рускиот општовоен сојуз дошле до оној кој се чинел како главен виновник за сето она што се случило, но тој успеал да им избега пред нос. Со помош на Советскиот Сојуз Николај Скоблин е префрлен во Шпанија, каде наскоро мистериозно, без трага, исчезнал во хаосот на бруталната Граѓанска војна.

„Курскиот славеј“ морал да плати за обајцата. Француската полиција ја уапсила Надежда на 24 септември. И покрај тоа што во нејзината Библија за време на претресот е најдена табела за шифрирање таа не ја признала вината.

Надежда Плевицкаја била обвинета како „соучесник во киднапирањето на генерал Милер, за насилство извршено врз него“, како и за шпионажа во корист на Советскиот Сојуз. Осудена е на 20 години затвор, а претседателот Албер Лебрен одби да ја помилува.

Била во затвор во градот Рен кога германската војска ја окупирала Франција. На први октомври 1940 година ненадејно починала на 56 години, мошне веројатно со помош на нацистите кои внимателно се запознале со нејзиниот случај.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња