Ловци на глави и мајстори на врбувањето: 4 познати советски шпионки

Heritage Images/Getty Images; Public domain; Legion Media
Тие ги ловеле некогашните царски генерали, ги врбувале нацистите на високи положби и краделе нуклеарни тајни од САД и од Велика Британија.

Надежда Плевицкаја

Таа била една од омилените пејачки на романси и на руски народни песни на рускиот цар Николај Втори. Публиката ја пречекувала со бурен аплауз и ја испраќала со долги овации.

По револуцијата од 1917 година Плевицкаја се нашла во емиграција. Во 1930 година заедно со својот сопруг, генералот Николај Скоблин, била врбувана од страна на советската разузнавачка служба. Во текот на седум години брачната двојка им помогнала на советските специјални служби во борбата против антиболшевичката емигрантска организација Руски општовоен сојуз (РОВС). Меѓу другото, благодарение на нив неутрализирани се 17 агенти кои биле испратени во Советскиот Сојуз со задача да вршат терористички напади.

Во 1937 година Плевицкаја учествувала во операцијата на фаќањето на еден од главните членови на РОВС генералот Евгениј Милер во Париз и негово префрлување во СССР. Поради тоа подоцна била уапсена од страна на француската полиција и била осудена на 20 години робија. Надежда Васиљевна починала во затворот две години подоцна, на 1 октомври 1940 година.

Елена Ферари

Ољга Ревзина, попозната по псевдонимот Елена Ферари, успешно успевала паралелно да ги извршува своите задачи за советската разузнавачка служба и да се занимава со литература. Нејзините стихови биле објавувани во СССР и во Италија, а нејзините прозни есеи ги пофалил познатиот Максим Горки.

Во дваесеттите години од минатиот век Ферари создавала разузнавачки мрежи во Германија и врбувала воени инженери во Италија, но нејзина најзначајна операција било учеството во атентатот на баронот Пјотр Врангељ. По разбивањето на Белото движење за време на Граѓанската војна еден од неговите најважни водачи и непријател на болшевиците се нашол во Турција со остатоците од својата Руска армија. На 15 октомври 1921 година италијанскиот пароброд „Адрија“ кој тргнал од советска Русија ја удрил јахтата на Врангељ „Лукул“ која била закотвена во истанбулското пристаниште. Излегло дека војсководецот во тоа време се наоѓал на брегот, но потонале неговите лични работи, документацијата и благајната на армијата.

Кога се вратила во СССР, Елена настрадала во „големиот терор“. Била обвинета за контрареволуционерна дејност и шпионажа и била стрелана на 16 јули 1938 година.

Во 1957 година е посмртно рехабилитирана.

Елизавета Зарубина

Таа била вистински „ловец на глави“. Во советската разузнавачка служба немало многумина мајстори за врбување со такви способности како што имала Елизавета Зарубина.

„Занесна и дружељубива, таа лесно воспоставуваше пријателски односи во најшироките кругови. Оваа елегантна жена со црти на класична убавина и со префинет карактер како магнет ги привлекуваше луѓето. Лиза беше еден од најквалификуваните агенти за врбување“, запиша за неа разузнавачот Павел Судплатов.

Во текот на многуте години работа во различни европски земји и во САД Елизавета Јуљевна заедно со својот сопруг, разузнавачот Василиј Зарубин, има врбувано стотици агенти. Тие двајца, меѓу другото, работеле со соработникот на Гестапо Вил Леман, еден од најважните советски шпиони во Третиот рајх. Мрежата на агенти што ја имаат создадено Зарубини во Германија продолжила делумно да функционира и по уништувањето на нацизмот.

Елизавета Зарубина прва меѓу советските шпиони дошла до информацијата за почетокот на работата на Американците над атомската бомба. Откако се спријателила со сопругата на раководителот на проектот „Менхетн“ Роберт Опенхајмер Кетрин, придонела во тајната програма да бидат вклучени физичари и математичари со левичарски убедувања. Потоа тие вредните информации ги проследувале во Москва.

Мелита Норвуд

Благодарение на советскиот агент „Хола“ Сталин знаел за британската нуклеарна програма повеќе од некои членови на кабинетот на министри на Британија. Речиси 35 години Мелита Норвуд за СССР копирала тајни документи за атомската бомба на која работеле Британците.

Пристапот до овие информации убедената комунистка Мелита Норвуд го добила откако се вработила како секретарка во Британската асоцијација за истражување обоени метали (BNFMRA), која била вклучена во нуклеарната програма. Контраразузнавачката служба Ми-5 неколку пати се посомневала во Мелита, но немала доказ за нејзина шпионска активност.

Агентот „Хола“ е разоткриена дури во 1992 година, кога Норвуд веќе беше во пензија и имаше 80 години. Владата реши да не ја апси и „црвената баба“ (како што ја нарече печатот) да ја остави на мир. „Не го правев тоа за пари, ами за да го заштитам новиот систем кој со голема мака постигна обичните луѓе да имаат храна и можност да живеат достоинствено, да стекнат образование и здравствена заштита“, им изјави тогаш Мелита на новинарите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња