Како бабата-шпион им ги открила на Советите сите британски нуклеарни тајни

Мелита Норвуд/Reuters
Никој од жителите на Бекслихит на југоистокот од Лондон не можеше да поверува дека нивната љубезна сосетка, шармантната стара дама Мелита Норвуд, всушност била еден од најважните советски шпиони во Велика Британија.

Благодарение на Мелита Норвуд Сталин бил подобро запознаен со конструкцијата на британската нуклеарна бомба од членовите на владата на Велика Британија.

Во текот на речиси 35 години госпоѓа Норвуд копирала и испраќала во Советскиот Сојуз стотици тајни документи за британската нуклеарна програма.

Убеден комунист

Продолжувајќи ја традицијата на своите родители кои по определување биле социјалисти, Мелита Сирнис (ќерка на емигрант од Латвија по мажењето станала Норвуд) од детството била убеден комунист. Во триесеттите години од минатиот век тајно се зачленила во Британската комунистичка партија.

Истовремено работела како секретарка во Британската асоцијација за истражување обоени метали, која се занимавала со развој на британската нуклеарна технологија.

Британците не обрнувале внимание на комунистите во своите редови, но Советите воочиле прекрасна прилика. Во 1937 година Мелита била врбувана од страна на советската разузнавачка служба и таа започнала да работи за „светската револуција“.

„Тоа не го правев за да заработам пари, ами за да го спречам поразот на новиот систем кој имаше големо значење, зашто на обичните луѓе им овозможуваше храна и други животни трошоци кои не можеа да си ги дозволат, добро образование и здравствена заштита“, се сеќава Мелита многу години подоцна.

Во срцето на британската нуклеарна програма

Норвуд имала директен пристап до деталите од британската нуклеарна програма под кодно име „Tube Alloys“. Нејзиниот шеф Џ.Л. Бејли бил член на советодавниот одбор на компанијата, а Мелита ја имала неговата целосна доверба и пристап до неговите сефови: едниот во канцеларијата и другиот во неговата куќа во Лондон.

Норвуд ги фотографирала строго доверливите писма, научните извештаи, анализите и друго и им ги испраќала на Советите. Овие информации многу им помогнале во развојот на сопствената нуклеарна технологија.

Мелита Норвуд, позната како агентот Хола, била мошне ценета во Советскиот Сојуз, повеќе дури и од попознатиот агент Ким Филби. Таа е опишана како „дисциплиниран и предаден агент, кој прави сè што може за да ѝ помогне на советската разузнавачка служба“.

Пензионирање и разоткривање

Двапати британската контраразузнавачка служба МИ5 (во 1945 и во 1965 година) се посомневала во врска со вистинскиот идентитет на Норвуд, но и двата пати немале доволно докази. Така таа во 1972 година мирно се пензионирала и ја напуштила работата во Асоцијацијата за истражување обоени метали, а со самото тоа и советската тајна служба.

Разоткриена е дури 20 години подоцна, кога поранешниот офицер на КГБ Василиј Митрохин пребегна во Британија и откри голем број информации за советските агенти, а меѓу нив и за Мелита Норвуд.

Но, поради својата возраст „агентот Хола“ не беше ниту уапсена, ниту сослушувана. Британската влада одлучи дека ништо не може да се постигне со тоа што „бабата-шпион“ би се нашла зад решетките. Така госпоѓа Норвуд продолжи да се си живее мирно во својата куќа во Бекслихит.

До својата смрт во 2005 година Мелита Норвуд никогаш не зажали поради она што го направила. За неа работата за Советскиот Сојуз беше од принципиелно значење. Дури и одби да прима тајна доживотна пензија од СССР, но затоа со задоволство го прими престижниот Орден на црвеното знаме.

„Не сакав пари. Не бев заинтересирана за тоа. Сакав Русија да биде во чекор со Западот“, велеше госпоѓа Норвуд.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња