Како секс-скандалот со советски шпион ја потресе британската политика

Getty Images; Russia beyond
Кога 19-годишната кабаре-танчарка Кристина Килер му беше претставена на министерот за одбрана Џон Профумо, не можеше ни да се претпостави колку ќе биде кобна таа средба.

Љубителите на телевизиската серија „Круна“ на Нетфликс ќе се сетат на овој политички и шпионски секс-скандал кој го искомпромитира британскиот министер за одбрана и индиректно резултираше со пад на британската влада.

Журка во базен

Кливден, вилата на лордот Астор во Бакингемшир, 28 јуни 1963 година. Тука на приватна забава Кристина Килер за првпат му беше претставена на британскиот министер за одбрана Џон Профумо.

Во текот на викендот на 8 и 9 јули 1961 година на имотот во Кливден во Бакингемшир беа организирани две независни една од друга „журки“. На првата беа луѓе од врвот на британската политика. Влијателниот бизнисмен и член на конзервативната партија Вилијам Волдроф Астор II приреди прием во чест на пакистанскиот претседател Ајуб Кан кој во 1958 година ја узурпираше власта.

Местото кадешто беше приредена забавата.

Остеопатот Ситвен Ворд во ателјето.

Воедно лордот Астор организираше друга забава на истиот имот, во која меѓу гостите беше и познатот остеопат Стивен Ворд и кабаре-танчарката Кристина Килер. Таа вечер сите гости се измешаа кај базенот.

Најпопуларен гостин беше британскиот министер за одбрана Џон Профумо. Тој беше дојден со својата сопруга, познатата актерка Валери Хобсон.

Валери Хобсон со својот сопруг Џон Профумо.

Кога брачниот пар дојде до базенот, во него веќе пливаше 19-годишната Кристина Килер, и тоа целосно гола. Наводно го заборавила костимот за капење. Во такво издание му беше претставена на министерот. Додека се запознаваа таа невнимателно го прикриваше голото тело со краток пешкир. „Многу убава девојка и многу симпатична“, вака Профумо многу подоцна го опиша првиот впечаток.

Набргу 46-годишниот Профумо се заљуби во Кристина. Не ни можеше да претпостави дека таа е „на нишан“ на британската разузнавачка служба МИ5.

Кабаре-танчарка

Поранешната англиска кабаре-танчарка Кристина Килер.

„Имав само седумнаесет години кога пролетта 1959 година дојдов во Лондон. Не бев свесна дека се упатив во светот на тајните служби и шпиони од времето на Студената војна“; ќе напише таа подоцна во својата автобиографија„Тајни и лаги“, објавена во 2002 година.

Во Лондон работела како танчарка во кабаре-клубот „Мари“. Тука се запознала со познатиот остеопат и сликар Стивен Ворд, кој ја маѓепсал и ја убедил да се пресели во неговата куќа.

Ворд во извесна смисла станал „ментор“ на Кристина. Тој младата и наивна девојка ја запознал со влијателни личности од Велика Британија, но и со рускиот шпион Евгениј Иванов, тогашен воено-поморски аташе на советската амбасада во Лондон.

Кристина Килер во Шпанија.

Имено, британската разузнавачка служба МИ5 му „фрлила око“ на Иванов, сметајќи дека тој е погоден за врбување. Британците, наводно, се обратиле до Ворд со молба да ја искористи Кристина Килер како мамка за Иванов.

„Јас им послужив како пион во Студената војна“, напиша подоцна Килер. Нејзина задача била да стапи во интимна врска со Иванов. Меѓутоа, неочекувано и ненамерно во целата операција се вмеша министерот за одбрана Џон Профумо со својата страст кон Кристина.

Скандалот

„Не дека црвенеев поради тоа што спијам со Џон Профумо, министерот за одбрана во владата на Харолд Макмилан, или што ме наговараа истата недела да стапам во интимна врска со советскиот шпион“, напиша Кристина Килер, не криејќи дека во младоста со задоволство стапувала во интимни врски и уживала во сексот.

Кристина Килер.

Меѓутоа, она што на младата кабаре-танчарка ѝ изгледало како банална интимна врска со двајца мажи всушност го предизвикало еден од најголемите политички потреси во Британија за време на Студената војна.

Целиот случај би останал далеку од очите на јавноста доколку подоцна не избил инцидент со ножеви и со пукање помеѓу двајцата љубовници на Кристина. Истрагата брзо дошла и до нејзината истовремена врска со Профумо и со Иванов.

Кабаре-танчарката Кристина Килер и остеопатот Стивен Ворд.

Џон Профумо пред пратениците на британскиот парламент негираше каква било интимна врска со Килер, но набргу беше разоткриен и беше принуден да се извини што лажел во парламентот, па и да се повлече од функцијата министер за одбрана и од јавниот живот. Ова се случи на 5 јуни 1963 година.

Згора на тоа, ова беше една од причините поради кои и премиерот Харолд Макмилан мораше да поднесе оставка во ноември 1963 година, повикувајќи се на тоа дека има рак (подоцна излезе дека дијагнозата била погрешна). Владата падна, а Конзервативната партија изгуби на изборите во 1964 година.

Џон Профумо

Стивен Ворд беше обвинет за собирање приходи од проституција. Изврши самоубиство без да ја дочека пресудата.

Кристина во мемоарите го бранеше Ворд, тврдејќи дека тој „не беше онаков каков што беше прикажан во извештаите од истрагата, на суд, и подоцна на филм и на телевизија“. А, прикажан е како самољубив никаквец и симпатизер на комунизмот, додека тој, според Килер, бил виртуоз кој „секогаш знае што сака“. „Тој, меѓу другото, учествуваше во дрскиот обид на Москва да уфрли свој човек во британската разузнавачка служба за време на мошне тешкиот период во екот на Студената војна, кога сите се плашеа од војна со нуклеарни ракети, и кога главно прашање беше кој ги поседува, кој може да ги примени и кога“, пишува таа во нејзината книга.

Рускиот аташе Евгениј Иванов.

Евгениј Иванов исто така беше казнет, или барем сметаше дека не е награден според заслугата. Имено, вратен е во Москва уште во декември 1962 година или во јануари 1963 година, неколку месеци пред да избие споменатиот скандал.

Проблемот, според сè, бил во тоа што не ги пријавил своите односи со Кристина Килер сè дури не изби скандалот. На крајот е префрлен во Црноморската флота. Пронајден е мртов во својот стан на 69-годишна возраст.

Кристина Килер беше жигосана во јавноста како проститутка, но таа целиот живот се бранеше: „Секогаш сум негирала дека сум била проститутка. [...] Вие можеби мислите дека го познавате мојот живот затоа што пред неколку години на кино сте го гледале филмот за мене, или сте го гледале неодамна на телевизија. Тој филм е само еден запрен кадар кој воопшто не ги одразува вистинските настани“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња