На Црвениот плоштад одржана реконструкција на воената парада од 1941 година

Сергеј Михеев/Росијскаја газета
На Црвениот плоштад во Москва се одржа свечен марш во чест на 77-годишнината од воената парада на 7 ноември 1941 година. Музичката придружба на настанот ја обезбедија учесниците на Меѓународниот фестивал на воена музика „Спаскаја башња“.

Во Комитетот за врски со јавноста на град Москва се уверени дека „историската реконструкција ги потсети граѓаните на Русија на настаните од војната, на цврстината, пожртвуваноста и храбрите подвизи на советските војници“. „Воената парада на 7 ноември 1941 година беше првата идеолошка победа над непријателот. Таа му покажа на целиот свет дека духот на народот не може да се скрши во моментот кога непријателот беше на прагот на престолнината под опсада“, соопшти комитетот.

Преку Црвениот плоштад во свечен марш поминаа околу 5 илјади луѓе: кадети на воените академии во состав на историските чети, кадетски свечени единици, коњичката почесна придружба на Претседателскиот полк на Службата на командантот на Московскиот Кремљ на ФСО и чета барабанџии на Московската воено-музичка школа „Халилов”. Музичката придружба на свечениот марш ја обезбеди Мешаниот воен оркестар на Московскиот гарнизон под раководство на началникот на Воената оркестарска служба на Вооружените сили на РФ, главниот воен диригент полковник Тимофеј Мајакин.

По свечениот марш на Црвениот плоштад од 11 до 17 часот беше отворен музеј под отворено небо, каде сите заинтересирани можеа да видат разновидна борбена техника.

Есента 1941 година кај ѕидините на Москва се решаваше за судбината на земјата додека советската војска водеше тешки борби против фашистичките сили. На некои места линијата на фронтот поминуваше на триесетина километри од центарот на градот. Во таква ситуација советското раководство донесе одлука да ја одржи парадата заради јакнење на духот и подигање на моралот на советскиот народ. Парадата беше подготвувана во апсолутна тајност. Во неа вкупно учествуваа околу 28,5 илјади луѓе, 16 коњски запреги со митралези, 296 митралези, 18 минофрлачи, 12 противавионски митралези, 140 единици артилериски орудија и 160 тенкови. Поради лошите временски услови (меќава, снежна бура, ограничена видливост) во парадата не учествуваше авијацијата. Некои единици директно од парадата отидоа на фронт.

Прочитајте повеќе: Како СССР ја мобилизираше нацијата да се бори и да ја порази нацистичка Германија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња