„Црниот вторник“: Како руските граничари херојски се судрија со терористите во 1993 година

1 август 1993 година

1 август 1993 година

Олег Власов/TASS
Крвавата драма се одигра пред 25 години на таџикистанско-авганистанската граница кога исламски фундаменталисти ја нападнаа дванаесеттата гранична караул на руската војска.

„Израмни се! Мирно! Внимание! Припадниците на 12 караула кои преживеаја се наоѓаат пред вас“, со овие зборови на 13 јули 1993 година, 11 часа по нападот на терористите, поручникот Андреј Мерзликин го дочека задоцнетото зајакнување. Неговата единица за чудо успеа да го преживее нападот на муџахедините.

Пред 25 години руските војници на таџикистанско-авганистанската граница се најдоа в близина на епицентарот на борбените дејствија*. Во соседната земја беснееше граѓанска војна, а военополитичката ситуација дополнително беше дестабилизиран со падот на режимот на Наџибулах во соседен Авганистан. За сите несреќи на својот народ ја обвинува Русија, а од пролетта 1993 година терористите од составот на таџикистанската опозиција со помош на авганистанските „душмани“ (муџахедини) повеќе пати се обидуваа да ја пробијат границата. 

Сите напади до „црниот вторник“ беа безуспешни. Но, 13 јули 1993 година стана еден од најкрвавите денови во историјата на граничните сили во, се чинеше, мирната доба. 

Како што се сеќава Мерзликин, ден пред нападот раководството издало необични наредби кои ја ослабеле одбраната. На пример, биле укинати таканаречените „тајни“: огнена положба со опрема на набљудување која се наоѓа надвор од караулата. 

Претходно терористите успеаја да го проучат системот на заштита на базата и да ги воочат сите руски огнени положби од врвовите на најблиските брда. „Сè видовме, но ништо не можевме да сториме. Раководството нареди тие луѓе да не се допираат. Освен тоа, од страната на Авганистанците доаѓаа преговарачи кои нè уверуваа дека ќе нè бранат“, вели тој.

Како се одвиваше судирот

Нападот започна на 13 јули 1993 година точно во 4 часот наутро. На територијата на караулата се наоѓаа 47 војници и еден цивил. Тешка техника немаа, ниту тенкови, ниту артилерија. Војниците имаа само лесно оклопно возило за пешадијата. Тоа беше уништено во првите неколку минути од нападот од оружје. Така руските војници имаа само автоматски пушки, неколку митралези и минофрлач АГС-17 кој се блокираше среде борбата. 

Од друга страна, терористите имаа минофрлачи, митралези, фрлачи на гранати со потпора, снајперски пушки и сите тактички предности кои можат да се посакаат: елемент на изненадување, ударни положби и бројна надмоќ. Тој ден руските војници ги нападна одред од 250 луѓе. 

Терористите ги гаѓаа сите излези од касарната и затоа руските војници мораа да ги искршат прозорците и да гаѓаат од спротивната страна надвор од дејството на огнот. Како што се сеќава еден од учесниците на овие настани, помладиот водник Сергеј Евланов, тој заедно со еден друг војник успеал да стаса до упориштето и да постави тркалезна одбрана. По некакво чудо ова момче преживеало и под влијание на адреналин стасало до скривалиштето каде на себе забележало рани од гелери. 

За тоа време еден од војниците успеал да испрати сигнал за помош во штабот. 

Неколку часа подоцна огнот стивнал, а борбата преминала во воздржана фаза со периодични престрелки час од едната, час од другата страна. Војниците на руската караула брзо останале без муниција. 

Неколкуте очајни обиди од рововите да се пробијат до магацинот со муниција биле безуспешни. Војникот Додокалонов отрчал во офицерската касарна која горела, каде под еден кревет останала една кутија со куршуми за митралез. „Кога тој тргна, сите помислија дека е готов: терористите удираа по зградата од сите страни“, се сеќава Мерзликин. „Пред моите очи загинаа неколку момчиња. И тогаш излезе Додик со кутија од дваесет куршуми. Да не беше тој, тоа ќе беше сигурна пропаст за нас. Куршумите ги поделивме рамноправно. Подоцна, кога веќе се извлековме, пресметав дека секој од нас имал по седум куршуми“. 

Но, командантот го одолговлекувал повлекувањето, дури и кога видел дека повеќе нема муниција. Сигналот за помош бил испратен пред неколку часа, засилувањето би требало да е на пат. Зарем можат туку-така да ја напуштат караулата и да заминат?! 

Ова задоцнување подоцна доведе до оставка на тогашниот командант на граничните сили на Русија и до цела низа кадровски промени и откази во Министерството за одбрана. Но, сето тоа беше подоцна. Засега луѓето веќе неколку часа се опколени под рафален оган. 

Поддршката од воздух стаса дури седум часа по почетокот на нападот, во 11 часот претпладне. На небото се појавија два ударни хеликоптери кои извршија масовен напад со ракети на положбите на терористите во брдата. Навистина, пилотите не се спуштија за да ги земат луѓето, зашто неколку месеци претходно терористите во овој реон од преносен противавионски ракетен систем соборија авион кој леташе ниско.

Дури откако видел дека хеликоптерите заминуваат, откако ја потрошил сета муниција, командантот на граничната караула донесе одлука за повлекување. Појавувањето на хеликоптерите им даде можност да ја искористат бркотницата во редовите на муџахедините.

Повлекување и долгоочекувано спасување 

Последните од преживеаните војници тргнаа во правец на блиското село Сари-Гор. Мерзликин процени дека токму од тој правец ќе стаса засилувањето. И покрај поддршката од воздух и вознемиреноста на терористите, сепак мораа да бегаат под непријателскиот оган. 

Но, војниците набрзо стасаа до „своите“ од соседната 13 караула. Со единицата која им дојде во пресрет раководеше потполковникот Василиј Масјук, кој во помош на 12 караул ги водеше неопходните тенкови и тешка артилерија. Но, засилувањето стаса мошне доцна, зашто единствениот „директен“ пат до 12 караул беше миниран од страна на муџахедините и „покриен“ со терористи од околните брда. 

Истата вечер спасувачкиот одред се врати на караулата која ја зазедоа терористите и ја срамни со земја со оган од тешка техника. Муџахедините мораа брзо да избегаат во планините.

Претседателот Борис Елцин го одликува со Орден за храброст припадникот на граничните сили Владимир Евгењев за одважност и херојство кое го покажа при вршење должност на таџикистанско-авганистанската граница.

Во нападот на муџахедините загинаа 25 војници. Терористите изгубија околу 70 луѓе. Поручникот Мерзликин, кој успеа да ги спаси луѓето, доби звање херој на Русија. Во службата напредување до чинот генерал-мајор на Федералната служба за безбедност. Денес е во резервниот состав и извршува должност советник на претседателот на Рускиот сојуз за воени вештини. 

* По распадот на Советскиот Сојуз на таџикистанско-авганистанската граница остана воена формација на поранешниот Црвенознамен Средноазиски граничен округ (КСАПО) на КГБ во СССР. Во септември 1992 година врз нејзината база е формирана Група на гранични сили на Русија во Република Таџикистан.

Прочитајте уште 5 советски проекти кои преживеаја по војните во Авганистан.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња