Неверојатни приказни за советските заробеници и исчезнати во Авганистан

Советска трупа во Кабул

Советска трупа во Кабул

Getty Images
Медиумите објавија вест за руски пилот кој исчезнал во 1987 година за време на војната во Авганистан според која тој е жив и сака да се врати во Русија. Многу руски војници исчезнаа во акциите од тој конфликт. Некои од нив се пронајдени и вратени дома, а некои го примиле исламот и останаа да живеат во Централна Азија.

На 1 јуни 2018 година американските служби ја известија руската амбасада во Кабул во Авганистан дека пилот кој исчезнал во 1987 година во војната во Авганистан е пронајден жив.

За овој настан ние веќе ве известивме во текстот „Во Авганистан пронајден преживеан советски пилот чиј авион бил соборен пред 30 години“.

„Се шират многу гласови, но ништо не е сигурно. Затоа е подобро да не споменуваме имиња. Мораме да провериме дали оваа информација е сигурна“, изјави за агенцијата Интерфакс Генадиј Шолохов, официјален претставник на здружението на воени ветерани „Браќа по оружје“ кое е вклучено во истрагата. Навистина, досега не е објавена официјална информација за идентитетот на рускиот војник.

Сепак, многу руски медиуми веруваат дека знаат за кого станува збор. „Според нашите извори само еден пилот е исчезнат во Авганистан во 1987 година“, пишува Комерсант. „Тоа е поручникот Сергеј Пантељук“.

„Не грижи се за мене“

Роден во 1962 година во малиот град Зерноград (Ростовска област, 1.000 километри јужно од Москва), Пантељук бил обичен граѓанин на Советскиот Сојуз. Неговите другари од училиштето велат дека бил „срамежлив романтичар“ кој сонувал за авиони и се запишал во воздухопловна школа каде специјализирал за воздушно извидување. Најпрви бил на служба во Грузија, но во 1987 година бил прекомандуван во Авганистан каде советската војска војуваше од 1979 година, поддржувајќи ја просоветската власт и се бореше против исламистичките бунтовници кои ја имаа поддршката на Пакистан и на САД.

Пантељук неколку месеци пред исчезнувањето ѝ напишал на жена си: „Здраво мила... сè е, секако, необично и интересно... Не грижи се многу за мене“.

Советски и авгански војници, 1980

Последен лет

Пантељук како искусен пилот со над 118 борбени летови зад себе, на 27 октомври 1987 година имал еден сосема вообичаен ден. Неговиот авион во друштво со уште еден друг авион летал над провинцијата Кунар на истокот од Авганистан, но во еден момент времето се влошило и авионите го изгубиле меѓусебниот контакт. Неколку часа подоцна командата сè уште не успеала да воспостави контакт со авионот Су-117 на Пантељук. Потрагата не даде никакви резултати.

Еден месец подоцна сопругата на Пантељук, која во тоа време ја родила нивната ќерка, добила писмо од руската воена команда: „Вашиот сопруг исчезна во акција... Не сметаме дека е загинат; ќе ја продолжиме потрагата по него“.

Денес неговата ќерка има 31 година, но ниту таа, ниту нејзината мајка немале никакви информации за тоа што се случило со Сергеј. Можеби сега ситуацијата ќе се смени.

Далеку од дома

Војната во Авганистан беше тешко искуство за Советскиот Сојуз со речиси 15.000 загинати војници и 50.000 ранети. Исто така, 417 војници исчезнаа: 130 од нив подоцна се најдени и вратени дома, додека над 100 војници се убиени во заробеништво или беа починати. Не е познато што се случило со пилотот за кој пишуваат медиумите, но претходно постоеја неколку неверојатни приказни за советски заробеници и исчезнати во Авганистан. Еве неколку од нив.

Александар Руцкој: Рускиот Џон Мекејн

Александар Руцкој

Потполковник Руцкој, командант на посебниот воздухопловен офанзивен полк на советската војска во Авганистан бил соборен во 1988 година во близина на границата со Пакистан. Го заробија муџахедините, го испитуваа и го мачеа, но Руцкој не откри никакви информации. „Не сум воспитан така“, рече тој во едно интервју неколку години подоцна.

Еден месец подоцна советските сили успеаја да го ослободат, плаќајќи огромна сума пари. Како херој на Советскиот Сојуз (беше соборен во 1986 година и го скрши 'рбетот), Руцкој стана значаен политичар во деведесеттите години од минатиот век. Беше прв и последен потпретседател на Русија. Го предводеше движењето против Елцин за време на конфликтот помеѓу претседателот и парламентот во 1993 година, но откако изгуби во овој судир ја напушти политиката.

Заробениците од Бадабер: Се бореа до смрт

Советските воени заробеници се наоѓаа во пакистанските логори кои ги контролираа муџахедините. Во 1985 година 12 советски војници заедно со 40 авганистански соборци се побунија во еден ваков логор (Бадабер), протестирајќи против нечовечките услови. Откако ги ликвидираа стражарите и дојдоа до оружје, пружија 11-часовен отпор, одбивајќи ги нападите сè дури целата зграда не експлодираше, при што загинаа и војниците и муџахедините.

Николај Бистров: Телохранител на господарот на војната

Некои заробени Руси ја имаат прифатено авганистанската култура и преминаа во ислам. Според Франц Клинцевич, претседател на здружението на ветерани од војната во Авганистан, многумина од нив немаат желба да се вратат во Русија.

„Запознав еден од нив... одвај зборуваше руски и одби да се врати велејќи: 'поминаа 25 години и завршив со Русија'“, вели Клинцевич.

Можеби најневеројатната приказна зборува за Николај Бистров кој за малку ќе бил убиен во заробеништво, но потоа го запознал влијателниот авганистански господар на војната Ахмад Шах Масуд. Бистров подоцна велеше дека „видел човек кој се разликува од останатите... Беше вистински водач. Иако сум Русин, ми веруваше... ми даде соба и храна“. Бистров го сменил името во Ислам ел Дин и станал најверен телохранител на Масуд.

Сепак, на крајот реши да се врати во Русија со својата авганистанска жена. Кога остана без рускиот телохранител, Масуд во 2001 година беше убиен од страна на припадниците на Ал Каеда.

Прочитајте уште Последниот бој на Деветтата чета: Шака советски војници против стотици муџахедини во Авганистан

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња