Русија ја симнува забраната за увоз на македонското коскесто овошје

Global Look Press

Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација од понеделник 27 мај 2019 година целосно ја укинува забраната за увоз на македонско коскесто овошје. Ова значи дека македонските производители повторно ќе можат да извезуваат цреши, вишни, сливи, кајсии, праски и нектаринки во Руската Федерација.

Забраната за извоз на македонското коскесто овошје во Русија, стапи на сила во август минатата година по утврденото присуство на штетниот организам Monilinia Fructicola. Со гаранции од македонските надлежните фитосанитарни служби за тоа дека праските и нектаринките потекнуваат од подрачја во кои е утврдено дека нема присуство на габата Monilinia fructicola (Winter) Honey, Руската Федерација го одобри увозот на овие македонски производи.

Секоја пратка праски и нектаринки која е наменета за рускиот пазар, а која потекнува од незаразено подрачје, ќе биде проследена со веродостојни лабораториски анализи издадени од македонската Државна фитосанитарна лабораторија со акредитирани методи за анализа на оваа габа.

Подобрувањето на економската клима и зголемувањето на трговската размена помеѓу двете земји ќе биде и централна тема на следната седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно техничка соработка помеѓу двете земји која ќе се одржи кон крајот на септември.

Во првите три месеци од годинава забележан е висок пораст на извозот на македонски производи во Руската Федерација од 41.1 отсто и пад на увозот за 3.3 отсто. Во овој период македонските компании на рускиот пазар пласирале стока во износ од 9.41 милиони американски долари, додека минатата година во истиот период оваа бројка изнесуваше 6.67 милиони американски долари. До крајот на март од Русија е увезена стока за 48.61 милиони американски долари, додека лани увозот за истиот период изнесуваше 50,24 милиони американски долари.

Вкупната трговска размена во првите три месеци од годинава, пак, е речиси на нивото од истиот период лани. Компаниите од двете земји извршиле трговија со стока во висина од 58.02 милиони американски долари, додека лани во овој период бројката изнесувала 56.92 милиони американски долари. Тоа покажува дека годинава е забележан раст во размената од само 1.9 отсто во однос на истиот период лани.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња