Украина помеѓу реализмот и идеализмот

Извор: Ројтерс

Извор: Ројтерс

Во една зрела и консолидирана демократија, секоја политичка опција треба да се просудува прагматично: што се добива, а што се губи. Македонија и Украина, веројатно се далеку од консолидирани демократии.

Турбуленциите во Украина имаат силно ехо во многу краеви на светот, па така стасаа дури и до Македонија. Повторно се појави истот оној хор: зошто во Украина проевропските сили се храбри и одважни да излезат на улица, а тоа не е случај во Македонија, каде тие се тивки пред (наводната) диктатура? 

Во контекст на нашите, македонски политичко-етнички околности се направи и друга паралела, во однос на спомениците: обидот за насилно уривање на тукушто поставениот споменик на (српскиот) Цар Душан, кому Скопје навистина му била престолнина, се означи како демократски чин и се споредуваше со уривањето на споменикот на Ленин во Киев од страна на демонстрантите. Да, светот се чини толку мал, што за сѐ може да се најде (наводна) корелација и да се извлечат - обично погрешни - заклучоци. Сличности помеѓу Македонија и Украина, се разбира, е тешко да се најдат! Еве, на пример, Викторија Нуланд веднаш по почетокот на последниот бран протести отрча во „хуманитарна мисија“ среде демонстрантите, делеше сендвичи и приредуваше своевидна „чајанка“ среде Киев. Ние ја паметиме како американска амбасадорка во НАТО која овде доаѓаше без сендвичи, ама со непристојни предлози околу „решавање“ на спорот со името. Оваа американска „хуманитарна мисија“, за разлика од онаа во 1999 година на Балканот, барем не беше во вид на бомбардирање. Баронесата Ештон, пак, дотрча во Киев да прошета без телохранители среде насобраните проевропски сили, а кај нас во Македонија - знаете веќе какви стерилни пораки испраќа, онака од далечина. Каква е разликата помеѓу Украина и Македонија? Огромна! Украина е значајно геополитичко поле на шаховската табла, некаква чудна зона во која како да се наметнуваат реминисценции од Студената војна, а Македонија (благодарение на третманот на Брисел) станува безначајна црна дупка среде Балканот. За несреќа на украинскиот народ, преку нивната земја се прекршуваат огромни интереси на светски актери - во случајов, сојузот на ЕУ и САД, кој во црно-белата пропагандистичка слика на светот, се портертира како „слободниот свет“ наспроти Русија, која треба да биде „лошото момче“ во стариот вестерн-филм. Би рекле, Студена војна 2.0.

Македонија одамна сака себе да се перцепира како крстопат и најзначајна точка на невралгичниот Балкан, од која зависи стабилноста на регионот, иако тоа одамна не е ни приближно точно. Таа е тешка, или поточно безначајна (европска) периферија. Македо­нија е земја која Западот не сака да ја прими (барем не додека го носи тоа име, освен ако име­то не е изговор за нешто друго), додека односите со Русија се амбивалентни - се раз­бира, „прием“ во некаква Евроазиска Унија не е ниту на агендата, а и Москва е прилично воздржана кога станува збор за Балканот. Да се разбереме, во вакви светски околности, и Украина е чудна периферија - и во однос на руската сфера на интереси, и на западната. Наспроти обидите тоа да се прикаже поинаку, во Македонија постои недвосмислен опш­тествен консензус по прашањето на членството во ЕУ и НАТО, или дури и општествениот договор помеѓу граѓаните, и помеѓу граѓаните и власта, дека единствената алтернатива лежи во прозападната трансатлантска/европска ориентација. Единствената дисонанца се појавува кога ќе се постави потпрашањето за цената (во поглед на идентитетските прашања) која треба да се плати за членството во тој клуб. Тука почнува делбата на наводни проевропски Албанци и неевропски Македонци, што е се разбира е ноторна глупост - затоа што ниту сите Албанци се олицетворение на европските вредности, ниту пак сите Македонци се единствени во поглед на пазарењето. 

Во Украина тешко дека во ваква атмосфера ќе се најде рационален аргумент за или против некоја опција, а политичката прагма е токму тоа – рационален аргумент за тоа што се добива, а што се губи.

Во Украина очигледно не постои општествен договор околу најбитните прашања за развојот на оваа голема земја. Да биде трагедијата поголема, како што вели една древна африканска мудра пословица: без оглед дали слоновите (Големите сили, во случајов) водат љубов или се борат, тревата е таа која страда. Поради реална безначајност на Маке­донија на геополитичката карта на светот, и веројатно поради проценката дека земја во која постојат внатрешни делби и отсуство на кохезивни елементи, а која нема надворешни сојузници кои би нуделе алтернативи, сѐ што треба да се стори е да се остави „работата сама да се разреши“. Според една древна азиска поговорка, пак, со нечинење - сѐ е сторено! Затоа, граѓаните на Македонија, дури и најборбените, не треба да се надеваат ниту на американски сендвичи, ниту на чај! Македонија не е поле на кое ќе сретнете „слонови“. Барем засега... За нас во Македонија е интересно, а можеби дури и отрез­ну­вач­ко, да ги погледнеме нашите „пријатели и сојузници“ како нагалено си ги именуваме, како се однесуваат кога ќе паднат маските. За САД никој не се ни чуди кога ја тестира Русија и нејзината подготвеност да ги брани своите национални интереси во Украина. Најбезочно се мешаат во внатрешните работи на една земја, поддржуваат не само политичка опција или поточно опозиција (небаре секоја опозиција е по дефиниција демократска), туку влијаат и на надворешно-политичката ориентација. Поинтересна е ЕУ, Венера, која ја симнува маската и се однесува како (економска, ако не политичка) империја, која и тоа како сака да го прошири влијанието поради сопствени интереси на Истокот. Вокабуларот кој го слушавме сите изминати недели е полн со фрази за кои либералистите ќе речат дека е говор на мир, демократија, човекови права, а дека ЕУ во Украина има една единствена мисија: ширење на демократијата. Други (со право) ќе видат реал-политика: дејствување водено од самоинтерес. Кога Украина би била консолидирана демократија, и таму поли­тич­ките актери, без оглед на политичките разлики, би размислувале низ самоинтересот: што се добива, а што се губи, и како првенствено да се заштити националниот интерес. Но, во земја одвнатре длабоко поларизирана и истоштена од долга и болна транзиција кон капитализам, од разно-разни обоени револуции и контрареволуции, политичките лидери водат љубов со народот (или дел од него), ама им се верни на странските патрони. Граѓаните, без оглед дали гледаат кон Москва или кон Брисел, се всушност очајници, поданици, кои се во потрага по заштитник. Наместо дебата, земјата стаса во предворјето на опасна граѓанска војна, а ЕУ и САД, тие шампиони на демократијата, сесрдно го поттикнуваат тоа! Ќе речете, а зошто не ја споменувам Русија? Па, таа е по дифолт, нели, „лошото момче“ во приказната? Руските интереси во Украина се подеднакво реални (и засновани на интерес, толку типичен за големи држави и за крупниот капитал кој подеднакво влијае и на руската внатрешна и надворешна политика), но има една разлика - Русија е таа која од самиот почеток принципиелно кажа дека нема да биде испровоцирана за да направи воена (директна) интервенција во суверена држава. Се разбира дека Москва на друг начин успева да ги оствари своите интереси (всушност, нејзиниот „морков“ е многу поконкретен и поголем од оној на САД и ЕУ), и тука никој не треба да има илузии. Но, во свет во кој меѓународните норми се кршат „без пардон“, и по најразлични „хуманитарни“ изговори, и ова е факт кој заслужува да се нагласи.

Обичниот Украинец е помеѓу чеканот и наковалната, неговиот избор: Брисел или Москва во секој случај е поданички и изнуден. Граѓаните, без оглед дали гледаат кон Москва или кон Брисел, се всушност очајници, поданици, кои се во потрага по заштитник.

За нас, би рекле, алтернатива нема - бидејќи (замислениот) заштитник е оној во Брисел. Друг немаме. За среќа или не, Москва е и далеку и не се интересира за овој дел на светот; дури и интересите се поограничени и дискретно остварени. Но, не значи дека и ние сме сосема безбедни од танцот на слоновите. Уцената која се испорача во однос на некомпатибилноста на проектот „Јужен поток“ со европското законодавство е тука, па ако не можат по магарето, удираат по самарот, удираат всушност каде што е најтенко. Ние не развиваме нуклеарна енергија за мирнодопски цели, ама ете некако се трудиме да се снајдеме и обезбедиме енергетската иднина. И така заробени во сопствената вљубеност кон оние кои и не нѐ примаат (низ призма на Украина, поради навистина банална работа како што е името, ама причина која служи како добар изговор), ама не нудат ниту сендвичи, ниту утеха, ниту се трудат да ветат нешто поконкретно. Ние немаме што да и понудиме на ЕУ - Украина, ако ништо друго, претставува и огромен пазар, земја со ресурси и евтина работна сила, а истовремено привлекувањето кон Западот значи директно осуетување на плановите и можностите Русија да стане империја (како што велеше Кисинџер).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња