Кои видови мечки живеат во Русија? (ФОТО)

Global Look Press; Legion Media
Русија е вистинска земја на мечки! Најголемиот број од овие животни во светот живеат токму тука. И тие не припаѓаат на еден, туку на три вида.

Русите се шегуваат дека постои лесен начин да откриете која мечка ве брка: ако потрчате, се искачите на дрво, а мечката се качува веднаш до вас, тоа е кафеава мечка. Ако потрчаш, се искачите на дрво а мечката го затресе, тоа е црна мечка. Ако потрчате, а наоколу НЕМА дрвја, најверојатно станува збор за бела мечка.

Мечките ја населуваат речиси целата земја, од Кавказот до Северниот леден океан. Според податоците на Министерството за природни ресурси на Русија, во 2020 година се изброени над 286000 животни, а нивниот број секоја година расте.

Повеќето живеат на Далечниот Исток на Русија (113000) и рускиот Север, во региони како што се Архангелската (18000) и Вологодската (11000) област.

Кафеави мечки 

Ова е најраспространетиот вид на мечка во Русија и во светот. Вкупно околу 200000 кафеави мечки ја населуваат планетата, а повеќе од половина од нив живеат во Русија. Многу, исто така, ги населуваат САД и Канада. Порано мечките можеа да се сретнат и на западот на Европа, но денес се вистинска реткост, освен во шумите на Скандинавија, на швајцарските Алпи и Карпатите во Источна Европа.

Кафеавите мечки сакаат густи шуми и непроодни честари. Овој вид постои и во различни големини. Најмалите живеат на Кавказ, а најголемите живеат на Северот.

Ова е, на пример, мечка во Краснаја Полјана (ски-центар во близина на Сочи, на југот на Русија).

Друга мечка доби некакви деликатеси од возач на автопатот во Мурманската област (на северот на Русија).

Како и сите диви животни, не сакаат човечко друштво. Иако претпочитаат да живеат во својот шумски свет, тие сепак повремено ги посетуваат човечките населби. По правило, тоа се млади единки кои ги посетуваат куќите и патиштата од чиста љубопитност или во периоди на глад, кога не можат да најдат доволно храна во шумата. На социјалните мрежи има многу видеа на кои млади мечки ги молат возачите за храна. Се разбира, на луѓето им е жал за животните, но подобро е да не им даваат слатки! Некои од најагресивните животни се мечките, кои често нешто ги буди од зимскиот сон (во Русија тој трае од ноември до март).

Бели мечки 

Онаму каде што започнува тундрата, кафеавите мечки се заменуваат со бели. Во светот живеат вкупно 25000-30000 бели мечки, а 5000-7000 од нив ја населуваат Русија. Повеќето од нив ги има кај Карското и Беренцовото море (3000-5000), а уште околу 2000 кај Чукотското море и околу 1000 кај Лаптевското море.

Белата мечка е најголемиот предатор меѓу цицачите, долга е 2-3 метри и тежи 500-1000 килограми. За среќа, ги населуваат островите на Северниот леден океан и ретко навлегуваат подлабоко во тундрата, иако понекогаш можат да се видат во континенталниот дел на Русија, на пример, на северот на Јамалскиот и Чукоткскиот полуостров и во Јакутија.

Оваа мечка се сретна со поларни истражувачи на островот Столбовој во Лаптевското море во Јакутија.

А еве како се снаоѓаат белите мечки на островот Коњучин на Чукотка, каде што се наоѓаат остатоци од напуштена советска метеоролошка станица (повеќе фотографии можете да видите овде).

Видеото од поларна мечка како краде од камион КАМАЗ стана вистински хит на интернет.

Патем, за разлика од кафените мечки, белите мечки практично немаат зимски сон, освен бремените женки, бидејќи имаат доволно храна во зима.

 

Усуриска црна мечка (манџуриска црна мечка)

Оваа мечка претпочита топла азиска клима, а во Русија може да се сретне на Далечниот Исток. Ги населува Хабаровскиот крај, Приморскиот крај и јужните делови на Јакутија. Се наоѓа дури и на грбот на градот Хабаровск! Во Русија живеат вкупно околу 6500 усуриски црни мечки. 

Како да ги препознаете? 

Многу лесно: тие се релативно мали (долги 1,5 метри и тешки 120 килограми) и имаат бела лента во вид на буквата V на градите. Затоа понекогаш се нарекуваат белогради или месечеви мечки. Црните мечки се хранат со билки, бобинки и јаткасти плодови, но нема да пропуштат ни некои мали животни како, на пример, жаби.

Во еден резерват на Далечниот Исток, камерите-стапици често бележат мечки како си го тријат грбот од дрво, како Балу во „Книгата за џунглата“!

Помладите мечки не се плашат од луѓе и често може да се видат на патиштата. Сепак, подобро е да не им се приближувате премногу!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња