Преку локвањи до демократија: „Перестројка“ - последната советска видео игра

Играта беше популарна и во СССР и во странство.

Играта беше популарна и во СССР и во странство.

Locis
Главниот јунак може да изгледа како малечка зелена жаба која скока од цвет на цвет, но оваа игра има подлабока политичка смисла.

Тетрисот не беше единствената култна видеоигра направена во СССР. Додека во светот беа популарни игрите „Супер Марио“, „Принцот од Персија“ и „Пакман“, советските програмери смислија нова игра под називот „Перестројка“, позната и под називот „Toppler“. Таа имаше огромен успех.

„Перестројка“ беше поседната игра направена во СССР. Се појави 1990 година, а веќе наредната година државата повеќе не постоеше. Играта стана популарна и во Советскиот Сојуз и во странство. Сѐ уште можат да се пронајдат некои верзии за „Ајфон“ и „Андроид“.

Играта го одразува бурниот период во кој е создадена. На почетокот на екранот се појавува слика на советскиот лидер Михаил Горбачов спроти ѕидините на Кремљ кои се рушат. За да потсетува играта што повеќе на Русија, во позадина се слуша мелодијата на песната „Дубинушка“.

Жаби демократи против бубачки бирократи

Главниот јунак, т.е. играчот, личи на мала зелена жаба. Но тоа не е жаба туку демократ. Тој скока од локвањ на локвањ обидувајќи се да го достигне следното ниво. Локвањите се во постојано движење. Тие ги симболизираат законите и правилата на советскиот систем кои постојано се менуваат.

Играчот треба да стигне до точките кои претставуваат намирници  (крајот на 1980-те беше време на страшен недостиг на намирници во СССР) и купување на девизи (за време на Горбачов девизите почнаа да пристигаат во Русија) и да ги „собере“. Така жабата демократ станува побогата. Постојат и лоши точки кои жабата треба да ги избегне – тоа е оданочувањето со кое се намалува „имотот“ на малиот зелен јунак. Демократите имаат и непријатели – тоа се бирократите. Тие црвени бубачки се обидуваат да ја уништат жабата која тежнее кон реформи. Целта е да се избегнат непријателите и да се стигне до десниот горен агол, каде се наоѓа следното ниво.

„Ча-ча-ча“ и „Њам-њам“

Играта е мошне едноставна, но беше популарна и инсталирана е на милиони компјутери. Креаторот на играта „Перестројка“ е Никита Скрипкин кој работеше во една од тогашните „задруги“  (на руски „кооператив“), нов вид на економско делување кое го овозможија реформите на Михаил Горбачов. Бил инспириран од јапонска телевизиска програма каде луѓето фрлале трупци во езеро во обид да го преминат.

Според зборовите на Скрипкин, „Перестројка“ се разликувала од другите игри во Русија и странство по песната и другите звуци.

„Првпат компјутерот почна да „пее“ и да зборува со човечки глас“, вели програмерот. Покрај мелодијата „Дубинушка“, ликовите во играта изговараат звуци: „њам-њам“ (кога се зголемува „имотот“) и „ча-ча-ча“ (танцот на бирократите на крајот ако играч загуби). Еден од авторите успеа да преточи женски глас во звуци и да го вгради во играта.

Скрипкин раскажува како му ја подарил „Перестројка“ на еден советски научноистражувачки институт и „веќе утредента сета работа запре. Од сите страни се слушаше „њам-њам“ и „ча-ча-ча“. Слично се случи и во други институции и агенции кои имаа компјутери“.

Еден пријател на Скрипкин му раскажал дека играта станала исклучително популарна и во САД.

Значењето за индустријата за видеоигри

Авторите велат дека не заработиле пари на оваа игра, но благодарение на неа се здобиле со репутација. На порталот www.old-games.com е прикажана историската вредност на играта, а „задругата“ во која е креирана прерасна во компанија која сѐ уште работи на рускиот пазар.

По успехот на „Перестројка“ 1991 година се појави нејзино продолжение – „Одбрана на Белата куќа“. Таа е инспирирана од неуспешниот обид за државен преврат 1991 година кој беше задушен од Борис Елцин. Играта „Перестројка“ во некој смисла оживеа 1995 година кога е обновена за оперативниот систем „Виндоус“.

Прочитајте повеќе за руските ликови во компјутерските игри

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња