Руските ликови во компјутерските игри

Црвена опасност и оклопни воени мечки... Во компјутерските игри од западно производство Русите секогаш се претставуваат шаблонски, со цел за сè што е руско да се создаде слика која нема многу врска со реалноста. Ќе се осврнеме на некои од највпечатливите компјутерски игри со руски ликови.

„Red Alert“

 

Избран цитат

Изнеси го и пукај во него! 

Да се потсетиме на дамнешната 1996 година, која беше обележана со излегувањето на играта „Red Alert“ од жанрот стратегија, која во меѓувреме стана класика меѓу компјутерските игри. Приказната започнува така што Алберт Ајнштајн непосредно по војната успева да развие временска машина и првата работа што ја прави е да се врати во минатото за да го отстрани Хитлер уште пред тој да дојде на власт. Добрите намери на научникот прават наместо Германскиот агресор да се појави Советскиот Сојуз на чело со Јосиф Сталин. Европа и САД се здружуваат во борбата против „црвената закана“. Советското супероружје е, секако, нуклеарната бомба. Во продолжението на играта се појавуваат оклопните воени мечки – кошмар на секој Американец што го мрази комунизмот.


„Grand Theft Auto“

Избран цитат

Сакате капитализам? Еве ви капитализам!

Кога се зборува за Русите во компјутерските игри, невозможно е да не се спомене мафијата, која, на пример, е доста впечатливо претставена во популарната игра GTA. Вториот дел од играта ги израдува сите руски играчи со можноста да „работат“ за руската мафија, чиј заштитен знак во играта е црвената ѕвезда и воопшто црвената боја. Мафијашите се појавуваат во третиот реон. Нивна специјалност се нарачаните убиства и трговијата со оружје. Нивниот автомобил Bulwark е најмоќен во играта (може да издржи директен погодок од фрлач на гранати, експлозија на рачна бомба и Молотов коктел).

Секако, сите Руси во GTA се „лоши момчиња“. На радиостаницата „Владивосток ФМ“ во четвртата верзија на GTA се вртат хитови на руските групи Кино и Би-2, како и на пејачите Земфира и Вјачеслав Бутусов.


„Street Fighter“

Избран цитат 

Господине претседател, играте многу добро!

Меѓу странските видеоигри секако е тешко да се наиде на некоја во која Советскиот Сојуз би претставувал симбол на доброто, но по некој позитивен лик може да се сретне.

Еден од позитивните јунаци е ликот од легендарната игра „Street Fighter“ од 1991 година. Тоа е огромниот сибирец Зангиев со прекар „црвен циклон“, советски војник, кој, судејќи според гласовите, ги усовршувал своите боречки вештини со поларни мечки. Како основа за развој на ликот послужил Виктор Зангиев (1959), советски борач во слободен стил, европски и светски младински првак, шесткратен првак на РСФСР, многупати наградуван на првенствата на СССР, мајстор на спортот на СССР од меѓународна класа во борење во слободен стил.


„Command & Conquer: Red Alert 2“ и „Half Life 2“

Избран цитат

Те молам да не ја одвраќаш светлоста твоја од мене, услиши ме, и постави ги замките твои на непријателот мој кога пред тебе клечам!

Најчести имиња за советските и за руските ликови се Иван и Виктор, а презимиња кои се добро запомнети на Запад се Романов и Распутин (по Сталин, секако). Така, на пример, се презива и претседателот на Советот на министри на Советскиот Сојуз Александар Романов во играта „Command & Conquer: Red Alert 2“, кој под влијание на својот советник Јуриј основа Светски Социјалистички сојуз. Потоа Советскиот Сојуз им објавува војна на Соединетите Американски Држави.

Тука е и отец Григориј, еден од ликовите од видеоиграта „Half Life 2“: свештеник кој им чита молитви на злите зомби, ги ослободува од гревови и ги испраќа во чистилиштето со својата сачмарка „Анабел“. Неговиот монах и се нарекува „mad monk“ („лудиот монах“), како алузија на филмот „Распутин – лудиот монах“ од 1966 година.


„Call of Duty“


Избран цитат

Татко ми беше музичар во Сталинград. За време на германската окупација неговата виолина ги радуваше срцата на стотици луѓе со музиката на Корсаков, Стасов и други наши големи композитори. Нацистите го заклаа насон...

Првиот руски лик во оваа култна игра се појавува во мисијата „Vendetta“ („Call of Duty: World at War“) како снајперист, а неговото име е Виктор Резнов – советски командант од одредот на Црвената армија. Тој е примерен војник и патриот кој има направено многу херојски дела, се вели во видеоиграта. Во борбите покажува неверојатна суровост додека ги убива германските војници, кои страшно ги мрази и ги нарекува стаорци и валкани животни, не покажува ниту малку милост кон кој било војник на Вермахтот, зашто многу од неговите пријатели биле убиени за време на опсадата на Сталинград.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња