Своевремено територијата на Русија неверојатно брзо се проширила на цел Сибир. Уште во 1585 година првата руска експедиција завршила трагично по преминувањето на Урал, а само 54 години подоцна Русите дошле до Тихиот океан. Мислењата на научниците се поделени во таа смисла што едни сметаат дека таквото темпо сведочи за мирно присоединување на сибирските територии, а други, напротив, во тоа гледаат агресија и занемарување на интересите на автохтоните народи.
Русите дошле во контакт со автохтоните жители на Сибир многу пред првите воени експедиции кои го минале Урал. Во Лаврентиевскиот летопис од 14 век се споменува Гјурата Рогович, жител на Новгород од 11 век, кој тргнал во поход на „земјата југорска“. Летописот споменува „гори високи и порта бакарна“. Историчарот Соловјов смета дека станува збор за Урал. Подоцна новгородските „ушкујници“, односно речните разбојници, во повеќе наврати минувале во овие краишта, а во 1483 година московските војводи предводеле вооружени единици во поход преку Урал. Сибирскиот хан (управувал со остатокот од Монголската империја) во 1555 година станал вазал на Руското царство. Но, набргу власта ја презел Кучум, потомок на Џингис-хан. Тој го прекинал вазалниот однос и почнал да го воведува исламот.
Слика од архива
Првата вистинска колонијална експедиција била походот на Ермак против Кучум во 1581 година. Во тоа време ханот веќе ги нападнал пограничните руски територии. Власта на Кучум не била цврста, така што многу сибирски народи му го свртеле грбот на муслиманскиот хан и преминале на страната на руското царство. Одред од 800 козаци ја испотепал армијата на Кучум која броела 15.000 војници, меѓу другото и поради тоа што народите Ханти и Манси не сакале да гинат за ханот и веднаш ја напуштиле битката. Во децениите што следувале Кучум водел герилска војна, па дури во еден напад го убил Ермак, но колонизацијата на Сибир веќе не можела да биде сопрена. Новите експедиции започнуваат да градат населби во Сибир. Подоцна тие ќе се развиваат и ќе станат големи градови. Градот Тјумењ (денес брои 720.000 жители) е основан во 1586 година, Томск (денес има 570.000 жители) настанал во 1604, а во 1628 година е основан Краснојарск (над еден милион жители).
За разлика од покорената Америка, Сибир не станал колонија. Како колонија го прикажувале во своите патетични памфлети само приврзаниците на тоталната регионализација. Во Русија не постела поделба на „колонија“ и „метропола“. Сибир едноставно станал дел на Руското царство. Згора на тоа, локалната елита не била уништувана, ами била интегрирана во руската елита. На пример, синот на Кучум, кој се борел против Русија, на крајот склопил мир со неа, а на внукот на Кучум му е дадено да управува со марионетското Касимовско царство.
Се смета дека во Сибир пред доаѓањето на Русите живееле од 240.000 до 300.000 луѓе на 13 милиони квадратни километри. Тука малкумина давале централизиран отпор на руската држава. Автохтоните народи брутално војувале едни против други, и многумина ја прифатиле „царевата рака“ како спас од најблискиот сосед. Но, како што козаците напредувале понатаму на исток, така и поборниците за независност давале сè пожесток отпор.
На територијата на слободољубивите народи новата власт се потпира на постоечките населби и гарнизони, но жителите на тие краишта сепак организирале буни. Тие напаѓале и палеле, а козаците им одговарале со иста мера. Фолклористот Георгиј Ергис наведува ваков приказ на Русите во јакутските легенди „Луѓе на сечата и на битките“.
Чукчите биле еден од најнепокорните народи. Претставниците на овој етнос жестоко се бореле со козаците и понекогаш ги победувале. Сепак, овие битки не биле големи. На пример, во големиот пораз на руските сили на реката Оролва загинал 51 козак. Oдговорот на царските власти на Чукчите навистина малку личи на сличните дејствија на освојувачите на Америка. Во империјата во 1742 година дури е издаден указ во кој пишува: „На оние немирни Чукчи да се тргне во војна со вооружена рака и целосно да се искоренат“.
Жителите на овие краишта како Индијанците биле чувствителни на епидемии. „Новите болести го ослабеле и го деморализирале автохтоното население“, пишува професорот по историја Џон Ричардс. „Епидемијата на сипаници усмртила 80% од Тунгусите и 44% од Јукагирите“.
Сепак, целта на руската експанзија не била геноцид, ниту поробување на сибирските народи, ами вклучување нови простори во територијата на Русија и обирање данок од локалното население. Русите се фаќале за оружје дури по неуспешната дипломатија. Во Руската Федерација денес живеат 460.000 Бурјати и 480.000 Јакути (а во времето на освојувањето на Сибир вкупниот број жители на Сибир изнесувал 300.000 луѓе). Определени народи успеале да ја зачуваат националната самобитност. Во Јакутија и понатаму живеат повеќе Јакути од Руси.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче