Најстрашните, најскапите и другите НАЈ подароци што ги добивале руските цареви

Russia Beyond (Public Domain; Legion Media; Јуриј Сомов / Sputnik)
Руските цареви биле опсипувани со подароци од монарсите на другите земји, но и од нивните поданици. Направивме избор на „нај-нај“ подароците кои со нешто ги надминувале сите останати.

Најстрашниот: Лавовите на Иван Грозни

Иван IV го праќа Осип Непеја во Англија. Минијатура на Никоновиот летопис, XVI век.

Англиската кралица Мери I Тудор во 1557 година му испратила на Иван IV Василевич лав и лавица. Подарокот имал толку големо значење што животните биле транспортирани под личен надзор на Осип Непеја, московскиот емисар во Англија. Моментот на влегување на лавовите во Москва е овековечен во Илустрираната хроника на Иван Грозни, која служела како свечен илустриран приказ за неговото владеење.

Никољската капија на Кремљ и Алевизовиот ров, Ф. Алексеев, ученици, 1800-тите.

Иван Грозни ги сместил лавовите до Воскресенската порта на бедемот на Китај Город. Тоа била свечената порта низ која богатите гости на престолнината и странските емисари влегувале на Црвениот плоштад. Лавовите биле во исушениот Алевизов ров што се протегал долж ѕидините на Кремљ. Тие станаа толкава знаменитост што дури и Воскресенска порта подоцна долго време се нарекуваше Лавовска. Лавовите живееле во Москва доста долго, а ќе живееле уште подолго доколку во 1571 година не бил пожарот, кој избувнал кога Москва била запалена од кримскиот кан Девлет I Гирај. По пожарот животните биле пронајдени мртви на Црвениот плоштад.

Најтешкиот: Слоновите на Елизавета Петровна

Адмиралитетот и Дворцовиот плоштад во текот на прошетката на слоновите што ги пратил персискиот шах.

Во 1741 година персискиот владетел Надир-шах Афшар ѝ подарил 14 слонови на Елизавета Петровна, ќерката на Петар Велики. За волја на вистината, „само“ седум слона биле наменети за неа лично, додека пет биле подарок за малолетниот Иван VI кој станал цар на Руската империја во октомври 1740 година, и уште два за неговата мајка (која истовремено била и негов регент) Ана Леополдовна.

Слоновите ѝ биле испратени на Елизавета Петровна како подарок за запросување. Надир-шах сакал да склучи династички брак за да се обедини со Русија против Турција. На персискиот владетел му се чинело дека ќерката на Петар, за која не било планирано да биде на престолот, може да размисли за неговиот предлог, со оглед на тоа што тој го поткрепил со толку многу слонови и уште куп скапоцени подароци. Меѓутоа, таквото запросување била спротивно на сите правила на европската дипломатија. Подарокот бил примен, но на персискиот емисар не му бил дозволен ниту прием кај Елизабета. За свадба не можело да стане ниту збор, бидејќи во октомври 1741 година, кога слоновите пристигнале во Петербург, „ќерката на Петар“ веќе наголемо планирала државен удар со цел да го заземе тронот.

Слоновите биле сместени во центарот на Петербург. „Караванската“ улица се вика така затоа што во неа се наоѓал „караван-сарај“, т.е. простор за слоновите. Подоцна животните биле преместени на местото на денешниот Плоштад на востанието, а до поилото на Нева биле водени по Суворовскиот проспект, која тогаш се викал улица „Слоновска“.

Најсложениот: Часовникот „Храмот на Славата“ за Екатерина II

Часовникот „Храмот на славата“

Уникатниот часовник автоматон е направен пред крајот на владеењето на Екатерина Велика во чест на нејзините достигнувања. Го направил Мајкл Медокс, англиски инженер кој уште во 1766 година бил поканет во Русија да му предава физика и механика на престолонаследникот Павел Петрович. Медокс останал во Русија и го основал театарот „Петровски“ во Москва, еден од првите јавни театри.

Не се зачувани сите делови од часовникот, така што механизмот сега само делумно функционира. А додека функционирал како што треба, на секои три часа по интонирањето на химната „Нека одекне громот на победата“ прикажувал цела претстава: сончевиот ореол околу бројчаникот почнувал да се прелева поради движењето на кристалните цилиндри и во исто време се отворала и предната вратничка на кутијата зад која бил скриен механички водопад. Орлите на врвот на столбот ги отворале клуновите и испуштале вистински бисери во устата на своите млади. Часовникот имал и металофон со 12 различни мелодии.

„Два реда кристални цевчиња со позадина од жолта и портокалова фолија се вртеа околу белиот бројчаник со потписот на Медокс, имитирајќи го така сончевиот сјај. Во истиот момент се отвораше влезната вратничка на кутијата и низ неа се гледаше слика на вештачки водопад, во кој исти такви кристални цевчиња се свртеа околу својата оска и се движеа по вертикала, создавајќи илузија на вода што тече. Крупните лалиња во центарот ги отвораа ливчињата посипани со вештачки кристали и на толчниците слични на пирамида можеше да се види живописен двоглав орел, како и знаци на руски ордени. Над сето тоа на секои пет секунди грижливите женки на орлите испуштаа бисери во клуновите на своите млади“.

Најскапиот: Дијамантот „Орлов“ за Екатерина II

Брилијантот „Орлов“ на царскиот жезол.

Најголемиот дијамант пронајден во Индија е толку стар што имал многу имиња, меѓу кои и „Големиот могул“ (по називот на империјата на индиските шахови на кои им припаѓал) и „Синајската Гора“. Пронајден е во Индија на почетокот на XVII век и се наоѓал таму до 1738 година, кога Надир-шах ја освоил Индија и ја однел скапоценоста во Персија. Не е јасно како дијамантот потоа дошол во Европа. Имено, кон средината на XVIII век се нашол во Лондон.

Според легендата, дијамантот ѝ го подарил на царицата нејзиниот миленик, грофот Григориј Орлов на 24 ноември 1773 година, на прославата на нејзиниот именден. Прускиот пратеник, грофот Виктор фон Золмс, вака го опишал тој момент: „Сите што влегуваа во салата подаруваа огромни букети цвеќе, иако веќе беше есен, а некој ќе ѝ подареше и сувенир што специјално го чувал за оваа пригода. Само грофот Григориј влезе со празни раце. Откако забележа, наводно, дека само тој отстапува од општото расположение, грофот се удри по челото и потресено рече: „Прости ми, матушка! Денес ти е таков празник, а јас, стара будала (тогаш Орлов имал 39 години – заб. на уред.), го изгубив умот. Но, не лути се, имам една ситница... Можеби ќе ти послужи... Не ме одбивај“. Кажувајќи го ова, тој извади од џебот на својот елек сплескано кутивче во кое имаше скапоцен дијамант“.

Вистината е малку попрозаична. Тој „подарок“ Екатерина II си го подарила самата себеси. Дијамантот бил купен од ерменскиот трговец Лазарев за 400 илјади рубли, што е огромна сума која ни миленикот на царицата не можел да ја има. Бил платен од државната каса на седум годишни рати. Истата 1774 година дијамантот „Орлов“ бил вметнат во врвот на царскиот жезол на Руската империја, каде што е и денес.

Највредниот како уметничко дело: Орел од слонова коска за Николај II

„Орел на трупец“

Скулптурата „Орел на трупец“, како и параванот за неа, е направена како подарок од 122-от император на Јапонија Мацухито на рускиот владетел Николај II кога бил крунисан во 1896 година. Орелот е направен од познатиот јапонски скулптор Канеда Кенџиро. Сега е еден од главните експонати на Музејот на Истокот во Москва, каде што за оваа скулптура е издвоена посебна сала. Основата на скулптурата е направена од дрво и покриена со перје изрезбарено од слонова коска, со преку 1500 посебни делови. Главата заедно со перјето околу неа е издлабена од едно парче бивна, а орловите канџи и очите се направени од рог.

Орелот во Јапонија, како и во европската хералдика, симболизира моќ и власт. Очигледно е избран како пригоден подарок за монархот на земјата на чиј грб е двоглав орел. Борот на кој стои птицата е симбол на долговечноста, а карпите (на параванот) се желба примачот да биде со неуморен и цврст дух и долго и успешно да управува со својата земја.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња