„Нормандиската четворка“ против заострувањата во Донбас

Кристијан Хартман / Ројтерс
Министрите за странски работи на Русија, Украина, Франција и на Германија ги повикаа страните во конфликтот во Донбас веднаш да се договорат за повлекување на тешкото вооружување од линијата на конфликтот и да ги исполнат сите точки од минската спогодба. Ова е неопходно за да се избегнат нови ескалации на воените дејствија. Руските експерти велат дека постои шанса за мирно решавање, но забележуваат дека постои и цела низа причини поради која мировниот процес е закочен.

Средбата на министрите за надворешни работи на Русија, Германија, Франција и на Украина се одржа на 23 јуни во Париз. Преговорите траеја повеќе од три часа. Шефот на руското министерство за надворешни работи Сергеј Лавров, зборувајќи за резултатите од средбата, изјави дека министрите во основа дискутирале за тоа како може да се обезбеди директен дијалог помеѓу Киев и бунтовниците.

Како што изјави шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер, во Париз многу време било посветено за да се дојде до тоа кој е виновен за нарушувањето на прекинот на огнот. Неговиот француски колега Лоран Фабиус изјави дека министрите за надворешни работи повикале до 26 јуни да биде постигната спогодба за повлекување на тенковите и на другото тешко вооружување од зоната на конфликтот. Од своја страна, пак, министерот за надворешни работи на Украина Павло Климкин по средбата изјави дека решавачки остануваат три теми: прекинот на огнот, размена на заробениците и избори во регионите на судирот според стандардите на ОБСЕ.

Контролни механизми

Според мислењето на шефот на Одделението за европска безбедност на Институтот за Европа при Руската академија на науките Дмитриј Данилов средбата во Париз претставува уште еден обид за справување со оние нешта поради кои минскиот процес заостанува, а што резултира со заострување на ситуацијата во Донбас.

Претходно, на почетокот на јуни, во Маринка, фактички предградие на Донецк, се водеа жестоки борби, во кои, според некои податоци, загинале неколку десетици лица. Во Донбас продолжуваат секојдневните престрелки, за кои двете страни меѓусебно се обвинуваат. Како што забележува експертот, конкретни мерки за подобрување на состојбата со безбедноста, а кои биле предложени на средбата, се демилитаризација на Широкино (село во Донецката област, кое во последно време претставува место за вооружени конфликти помеѓу киевската војска и бунтовниците) и обезбедување вистинска контрола на режимот на прекин на огнот со помош, пред сè, на мисијата на ОБСЕ.

Според Данилов, постои основа за умерен оптимизам во однос на процесот за мирно регулирање на конфликтите во Донбас, без оглед на секојдневните вести за престрелки. За ова, според него, сведочи тоа што спонзорите на мирното решавање на кризата ги активираат своите сили. Надежта за мирно решавање на конфликтот Данилов ја поврзува и со функционирањето на контролни механизми во зоната на конфликтот – како мисијата на ОБСЕ, така и Контролната комисија, во која има претставници од РФ и од Украина. Таа се наоѓа на граничната линија и набљудува како се спроведуваат минските спогодби.

Страните не се подготвени за мир?

Паралелно со средбата во француската престолнина на 23 јуни во Минск се одржа и петтиот круг преговори на Контактната група, составена од претставници од Русија, Украина, ОБСЕ и од регионите од конфликтот. Во белоруската престолнина не беше постигнат никаков напредок. Беше соопштено дека е донесена одлука за интензивирање на работата во подгрупи за политички прашања. Ова беше направено по предлог на ОБСЕ. Во Минск една подгрупа ја разгледуваше темата за изборите и за посебниот статус на Донбас. Друга подгрупа, пак, дискутираше за хуманитарните прашања, за подготовка на нова размена на заробеници.

Во исто време, постои мислење дека ниту во „нормандискиот формат“, ниту во рамките на работата на Контактната група не можат да се очекуваат сериозни резултати, сè дури спротивставените страни, Киев и самопрогласените републики, не се откажат од искушението и од можноста да дојдат до својата цел по воен пат.

Според Александар Храмчихин, заменик-директор на Институтот за политичка и воена анализа, сегашната форма на конфликтот со помалку интензивни воени дејствија е последица на притисокот врз двете страни што го вршат другите играчи. Притоа, според него, причината што не постои понатамошно заострување, во прв ред е поврзано со тоа дека „никој не сака да започне прв“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња